Почетна » македонски јазик » морфологија » сложени глаголски форми » „Судбината на човекот“ од Шолохов

„Судбината на човекот“ од Шолохов

„Судбината на човекот“ е расказ (новела) од Михаил Шолохов.
Тоа е расказ за обичниот руски војник и неговата судбина во текот на Втората светска војна.
Иако во него се среќаваме со грозни нехумани ситуации, сепак, во целиот расказ провејува топлина, хуманизам, добрина.
Нараторот е главниот лик, Андреј Соколов, кој полека, без вознемирување му го раскажува својот живот на еден непознат човек со кого случајно се сретнува чекајќи да дојде сплав за минување на реката.

Расказот започнува со човекот кој ќе ја ислуша „судбината“ на патникот со малото детенце и кој на крајот ќе срони машка солза, но кој, исто така, ќе се наполни со надеж – надеж дека човек иако може да загуби сѐ, сепак ќе изнајде начин да живее, да продолжи, да биде уште похуман од порано, да им помага на тие околу себе – така осмислувајќи си го животот.

Содржина на расказот

Со раскажувањето на својот живот Андреј Соколов започнува многу концизно – во еден пасус опишува речиси триесетина години:
.
 „ Отпрвин животот ми беше обичен. Јас сум од кај Воронешката губернија, илјада деветстотата сум роден. Во Граѓанската војна бев во Црвената армија, во дивизијата на Киквидзе. Во гладната дваесет и втора година појдов во Кубан да им аргатувам на кулаците, затоа и испливав. А татко ми, мајка ми, сестричето изумреа дома од гладот. Останав сам. Од рода – земјата да ја испревртиш, – нигде никого, ни една душа. Е, по година време се вратив од Кубан, го продадов куќурето и отидов во Воронеж. Отпрвин работев во дрводелската задруга, а потоа влегов на работа во фабрика, изучив за бравар. Набргу се оженив. Жената се воспитувала во детски дом. Сираче. Добра девојка најдов! Кротка, весела, угодлива и умна, не бев за неа. Таа уште од детски години разбрала што е маки да трпиш, – може тоа и подејствувало на нејзиниот карактер. Отстрана кога ја гледаш – не беше баш навидум, но јас не ја гледав неа отстрана, туку в очи. И за мене немаше поубава и посакана жена од неа, немаше на светот и нема да има!“
Со истиот спокоен ритам продолжува неговото раскажување за првите години од бракот, за неговите пијанства и мамурлаци со кои кротката Иринка прекрасно се справувала. Таа не била како другите жени кои се карале со своите мажи кога ќе се вратат пијани, туку без прекор и викотници му помагала да се собуе и да си легне в кревет. Ноќта ја чувствувал како таа го гали, а изутрина го будела малку порано за да може да се опорави за на работа, му давала кисела краставичка да касне и малку вотка. Чувствувајќи вина за ваквото свое однесување, жалејќи ја жена си и нејзината добрина, Андреј престанал да пие. А кога им се родиле децата, прво машко, а потоа уште две девојчиња, сосема престанал да оди со другарите и сета плата ја носел дома. Потоа изучил за шофер и возел камион и така му минале 10 години – како миг. Децата биле одлични во училиште, а особено синот Анаталиј и неговата дарба по математика за кого дури во весниците пишувало.
За тие десетина години собрале малку пари и пред почетокот на војната си изградиле куќичка во близина на фабриката за авиони, Иринка купила две кози и животот течел токму како што човек можел да си посака – во мир, хармонија и успех.
.

Почетокот на војната

Но, почнала војната, а со неа и страдањата. Војната започнува со потресната сцена на разделбата на железничката станица кога Иринка не може да се смири од плачење:
„Други жени разговараат со мажите, со синовите, а мојава се стиснала до мене како лист до вејката, и сета само трепери, збор да проусти не може. Јас ѝ велам: „Свести се, мила моја Иринке! Кажи ми барем еден збор на разделбава.“ А таа и зборува, и по секој збор липа: „Мили мој… Андрјуша… нема веќе… да се видиме… ние со тебе… на овој… свет…
Ја турнав божем пополецка, а сила имав улавска; таа се подистави, отстапи едно три чекори, раце подава, а јас ѝ викам: „Ами така ли се разделуваат? Зошто предверме жив ме закопуваш?!“ Па пак ја прегрнав, гледам дека не е на себе…“
Ваквата разделба Соколов не може да си ја прости. Жали што ја оттурнал жена си при разделбата мислејќи само на себе. Тогаш, тој не помислувал дека може таа да умре, а не тој, како и што се случува.

Војникот Соколов

Како војник Соколов преживува тешки времиња, за една година двапати бил ранет, а веќе 1942 година бил заробен од Германците.
Со својот камион тој бил соборен од граната и едвај преживеал.
Како заробеник, со други пленици е преместуван од место во место, па сместен во една црква чиј кров бил разрушен од граната. Ноќта истура дожд, па сите стануваат жива вода.
За случувањата во црквата раскажувањето е поопширно и претставени се неколку нови ликови. Лекарот, кој цела ноќ им помагал на ранетите, и му ја исправил ишчашената рака на Соколов; војникот – христијанин (богомолец) кој не сакал како што биле сите принудени да изврши нужда внатре во црквата – па таа своја религиозност ја плаќа со живот; предавникот кој безмилосно ќе ги каже сите што Германците веднаш ги стрелаат – комунисти, Евреи и кого лично Соколов ќе го убие ноќта на спиење за да не ги предаде недолжните. Утредента сите ги постројуваат пред црквата и само четворица од двесте издвоиле за стрелање, од кои само еден бил Евреин, а другите биле Руси, но малку црномурни и кадрави.

Во плеништво

За време на плеништвото Соколов еднаш се обидува да избега и речиси успеал во тоа, но германските пци сепак го пронаоѓаат. Цел месец го фрлиле во самица, но тој успеал да преживее. А потоа две години го носеле по сета Германија да работи.
Работејќи во каменолом во еден логор, измачен и гладен, тој кажува дека секој ден мора да изработи четири кубика, а за својот гроб доста му е само еден. Оваа смела иронија ќе му биде пренесена на командирот, а Соколов повикан кај него. Јасно било дека оди во смрт, па затоа и се простил со другарите. Командирот му вели дека за зборовите што ги кажал ќе ја има честа да биде убиен лично од него, но пред тоа му понудува чаша вотка за победата на германското оружје.
Но, гордиот и чесен Русин, војникот кој е подготвен да умре за својата татковина, одбива да пие за победата на непријателот и му вели на командирот дека тој воопшто не пие.
Германецот се поднасмеал и му рекол ако не сака за германската победа, тогаш нека се напие за сопствената смрт. Во таа чест, Соколов пие. Командантот му понудува и да касне пред својата смрт, на што Соколов одговара дека по првата чашка тој не каснува. Тогаш Германецот му става втора чаша која Соколов веднаш ја испива, без да го допре мезето, мислејќи си дека е доволно храбар, а и дека барем ќе се изнапие пред да оди во смрт.
Кога и по втората чашка вели дека не јаде, кај присутните Германци предизвикува смеа, по што ја добива и третата чаша. По неа, тој зема од мезето и каснува. Ваквата храбра постапка му се допаднала на командантот кој го нарекува храбар руски војник и достоен противник, по што му го помилува животот и му дава храна за награда.

Бегство

Ги преживува Соколов сите логорски стравотии, бил повторно преместуван и на крајот му бил доделен на еден дебелкав инженер мајор да го вози. Со него, бидејќи тој градел одбранбени ровови, Соколов се приближува до борбената линија и почнува да ја слуша својата руска војска и артилерија. Таму тој начекува погоден момент, земал германска униформа за себе и заедно со мајорот и неговите документи преминува преку линијата на фронтот кај своите.
Како херој го предава заробениот германски мајор и ја бакнува руската земја од која бил одвоен долго време. Иако сакал веднаш да се вклучи во фронтот, сепак го праќаат во болница да се опорави .

Судбината на семејството

Од болницата веднаш ѝ пратил писмо на жена си Ирина. Дури по три недели добил писмо од Воронеж, но не од Ирина, туку од соседот. Во него дознава дека уште во 1942 година (веќе две години) Германците ја бомбардирале фабриката за авиони и една бомба паднала точно врз неговата куќа. Ирина и ќерките биле дома и од нив ни трага не можеле да најдат, бидејќи на местото од куќата останала само длабока јама.
За среќа, синот Анатолиј тоа време бил во град  па така останал жив. Кога се вратил и ја видел јамата, веднаш се пријавил за доброволец на фронтот. 

Преживеаниот син

Соколов стапил во контакт со синот од кого добил писмо и каде дознал дека тој прво бил во артилериско училиште, па по една година добил чин на капетан и командувал со батерија.
До сега имал добиено дури шест ордени и медали.
Тогаш гордиот татко почнал да мечтае за крајот на војната, за тоа како ќе го ожени сина си, ќе работи како дрводелец и ќе ги гледа внучињата. Но, ни таа среќа не ја доживеал.
Веќе пред крајот на војната, кога целата руска војска се движела кон Берлин, Соколов му пратил писменце на сина си:
„… и утредента веќе добив одговор. Тогаш дури разбрав дека јас и син ми сме дошле до германската столнина по разни патишта, но дека се наоѓаме близу еден до друг. Чекам, не можам да дочекам кога ќе се видиме, просто не верувам. И се видовме… Токму на деветти мај, утрото, на Денот на победата, германски снајпер го убил мојот Анатолија…

По завршувањето на војната

По војната храбриот војник Соколов нема веќе за што да живее ниту каде да живее. Оди кај некои свои пријатели, таму се сместува и работи како возач. Во гратчето често седел во чајџилницата каде поткаснувал нешто, а пред неа гледал едно мало детенце кое постојано било само. Еден ден, Соколов го викнал по име и го поканил да дојде со него да го повози со камионот, а потоа и да ручаат.
Во текот на возењето го распрашува детенцето Вања за неговите родители и дознава дека таткото загинал на фронтот, а мајката умрела од бомба во возот со кој патувале. Малиот Вања не знаел ни каде патувале ни каде стигнал. Тој останал сосема сам, таму некаде – во големата Русија.

Малото детенце Вања

Горчина и жал го стегнале Соколов за судбината на малото детенце, дури повеќе отколку за својата сопствена и тогаш ја смислува лагата во која го гледа спасот за двајцата:
„Вањушка, ами знаеш ли кој сум јас?“ Тој праша небаре воздивна: „Кој?“ Јас и му одговорив така тивко: „Јас сум твојот татко“.
Боже, што се случи тогаш! Се фрли кон мене, ми се обеси околу врат, ме бакнува во образите, во устата, во челото, и како пупунче толку ѕвонливо и танко вика, што дури ни во кабината ништо не се слуша: „Татенце, татенце мили! Јас знаев! Знаев дека ќе ме најдеш! Сепак ќе ме најдеш. Јас толку долго чекав да ме најдеш!“
Соколов го носи Вања дома, кај своите пријатели, го претставува како свој син, а тие така и го прифаќаат. Целосно му се посветува на детето иако го боли што понекогаш мора да го лаже:
Татенце, каде ти е тебе кожното палто? Во животот никогаш не сум имал кожно палто! Морав да излажам. Во Воронеж остана, му реков. Ама ти тато, зошто толку долго ме бараше? Му одговорив – Јас тебе синче и во Германија те барав, и во Полска, и сета Белорусија ја изодив и ја пропатував, а ти во Урјупинск си било. Ама тато, Урјупинск близу до Германија е? А до Полска, тоа далеку ли е од нашата куќа? И така брборевме со него дури не заспавме.
Но таа лага престанува да боли зашто станува единствена и цврста вистина. Синот треба да порасне и да биде вистински Рус, храбар и истраен, хуман и издржлив – ист како неговиот татко. Не смее да биде сам, осамен и напуштен без никаква надеж во иднината.
Така завршува расказот, со вкрстувањето на ужасните судбини на луѓето по завршената војна, но и со надеж дека помагајќи си едни на други може да се изгради иднината.

Можеби ќе те интересира нешто повеќе за главниот лик од расказот. За него можеш да прочиташ во текстот наменет за писмена работа на следнава ВРСКА.

.
Scroll to Top