Лоша мисла — цела болест

Царската ќерка и еќимот

Лоша мисла — цела болест

(Македонска народна приказна)

 

Eдна царска ќерка боледувала од некоја мисла што имала. Сите царски доктори фатиле да ја лекуваат и никој лек не беше нашол. Од ден на ден сè полошо се чинела и на лице гинела.

Чул еден стар доктор, што бил заборавен од светот поради староста што ја имал, кој никој не беше го викал.

— Ја чекај — рекол сам со себе — да појдам кај царската ќерка, да ја видам што болест има и да ја оздравам.

Пошол и се претставил пред царската ќерка. Откога ја испрашал за болеста од секаде што е и што ја боли, го нашол лекот.

— Мнозина доктори — ѝ рекол стариот — те лекувале и билки ти давале и пак не те оздравеле, ќерко. Јас без билки ќе те оздравам, да ме паметиш и да велиш Бог да го прости стариот доктор што ме оздраве без билка.

— Оф, бре дедо — му рекла нажалено царската ќерка — ако можиш да ме оздравиш, јас ќе му речам на татка тебе да те стави прв доктор на престолнината и голем бакшиш ќе ти дадам.

Откако ги чул докторот тие зборови, отишол при куменџијата и направил еден позлатен прстен со плочка одозгора.

На плочката беше пишал вака: „Сè што било — поминало, и сè што ќе биде — ќе помине“.

Ѝ го донесол докторот прстенот и ѝ го ставил на прстот.

— Еве ти го лекот, царска девојко — ѝ рекол докторот — секој саат и секој ден, кога ќе ти дојде лошата мисла што ти го мачи срцето, ќе го прочиташ напишаното и ќе поразмислиш за прочитаното. Така ако го читаш и размислуваш, до четириесет дни ќе оздравиш, бездруго те уверувам и со глава моја ти гарантирам: ако не оздравиш, да ми ја пресечете.

За вистина, царската ќерка беше оздравела, побргу од четириесетте дни, од болеста што ја имала во мислата. Таа оздравела и докторот на голема чест го беа ставиле.

 


Забелешка:

Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга трета.

Приказната е запишана под број 290, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.