Асонанца

Асонанца (асонанција) е фонетско-морфолошкито изразно средство или стилска фигура на дикцијата каде имаме повторување исти самогласки за постигнување звучен ефект.

На пример: око соколово.

Убав пример за ова изразно средство имаме во песната „Ленка“ од Кочо Рацин.

Ленка

.

                              „Билјана платно белеше…“
.
Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол —
лицето ѝ се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.
.
Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни — жолти отрови
за гради — китки розови.
.
Прва година помина
грутка в срцето ѝ легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
.
И ноќе кога месечко
гроб ѝ со свила виеше.
Ветерчок тихо над неа
жална ѝ тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна…“
.

 

Гласот О е доминантен во целата песна „Ленка“ од Кочо Рацин, а особено во последните стихови кога Ленка починува. Стиховите: „Зошто ми, зошто остана…“ се израз на длабоката тага заради прерано завршениот живот. Гласот О асоцира на бооолка, на ооофкање, на дооолго тагување и не е случајно употребен во песната.

И гласот У (кој заедно со О се заокружени самогласки, се изговараат со заокружување на усните) го продолжува таговното дејство на О.