Согласни групи

Во македонскиот јазик има карактеристични согласни групи.

Според Правописот, тие се пишуваат вака:

.

Согласните групи мн и вн

.

  • Групата (-)мн– во стандардниот јазик се изговара и се пишува во зборовите: гламна, гумно, дамнина, одамна, огламник, самне, рамна, демне, ѕемне, симне, многу, мнозина.
  • Со (-)вн– се пишуваат зборовите: внатре, внук, плевна.

.

Согласни групи со с, з и ш

.

  • Согласките с, з и ш пред наставките -че, -ца, -це најчесто преминуваат во в: гуска – гувче, клас – клавче, колбас – колбавче, коска – ковче, крст – крвче, лист – ливче, маска – мавче, мост – мовче, појас – појавче, воз – вовче, грозд – гровче, железо – желевце, образ – обравче, ориз – оривче, маст – мавца, месо – мевце, белешка – белевче, кокошка – коковче, круша – крувче, опашка – опавче, трошка – тровче, но: глас – гласче.

.

Согласните групи пц, пс, пч

.

  • Согласката с зад почетното п преминува во ц. Со (-)пц– се изговараат и се пишуваат зборовите: пцала, пцалт, пци, пцовиса, пцост, пцуе; но: псалм, псалтир.
  • Согласната група пс– на почетокот се пишува и се изговара во сложенките со псевдо-: псевдоисториски, псевдонаучен, псевдоуметност, псевдокласицизам, псевдоним, со психо-: психијатар, психоанализа, психоза, психолингвистика, психолог, психопат, психопатски, психотерапевт, психотерапија.
  • Согласната група –пс– редовно се пишува и се изговара во средината на зборот: апси, уапси, вапса, елипса, елипсовиден, епилепсија, маѓепса, маѓепсник, маѓепсница, папса, прокопса, сепса, скепса, стипса, тепсија.
  • Почетната група пш– се изменила во пч-: пченица, пченичен.

.

Согласната група чк

.

  • Согласката ш преминува во ч и пред к. Согласната група (-)чк– се изговара и се пишува во зборовите: чкембе, чкорче, чкрапа, чкрапја, чкрипи, чкрта; но школа.

.

Групите цр и цвр

.

  • Групата (-)цр– се изговара и се пишува во зборовите: црв, црвојадина, се вцрвоса, зацрвени, во сложенките со црвено-: црвенокожец, црвеноперка, црвеношијка, во сложенките со црно-: црномурен, црноок, црноперка.
  • Групата (-)цвр– се пишува и се изговара во зборот цврст и во изведенките од него: цврсто, цврстина.

.

Групите шт и жд

.

  • Групите (-)шт-, (-)жд– се пишуваат во зборовите: вклешти, воопшто, горешт, горештина, гуштер, клешти, маштеа, маштеница, ништовен, ништожен, општ, општествен, паштерка, пештера, приклешти, сношти, што-годе, како и во сложенките со општо-: општокорисен, општообразовен, општопознат, општополезен; глужд, дожд, дождалец, дождлив, нужда.

.

Согласките т и д во групите ср, зр, жр

.

  • Согласките т, д се изговараат и се пишуваат меѓу з и р, ж и р, с и р во зборовите: здрав, здравје, поздрав, ждребе, страна, страница, стројник.
  • Согласките т, д не се изговараат и не се вметнуваат во групите зр- и (-)ср- во зборовите: зрак, зрее, зрел, срам, срамежлив, бесрамен, сребро, во сложенките со сребро-: сребробел, среброглав, среброкос, сребролик, среброљубец, во сложенките со сред-: средзима, средлето, средноќ, сретпат, сретполе, сретсело, сретселски, односно во сложенките со сред(н)о-: средновековен, средноимотен, средношколец, средовечен, средорек, среќа.

.