„Авантурите на Артур Гордон Пим“ – По

„Авантурите на Артур Гордон Пим“ е единствениот завршен роман од Едгар Алан По објавен 1838 година.
Според насловот, романот би можеле да го класифицираме како авантуристички, но во него има многу автобиографски елементи, како и мотиви карактеристични за симболизмот.
Ова дело на По ги инспирирало нејголемите авантуристички автори, како што се Херман Мелвил („Моби Дик“) и Жил Верн („20 000 милји под морето“, „Пат околу светот за 80 дена“) да ги напишат своите препознатливи романи.

Иако се гледал себеси како реалист, По во својот роман, опишувајќи ги бизарните искуства на Гордон Пим, се покажал како господар на фикцијата.

Главниот јунак, во потрага по авантура, бега од дома и станува слеп патник на Грампус. За време на патувањето ќе го искуси затворот во утробата на бродот, бунтот на морнарите, борбата со одметниците, бурата, гладот и жедта на бродот кој полека тоне, канибализмот, средбата со суровото црнечко племе и патот кон Јужниот Пол.
Романот има пролог и епилог кој дава псевдо-документарна рамка на раскажаното.

 

Содржина

 

Делото има 25 поглавја, вовед и поговор. Поглавјата, не вклучувајќи ги прологот и епилогот, можеме да ги поделиме во четири дела.

 

Прв дел (поглавје 1)

 

Делото започнува со информации за главниот лик, раскажувачот, Артур Гордон Пим, пренесени во прво лице (јас-раскажувач).
Кажува дека е роден на островот Нантукет, познат по своето рибарско пристаниште и китоловството. Дека татко му бил богат трговец со поморска стока, а дедо му од мајка, успешен адвокат, кој него најмногу го сакал и очекувал тој да му го остави сето наследство нему. Раскажува за своето образование и пријателството со Август, чиј татко бил капетан на брод.

Август честопати патувал со својот татко, па неговите приказни биле мошне интересни, а Артур како редовен гостин во нивниот дом со задоволство ги слушал.
Тие приказни толку го маѓепсале Артура што и самиот посакувал да тргне во авантури по морето.

 

Првата авантура

 

Една вечер, по многу пиење, Артур останал да преспие во домот на Август. Во текот на ноќта, во бунило, Август станал и му се воодушевувал на ветрот кој не смеел да се пропушти за пловење. Момците, горејќи од желба да искусат нова авантура, облекувајќи се надве-натри, се качиле на едрилицата на Пим, Ариел, и испловиле. Откако се нашле далеку од брегот, Артур сфатил дека Август е мртов пијан и не знае што прави, па тој ја презел командата на едрилицата иако не знаел како да управува со неа. Ветрот и невремето се засилувале. Бурата го гонела Артур да се справува со едрата и кормилото, но безуспешно. По сите напори, тој се нашол главечки стркалан и онесвестен врз телото на Август.

Се освестил на бродот „Пингвин“ додека Август се трудел да го загрее триејќи му ги рацете.
Чиста среќа било нивното спасување од страна на екипажот на бродот. Капетанот не сакал ни да слушне, но морнарите упорно пребарувајќи во останките од едрилицата успеале да ги спасат двајцата другари.
Утрото, бродот впловил во пристаништето, а двајцата млади авантуристи, Артур и Август, скришно влегле во куќата и се појавиле на појадокот како ништо да не се случило.
Секој разумен човек по вакво искуство, соочувајќи се со смртта, би се откажал од непромислени морски авантури. Секој разумен би помислил дека ова е врвот на стравотијата што може да му се случи на еден човек. Но, не и Артур! Артур сака да продолжи понатаму, сака да ја предизвика смртта, да го омаловажи животот, да ги искуси сите неиспробани вкусови на стравот и да ги види сите неистражени закани скриени на Земјата и во морето.
Така, авантурите допрва ќе започнат.

 

Втор дел (од поглавје 2 до поглавје 13)

 

Подготовки за патувањето

 

Осумнаесет месеци по првата авантура, Артур ја искажал својата желба за повторно пловење пред своите домашни. Мајка му остро се спротивставила, а дедо му рекол дека нема да му остави ништо во наследство ако уште еднаш спомене пловење по море. Но, Артур не се откажал. Со својот другар Август се договорил да се качи на бродот „Грампус“, чиј капетан ќе биде неговиот татко, како слеп патник. Планот бил да се скрие во утробата на бродот и кога ќе бидат далеку од брегот и ќе нема можност да се вратат, да излезе на палубата. Таткото на Август тоа би го сфатил како успешна шега, а родителите на Артур би биле известени со писмо каде се наоѓа нивниот син.

Следуваат долгите подготовки и опремувањето на скриениот простор во внатрешноста на бродот за неколкудневниот престој на Артур.

 

Во утробата на бродот

 

Тесниот и темен простор, послан со душек, во кој освен да лежи, Артур можел и да седне, бил опремен со свеќи, книги, прибор за пишување и храна. Имал колбаси, шунка, печен овчи бут, бокал вода, ликери и други пијалаци. Сосема задоволен, Артур се сместил во своето скришно место каде чекал три дена и три ноќи бродот да тргне. Пред поѓањето Август кратко го посетил за да му каже дека сè е во ред и дека наредните три-четири дена нема да има можност да го ослободи.

На почетокот Артур се занимавал читајќи некоја од книгите, но многу брзо потонува во сон, во полунесвестица од задушливиот воздух. Почнува да чувствува главоболка и жед. Сфаќа дека месото му се расипало, па јаде од солените колбаси кои му ја зголемуваат жедта. Ја губи трагата на времето, не знае колку долго спие и колку долго е затворен во темнината.
Се вознемирува кога доаѓа до заклучок дека бродот е веќе многу оддалечен од брегот, а Август сепак не доаѓа да го ослободи.

 

Кучето Тигар

 

Заробен во утробата на бродот, го мачат кошмари од кои во реалноста се појавува неговото куче Тигар. Кучето му дава надеж во осаменоста и знак дека не е заборавен.

Кога собрал малку сила, тетеравејќи се и паѓајќи, чувствувајќи немоќ и слабост, успеал да дојде до капакот кој водел кон слободата. Но капакот бил заглавен, врз него имало метално јаже и не можел да се крене. Заѕидан во утробата на бродот, Пим се помирува дека ќе умре од глад и жед. Се враќа на своето место и случајно открива дека на кучето со јаже било прицврстено писмо. Тоа повторно му ја враќа надежта. Во темнината, по подолго мачење, ууспева да го прочита само крајот на писмото: „…крв… ако ти е животот мил, остани мирен!“
Уште многу часови Артур ќе остане заробен, ќе го измачува жедта, ќе халуцинира и ќе го пие алкохолот кој само ќе му ја влошува положбата.

Паднат во бессознание ќе слушне дека неговиот другар дошол по него, но ќе нема сила да викне и да даде знак дека е жив. Сепак, Август ќе го слушне металното паѓање на Артуровиот нож и ќе му донесе на својот другар вода и варени компири. Тогаш ќе му раскаже што се случувало на палубата и зошто не доаѓал да го ослободи.

 

Бунтот на морнарите

 

На палубата избувнал бунт. Дел од екипажот бил убиен од страна на бунтовниците, додека друга група, вклучувајќи го и таткото на Август, кој крвавел од главата и полека умирал, биле заробени. Август преживеал, бидејќи се спријателил со еден од бунтовниците, Дерк Питерс, кој зажалил за своите постапки.

Петерс, Пим и Август ќе направат план да ја преземат контролата врз бродот.
Пим, чие присуство не им било познато на бунтовниците, ќе чека да удри силен гром, па облечен и маскиран како дух на неодамна убиен морнар ќе се појави пред бунтовниците. Стравот што ќе ги обземе суеверните морнари ќе им обезбеди предност на тројцата и тие со помош на кучето ќе успеат да ги убијат бунтовниците и да ја преземат контролата врз бродот. Само еден од бунтовниците ќе остават жив, Ричард Паркер, кој го поштедиле за да им помогне со управувањето на бродот.

 

Бурата

 

Кратко траела среќата и надежта. Бурата се засилувала и го кршела бродот дел по дел: јарболот, платната, кормилото. Четворицата преживеани се врзале со јажиња за да не ги голтнат големите бранови. Август, чија рака била повредена и едвај преврзана, најтешко го поднел невремето.

 

Средбата со холандскиот брод

 

Изнемоштените, гладни и жедни авантуристи не знаеле што да прават од среќа кога на хоризонтот здогледале голем холандски брод. Се понадевале дека се спасени и дека ќе дојде крајот на нивните маки. На палубата го гледале насмеаниот морнар кој пријателски им климал со главата додека се приближувале.
Но, и таа среќа кратко траела. Набрзо тие почувствувале ужасна смрдеа на мртви тела. На бродот немало ниту една жива душа, а „насмеаниот“ бил всушност закачен морнар на јарболот чие лице го јаделе галебите.

 

Канибализмот

 

Во следниот период ќе се случи соочувањето со смртта од глад и жед. Тоа ќе стане толку неподносливо што Паркер ќе предложи дека е најдобро еден од нив да се жртвува за да преживеат другите. Со влечење сламка, жртвата на канибализмот ќе биде Ричард Паркер. Тоа ќе биде неколкудневно ослободување од гладот.
Потоа успеваат да извлечат од превртениот брод вино, желка, продолжувајќи ја својата агонија.
Во меѓувреме ќе умре другарот на Пим, Артур.
Помирувајќи се со смртта и безизлезот, на крајот Пим и Питерс ќе ги спаси посадата на бродот од Ливерпул, Џејн Гај.

 

Трет дел (од 14 до 20 поглавје)

 

Патувањето со бродот Џејн Гај

 

На бродот кој ги спасува, Пим и Питерс стануваат дел од посадата.
Се приклучуваат во експедицијата на лов на морски крави и фоки, како и истражување на јужните мориња.
Следува еден мирен истражувачки период кога Пим се интересира за географијата и природата, за гнездењето на пингвините и албатросите во заеднички комуни. По негов предлог, капетанот се согласува да одат уште понајуг, кон неистражените региони на Антарктикот.

Бродот поминува ледена бариера и пристигнува на отворено море, близу до Јужниот Пол, со блага клима. Тука Џејн Гај доаѓа на еден мистериозен остров наречен Тсалал, населен со племиња на црни, очигледно пријателски домородци предводени од главатарот Ту-Вит. Белата боја за нив е туѓа. Дури и забите на домородците се црни. Островот е дом на многу неоткриени видови флора и фауна. С? е чудно и различно, па дури и водата која е погуста и има разнобојни слоеви.

Односот на домородците со морнарите првично е срдечен, па Ту-Вит и капетанот почнуваат да тргуваат. Но нивното пријателство е измама. Токму пред тргнување на бродот, племето им мести стапица на морнарите и ги убива рушејќи земја врз нив. По некоја случајност Пим и Питерс остануваат живи.

Четврти дел (од 21 до 25 поглавје)

 

Пим и Питерс се кријат во планините околу местото на заседа. Откриваат лавиринт на премини во ридовите со чудни знаци на ѕидовите и не знаат дали се случајни или намерно нацртани.
Се соочуваат со недостаток на храна, јадат некои плодови што наликуваат на лешници, но кои им предизвикуваат главоболка. Успеваат да уловат и една чудна птица.
Од своето засолниште гледаат како домородците го празнат бродот и го уништуваат, го распарчуваат. Но, ќе ја направат најголемата грешка палејќи го, зашто експлозијата на оружјето ќе отепа илјадници. Тоа ќе биде страшната освета за нивната „гостопримливост“.
Пим и Питерс, обидувајќи се да украдат храна, успеваат да избегаат од островот земјќи со себе еден од домородците.

Малиот чун пловел осамен на отвореното, огромно и пусто Антарктичко Море. Се оддалечувал сè подалеку кон југ, во струи со топла вода, која станувала млечно бела.
Сè околу нив станува бело. И животните што се појавуваат од водата, и топлата расклокотена вода и дождот од пепел.
Домородецот, кој се плаши од белото, полека умира во чунот.
Пред нив се појавува огромна завеса од магла и пареа, која добива некаков облик и се отвора за тие да можат да влезат. Чунот забрзано плови и на нивниот пат се појавува огромна човечка прилика со блескавобела кожа.
Тука раскажувањето завршува нагло.

 

Поговор (епилог)

 

Кратката белешка на крајот наводно е напишана од уредниците на книгата, кои објаснуваат дека Пим бил убиен во несреќен случај и дека неговите последни две или три поглавја биле изгубени со него.
Во белешката понатаму се објаснува дека Питерс е жив во Илиноис, но во моментот не може да биде интервјуиран.

Овој поговор на некој начин е поврзан со воведот на романот (прологот) во кој се даваат белешки од страна на Пим. Тој вели дека неговите почетни патешествија се поетски преработени од господинот По, кој бил уредник на весникот во кој излегувале продолженијата. А потоа, во продолжение се прикажани авантурите директно пренесени од самиот Пим.