„ Слово за празниците“ е оригинален текст на Кирил Пејчиновиќ напишан на народен јазик, тетовски говор.

Тоа е текст од книгата „Огледало“.

Темата во текстот е празнувањето на христијанските празници.

Идејата е како да се поправат грешките при празнувањето.

Во овој текст, за разлика од традиционалните црковни проповеди каде примерите се земени од светите книги, Пејчиновиќ примерите ги земал од секојдневниот живот на селаните.

Освен тоа, во текстот има и дијалози во кои зборуваат селаните што за првпат се сретнува во нашата литература и тоа во книга наменета за црковна богослужба.  Затоа овој текст дава слика за положбата и начинот на живот на нашиот народ во почетокот на XIX век.

На почетокот од текстот авторот ги потсетува луѓето на нивните христијански должности и дава совети како да се празнуваат празниците: Водици, Прочка и Велигден.

Тој ги истакнува негативните појави: суеверието (носењето на амајлии) и курбанот (принесување на жртви), кои се спротивни на христијанските обичаи.

Понатаму, го критикува непочитувањето на постот, прекумерното пијанчење, невоздржаноста и примитивноста на селаните. Но, не се задржува само на нив. Ја критикува и примитивноста и неукоста на поповите кои наместо да бидат духовни водачи на народот, станале негови ограбувачи.

Целта на Пејчиновиќ не била да им се потсмева, туку да ги насочи на вистинскиот пат и селаните и поповите. Затоа вели: „…да живуемо како браќа, еден за другаго да се молимо, еден другаго да жалимо, еден другому да помажемо, еден другому тежина да носимо…“