Семјуел Бекет

Семјуел Бекет (1906 – 1989)

 

Семјуел Бекет е претставник на театарот на апсурдот, односно антидрамата. Апсурдноста која започнува со егзистенцијализмот во антидрамата е уште понагласена. Таа се постигнува со повторување на исти бесмислици како средство за комуникација и отфрлајќи ги класичните драмски белези.

Бекет е раскажувач, критичар и драмски писател кој својата слава ќе ја здобие со драмата Чекајќи го Годо “. Таа ќе ги подели мислењата на критичарите, но и ќе го одбележи столетието.
Бекет е роден 1906 година во Фоксрок, во близина на Даблин, Ирска. Студирал француски и италијански јазик на Тринити – колеџот во Даблин, а по дипломирањето заминал во Париз каде работел како лектор по англиски јазик. Во тоа време се запознал со Џемс Џојс, тогаш веќе познат писател со романот Улис“. Бекет напишал есеј за неговиот роман Финеган бдее“, и тогаш почнува поактивно да се занимава со пишување. Во текот на Втората светска војна се приклучува во движењето на отпорот, а по војната своите дела ги издава на француски јазик, а потоа ги преведува на англиски јазик.
 Најзначајните дела на Бекет се романите: Марфи“, Молоа“, Малон умира“, Неименливото“; драмите: Чекајќи го Годо “, Крај на игра“, Среќни денови“, Игра“; и апстрактни, многу кратки драмски акти: Појди – дојди“ (со 121 збор) и Чин без зборови“ (нема зборови).
 Добитник е на Нобеловата награда за литература во 1969 година.

Карактеристики на драмата Чекајќи го Годо

Чекајќи го Годо “ од Бекет е антидрама (театар на апсурдот), која претставува празнина, чекање како празно дејство. Во неа има низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо – само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.
Ако животот на Мерсо од „Странецот“ на Ками е бесмислен и апсурден, тогаш животот и ликовите во оваа драма се супербесмислени и суперапсурдни.
Темата на драмата е содржана во насловот, чекањето на двата главни лика (Естрагон и Владимир) на Годо, кој им ветува работа и подобар живот.
Идејата е во бесмислата на животот која сепак е поткрепена со надеж за подобра иднина и пронаоѓање на смислата. Надеж, дека утре ќе биде подобро, дека утре можеби ќе дојде Годо.
Во оваа драма сè е релативно. Времето, местото, па и ликовите. Времето е денес, утре и вчера, а можеби и не е. Самите ликови не знаат дали чекале вчера или некогаш порано, а и утре можеби ќе чекаат, ако стигнат на време. Местото е покрај некое дрво, кое можеби е грмушка. Апсурдот на релативизирањето оди до таму што не е сигурно дали е тоа вистинското место каде што се договориле да се чекаат и дали и вчера биле тука или првпат доаѓаат.
Драмата е трагикомедија во два чина, во кои дејството речиси се повторува.