Ликовите во „Црно семе“ од Георгиевски

Ликовите во романот Црно семе“ од Ташко Георгиевски се група Македонци и Грци, затвореници и нивните чувари на еден пуст остров во Егејското Море.
Главните ликови во романот се Доне и Христос.
Покрај нив, прикажани се и: Марко, соселанецот на Доне; грчките затвореници Нико и Парис; потпоручникот Маки и поручникот Скалумбакис.
.
Доне
.
Доне е главниот лик во романот. Тој е Македонец од воденските села, кој служел во грчката војска. Го затвараат заради неговата национална припадност, а го наклеветуваат дека е комунист. Неписмен е и прост, но чувството што го носи во срцето за него е свето. Ги истрпува сите ѕверски измачувања, но не потклекнува и не потпишува. Зашто потпишувањето за него значи продавање на себеси, предавство, отчовечување. Гордоста, достоинството и националното чувство според него треба да се сочуваат дури и по цена на животот.
Заради неговата надворешност – ќос, без ниту едно влакно на главата – тој е секогаш прв на удар и истрпува многу повеќе од другите. И не само тоа, туку тој е нивниот поттик, другар кој е секогаш подготвен на саможртва, само да им помогне и тие да истраат. Тој е столбот, безгранично издржлив, тој е симболот на македонскиот непокор и истрајност.
.
Христос
.
Христос е, исто така, впечатлив по својата надворешност. Повисок една глава од другите, слаб, исушен, со испиено лице.
Својата сила и издржливост тој ги црпи од Доне.
Колеблив е уште на почетокот и кога Доне нема да биде во близина, тој ќе потпише. Тортурите што претходно ги издржал не се ништо во споредба со оние што му се случуваат на крајот.
Побудалува и маченички умира распнат на скелето, предавајќи ѝ се на смртта како на прибежиште, зашто тој веќе нема каде да оди.
Со потпишувањето тој го предал и семејството и соселаните, а таа психичка болка не се издржува како што може да се издржи физичката.
.
Марко
.
Марко е еден од оние Македонци кои брзо потклекнуваат. Тој потпишува по првата препрека, по првата болка што ќе ја почувствува. Не се ни обидува да опстои на своето и да го заштити. Мисли дека колку побрзо ќе попушти толку побрзо ќе му се скратат маките и ќе продолжи со нормалниот живот. Но, не е така. По потпишувањето не го ослободуваат и не го враќаат дома, туку му даваат пушка да застане против своите. Така, уште повеќе го омаловажуваат и го прават предавник на својот народ. Сега тој треба да ги чува во затворениците, да ги малтретира и омаловажува.
Во него ќе врие незадоволството и бесот, па тој може да стане пострашен и посуров од сите други чувари.
.
Маки и Скалумбакис
.
Главниот од грчките поручници на островот е Скалумбакис, а негов подреден е потпоручникот Маки.
Вистинското скриено зло и гнилост на еден карактер се прикажани преку ликот на Скалумбакис. Надворешно, тој изгледа убаво и нежно, но неговата душа е расипана и жедна за чинење злосторства. Тој ги измислува, а Маки ги остварува неговите злосторства и тортури врз затворениците.
Тој ги измислува ѕверските измачувања на затворениците пред ѕидот, но и зад ѕидот. Таму ќе ги однесе двајцата браќа и ќе ги казни зашто зборувале македонски така што прво ги терал да се тепаат со стапови, а потоа да се поганат еден со друг.
Бунтовниот студент Парис ќе го фрли во заврзана вреќа со мачка во морето. Па откако ќе излезе жив со мачката меѓу своите заби, Парис ќе рече:
Еве на што падна Грција, педери дебелогази да ја срамат!