Почетна » македонски јазик » наука за јазикот » „Ленка“ од Кочо Рацин

„Ленка“ од Кочо Рацин

„Ленка“ е една од песните од стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин.
Таа е лирска песна, елегија (тажна).

Ова е можеби најпознатата, антологиската песна на Рацин.

.

Ленка
.
                              „Билјана платно белеше…“
.
Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол —
лицето ѝ се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.
.
Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни — жолти отрови
за гради — китки розови.
.
Прва година помина
грутка в срцето ѝ легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
.
И ноќе кога месечко
гроб ѝ со свила виеше.
Ветерчок тихо над неа
жална ѝ тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна…“
.
Анализа на песната
.
Тажната песна за девојката Ленка, Рацин ја започнува директно, концизно и јасно, со принуденоста на девојката да го остави подготвувањето на својот чеиз и поради сиромаштијата да оди и да работи во монополот.
Таа мачна работа не е за девојки и таа веднаш се изменила во ликот и се разболела.
Во вториот дел, револтирано се извикува дека Ленка не треба да оди и да работи, бидејќи тутунот е отров кој за таквото нежно и младо суштество ќе биде кобен.
Преку градација, во третата строфа, со многу стегнат израз, само во шест стиха, поетот успева да ни ја претстави нејзината трагедија. Нејзината болест (грутка в срце), нејзината претсмртна мака (болест ја в гради искина) и нејзината смрт (земјата покри снагата). Во тие услови толку вреди човековиот живот — шест стиха!
На крајот е изразена тагата за залудно загубениот живот, за неостварените соништа на Ленка, да се омажи и да создаде семејство.
.
Версификациски одлики
.
Песната „Ленка“ е организирана во четири строфи со различен број стихови: октава, катрена, секстина и септима. Значи, таа е хетерострофична.
Стихот е осмерец (со осум слога) и неримуван (бели стихови).
Од стилските изразни средства се застапени:
  • епитети (кошула тенка ленена; пусти тутуни)
  • метафори (тутуни — жолти отрови; за гради — китки розови)
  • градација (степенување):
    Прва година помина
    грутка в срцето ѝ легна,
    втора година намина
    болест ја в гради искина.
    Трета година земјата
    на Ленка покри снагата.
  • реторско прашање
    Зошто ми, зошто остана
    кошула недоткаена?
  • асонанца (во целата песна, а особено на крајот се повторува самогласката О, како и У – двете заокружени самогласки).
Scroll to Top