Три точки (…)

Три точки (…) се интерпункциски знак.

Три точки се пишуваат:

  • на крајот на незавршен исказ или во средината на реченицата ако се јавува прекин. Пред нив нема белина (празно место), односно се пишуваат веднаш зад последниот збор, а по нив има белина.

На пример:

Не знае дека тука тешко се живее, не знае дека нема за леб, не знае… Ќе дојде, па ќе види.

Сите ќе слушнат за мојата радост… за успехот на мојот син.

  • во незавршен исказ од прашални или извични реченици;

На пример:

Ах!… Толку болка!… Ќе има ли сето ова крај?…

  • за означување застој во говорот или при испрекинато зборување;

На пример:

Да… токму така, денес е тој ден.

Зо… зо… зошто не ми кажа веднаш?

  • при пренесување делови од разговор (телефонски, електронски) за обележување застој и подолга пауза во исказот;

На пример:

– Добар ден… се јавувам во врска со наградната игра.

  • за означување прекин на натамошно набројување;

На пример:

Македонија е земја на сонцето, планините, водите…

* Во овој случај, наместо трите точки, може да употребиме зборови и кратенки, како: и така натаму (итн.),  и слично (и сл.), и друго (и др.).