Глаголски конструкции со има/нема

Глаголски конструкции со има/нема се сложени глаголски форми.

Тие се карактеристични за македонскиот јазик и ги нема во другите јазици.

 

Овие сложени форми се образуваат така што помошниот глагол има/нема ги носи сите обележја, а самиот глагол е всушност глаголска придавка во среден род.

Овие конструкции особено многу се употребуваат во западното македонско наречје.

Се образува со:

има/нема и глаголска придавка во среден род

 

На пример: Ги имам носено тие чевли пет години.

Формите на помошниот глагол има/нема може да се менуваат во сите времиња, но нивното значење е малку поинакво:

 

На пример:
имам земено – форма на сегашно време
имав земено – форма на минато определено време
сум имал земено – форма на минато неопределено време
бев имал земено – форма на предминато време
ќе имам земено – форма на идно време
ќе имав земено – форма на минато-идно време
ќе сум имал земено – форма на идно прекажано време
би имал земено – форма на можен начин

 

Со овие глаголски форми се утврдува еден момент – сегашен, минат или иден до кој се сведува извршеноста на дејството. Така, имам носено (формата за сегашно време) значи дека дејството е извршено воопшто во минатото до моментот на зборувањето (има значење на минато определено); имав носено – дејството се извршило воопшто во минатото (има значење на минато неопределено) итн.