Точка и запирка (;)

Точка и запирка (;) е  интерпункциски знак. (Не се употребува како правописен знак.)
Точка и запирка се употребува:
  • да се одделат независни реченици во составот на една сложена реченица составена од повеќе реченици, особено кога во нив има запирки;

На пример: На постарите им е тешко да го држат чекорот со модерната технологија; со употребата на новите паметни телефони, таблети и лаптопи; со интернетот и социјалните мрежи; со сето она што за младите е секојдневие.

  • кај независните реченици поврзани со сврзниците: но, ама, сепак, меѓутоа, кои влегуваат во составот на една поголема реченица, особено ако во реченицата има повеќе запирки;

На пример: Ние му зборувавме, му укажувавме, го молевме; но ништо не помогна.

  • кај зависни реченици кои се однесуваат на една главна;

На пример: Кога ќе научиш; кога ќе ги напишеш домашните задачи; кога ќе си ја средиш собата, тогаш може да излезеш.

  • кога следува дообјаснување или завршна мисла;

На пример: Марко, претседателот на класот; Весна, заменикот и Милена, благајникот; сите беа на состанокот.

Ги испековме пиперките, ги излупивме, Петре ги мелеше, Весна ги пржеше и мешаше; на крајот сите седнавме да го јадеме ајварот.

  • при набројување подолги несамостојни зборовни состави што содржат други интерпункциски знаци, особено запирки.