Членот кај именките

Дали сте знаеле дека членот кај именките потекнува од показните заменки?

Именките и нивните граматички категории во македонскиот јазик се многу упростени во однос на другите словенски јазици. Тоа е пред сѐ поради губењето на деклинацијата, односно падежните форми.

Единствени остатоци имаме од вокативот во формите за обраќање.

Карактеристично за именките е нивното постпозитивно членување. Именките се определуваат со наставка.
Членската наставка потекнува од показните заменки: овој, оној и тој. Од нив се образувале наставките: -ов, -он и -от.

На пример, истото значење го имаат: овој човек и човеков (што се наоѓа во близина); оној човек и човекон (пооддалечен); тој човек и човекот (определен).