Правината и Кривината

Правината и Кривината

(Македонска народна приказна)

 

Некогаш останала Правината без работа, та немала пари да си купи леб за да јаде и три дена гладувала.
Шетала, одела овде-онде за да најде леб, но не можела и викнала сирота:

– Оф јас сирота, што да правам, дали ќе умрам од глад, нема ли никој да ми помогне?

Ја слушнала Кривината и излегла пред неа:

– Што те мачи, а друшко, што туку офкаш? – ѝ рече Кривината.
– Оф мори сестрице, како да не офкам, кога еве три дена не сум каснала залак лебец, само со водичка живеам!
– Бре, бре, за тоа офкаш? Дојди по мене, јас ќе те најадам од сите убајни.
– Е сполај ти мори сестро, ако го сториш тоа добро, сега да ми се најдеш, јас нема никогаш да ти заборавам.

Тргнала пуста Правина по Кривината, душа да најади, оти ќе умрела од глад. Оделе, оделе и влегла Кривината во една меана, а Правината по неа и седнале да ручаат на чесна трпеза.

Му викнала Кривината на меанџијата и му нарачала да донесе од сите турлии манџи и леб од најубавиот. Донеле сѐ и Кривината ѝ рекла на Правината да јаде и ич гајле да не бере, оти таа ќе платела за сѐ што јаделе.
На станување го викнала Кривината меанџијата за да пресмета колку чини ручекот. Пресметал меанџијата дваесет гроша.

– Мошне добро – рекла Кривината – дваесет гроша ти сакаш од мене, а јас сакам шеесет гроша од тебе, што ти ги дадов еднаш кога дојдов; врати ми го кусурот уште четириесет, за да се платиме и да си одиме.
– Какви грошеви си ми дал бре човеку? Не ти е срам што зборуваш така? – рекол меанџијата.

Кога ги чу овие зборови, Правината стана и нога за нога појде и се скри зад врата, од што ѝ падна срам од кривото што го правеше другарка ѝ Кривината.
Кривината и меанџијата се расправаа. Чувај Боже, Кривината викаше колку што ја држи грло, секој што ќе поминеше и заминеше се враќаше за да види што е таа кавга и секој што слушал мислел дека Кривината е во право, оти многу викала.
Виде-невиде меанџијата, извади четириесет гроша и ѝ даде на Кривината. Тогаш викна:

– Ах правино, правино, кај си?
– Море еве сум бре брате, зад врата, туку што да чинам, кога и јас јадев, па валкана сум како Кривината! – се одзвала Правината.

Оттогаш се одделија Правината и Кривината, и нема да се здружат за вечни времиња.

 

Забелешка:

Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга прва.

Запишани се две варијанти на приказната (бр. 78 и 79) на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.