Видови множина кај именките

Видови множина кај именките во македонскиот јазик се: обична, избројана и збирна.

1. Обичната множина означува дека имаме повеќе (множество) од именуваните предмети.

На пример: маж – мажи; маса – маси; село – села.

2. Избројаната множина се однесува на точно избројани предмети. Пред ваквата множина секогаш стои број или некој прилог за количество. (Само именки од машки род.)

На пример: 2 молива, 5 снопа, 3 листа, неколку часа, итн.

3. Збирната множина означува колективно единство од повеќе предмети. Тие се гледаат како целост.

На пример: снопје, лисје, ридје/ридишта, краишта.

 

Обичната и збирната множина ја имаат именките од сите три рода, а избројаната е карактеристична само за именките од машки род кои во еднина завршуваат на согласка.

 

Множина кај именки од машки род

 

  • Обична множина се образува со наставките: -и, -ови/-еви, -вци (-овци).

Со наставката -и почесто прават множина повеќесложните зборови (ретко едносложните): родител — родители, писател — писатели, гледач — гледачи; коњ — коњи, прст — прсти.

Наставката -ови/-еви ја имаат едносложните зборови: број — броеви, слој — слоеви, клуч — клучови (клучеви), кеј — кејови, стол — столови.

Со наставката -вци множина прават именките што означуваат роднински врски и личните имиња: дедовци, чичковци, тетиновци; Петковци, Јаневци, Матовци.

  • Исклучоци при образување множина се именките: ветрови (од: ветер), огнови (од: оган), браќа (од: брат), луѓе (од: човек).
  • Избројаната множина се прави со наставката -а и секогаш одат со некој број или количествен прилог: два клуча, три броја, пет стола, десет коња,  неколку дена.
  • Збирната множина се образува со наставките: -је, -ја, -ишта: лисје, снопје, ридје/ридишта, краишта.

 

Множина кај именки од женски род

 

  • обична множина образуваат со наставката : вести, птици, маси, столици;
  • исклучок се именките: раце, нозе (од: рака, нога).

 

Множина кај именки од среден род

 

  • Обична множина прават со наставките: -а, -иња, и поретко со -и: грла, села, јагниња, времиња, очи.
  • Посебна форма е деца (од: дете).

 

Прочитај повеќе за:

Граматички категории кај именките

Образување на именките

Вокативни форми кај именките

Функцијата на именките во реченицата