Правописни и интерпункциски знаци

Правописни и интерпункциски знаци се знаци кои се користат во различни функции.

Некои знаци се користат и како правописни и како интерпункциски.

Во реченицата се среќаваат следниве интерпункциски знаци: точка (.), запирка (,), прашалник (?), извичник (!), точка и запирка (;), две точки (:), три точки (…), загради – заоблени и квадратни ([]), црта (тире) (—), наводници („“) и полунаводници (‘’).

Дел од интерпункциските знаци се користат и како правописни. Tука спаѓаат: точка (.), запирка (,),  две точки (:),  црта (тире) (—), цртичка (-), апостроф (’), коса црта (/), загради, ѕвездичка (*), надреден знак (`), акцентски знак (´), белина (празно место) и др.

Правописните знаци служат за разбирање на конкретен збор или група зборови во реченицата.

На пример:

Бидејќи се разликуваат во своето значење, зборовите не и нè ги пишуваме различно.

Не ја означува негацијата и служи за одречни форми.

Нè ја означува кратката заменска форма од личната заменка за означување директен предмет (акузатив) во прво лице множина.

Надредниот знак, односно цртичката од лево кон десно над самогласката е, е правописен знак.

Интерпункцијата претставува систем од писмени знаци со кои се означуваат почетокот и крајот на реченицата, границата и односите меѓу дел-речениците и меѓу реченичните членови; интонацијата, темпото и паузите при зборувањето. Интерпункцијата ги опфаќа и правилата за употреба на знаците.