Почетна » светска литература » ренесанса » Божествена комедија – Пеколот (со илустрации од Густав Доре)

Божествена комедија – Пеколот (со илустрации од Густав Доре)

„Пеколот“ од Данте Алигиери

 

Пеколот претставен како инка - Сандро БотичелиПеколот, Данте го претставил како инка чиј крај завршува во центарот на земјата каде се наоѓа Луцифер (ѓаволот).

Пеколот има 9 круга, но во подолните кругови има повеќе јами каде се сместени грешниците, поточно, во седмиот круг има 3 ката, а во осмиот десет јами (полјани), а во деветтиот четири појаси.

Влезот на Пеколот е опкружен со реката Ахерон која го одвојува „предворјето“ од вистинскиот пекол. Таму се наоѓаат неодлучните — луѓе што ништо не направиле во својот живот, ни добро ни зло.

Преку реката ги превезува Харон со својот чамец.
На влезот од пеколот пишувало:

Но, ти, што ќе го стапнеш овој праг
ЗАСЕКОГАШ ОТКАЖИ СЕ ОД НАДЕЖ!


Пеколот има 33 песни плус Воведната песна.

Секој дел од „Божествената комедија“ се состои од 33 песни од строфи со по 3 стиха (терцини), а заедно со Воведната песна сочинуваат 100 песни.

Освен бројот 3 кој игра посебна улога како христијански симбол (Отецот, Синот и Светиот дух – светото тројство), застапен е и бројот 9 (3 х 3) во истата улога.

Во сите три дела има: 9 круга во пеколот, 9 степени на усовршување во чистилиштето и 9 неба во рајот.

Бројот на стихови во сите три дела е еднаков и сите завршуваат со зборот ѕвезда.

Прочитај ја целата „Воведна песна“.

 


Првиот круг во Пеколот

 

Пеколот - пред портите со античките поети

 

 

Пред портите на пеколот Данте ги сместува многубошците, античките поети и филозофи: Хомер, Хорациј, Овидиј, Сократ, Платон итн.
Со чамец доаѓа старецот Харон кој ги пренесува преку реката Ахерон.

 

А потоа ме подзеде за рака,
со ведар лик што смелост влеваше:
во тајно царство тој ме внесе.

И плач и воздив, стон се креваше сред воздухот
без ѕвезда ниту една.
Низ образ солза ми се слеваше.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

Пеколот - во чамецот на Ахерон

И души гледаш ангелски пред пекол
што пасивни останале до крај:
ни против, ни со бога минел векот!

Ги прогнал бог: Тој сака пречист рај,
но нејќе да ги прими нив ни адот.
подлабоко, да не зрачат, пак, сјај!


Вториот круг во Пеколот

 

На влезот од вториот круг грешните ги пречекува Минос (човек со долга опашка) и ги праќа во определен круг од пеколот – во зависност од тоа колкупати неговата опашка ќе се обвитка околу грешникот.

 

Го видов Минос: грев тој бара, зол;
со заби чкрта, правда тој им дели
и суди сам со својот опаш долг.

Штом кутра душа наваму се сели
— за исповед пред Минос стасува:
го мери гревот. Потоа и вели:

за колку грешна ја огласува:
колкупати ќе се обвитка со опаш
— од тој круг таа не се спасува!
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

Во вториот круг се сместени прељубниците, оние што се подале на сласт и страст. Казната за овие грешници е иста како гревот, виорна љубов – виорен ветер. Тука се сместени: Клеопатра, Елена, Парис, Тристан и Изолда, Ахил итн.

За казни — солзи. Кругот им е делен
на тие што се подале на сласт,
на кои страсти умот им го зеле.

 


 Третиот круг во Пеколот


Во третиот круг се сместени лакомите, алчните, завидливите.  Таму владее студена, дождлива атмосфера, а грешниците ги пречекува страшното троглаво куче Кербер. Казната во овој круг е вечен дожд, леден град и ужасната смрдеа што се шири.

Четвртиот круг во Пеколот

 

На влезот од четвртиот круг (песна седма) ги дочекува Плутон (бог на богатствата) кој е претставен како страшен демон кој од злоба самиот себе се глода.

Во овој круг се скржавците, злобните, горделивите, расипниците чии претставници се поповите, папите и кардиналите.
Нивна казна е да туркаат огромни камења што симболизираат вреќи со богатство, додека бранови вода се кршат врз нивните голи тела.


Петтиот круг во Пеколот

 

Во петтиот круг се навлегува во каллива, мочурлива атмосфера пред портите на градот Дис (градот на Луцифер, сатаната).

Тука се наоѓаат гневните и злобни властољупци.

Казната на сите злобни, што никому не направиле добро дело, што се бореле само за власт, за висока позиција – тука се казнети да бидат најдолу, легнати во калта.

Данте и Вергилиј ги пренесуваат преку реката Стикс за да влезат во градот Дис.


Шестиот круг во Пеколот

 

Во градот Дис, двајцата посетители ги дочекува необична глетка, од кулата кон нив долетуваат три фурии, трите еринии (Тизифона, Мегера и Алекта) кои ја повикуваат горгоната Медуза да ги претвора грешниците во камен.

Атмосферата е жешка, вжарена, во гробниот мир по некој пискот се слуша, а на полето од отворените гробови – лелек од болки.

Доаѓа Ангелот како гласник од Рајот кој ги предочува грешките на казнетите: тоа се еретиците. Тие за време на животот биле глуви за Бога, па тука ја добиваат соодветната казна — да лежат во вжештени гробови!

 


Седмиот круг во Пеколот

 

Седмиот круг има три ката. На влезот од кругот се наоѓа минотаурот (половина човек половина бик).
Во првиот кат се наоѓаат оние што сториле грев врз ближните: измамници, крадци и убијци на ближните. Тие се капат во крв.

 

Во вториот кат се самоубијците кои се претворени во дрвја.

Штом пружив рака — скршив гранка мека:
— Ох, што ме кршиш? — писна коренот.
Ме стресе оној трн со жална ека.

Во третиот кат во жар и под огнен дожд се печат богохулителите, лихварите и содомитите. Богохулителите лежат на грб, лихварите седат згрбавени, а содомитите трчаат наоколу.


Осмиот круг во Пеколот

Герион е чувар на осмиот круг.
Герион е суштество со човечки лик и мазен образ, но со змиски труп во разни бои и две канџи со влакна. Кругот е ограничен со насип по кој се качуваат луѓето, но не можат да се искачат. Составен е од 10 зли јами.
Тука се сместени:
лакомци, сводници, заводници;
ласкатели;
симонисти (трговци со свети предмети);
гатачи, волшебници, пророци;

измамници;

лицемери;

крадци;

подли советници;
сејачи на раздор и
кривоклетници.

Деветтиот круг од пеколот

Како наредени околу бунар џинови закопани до папок го чуваат влезот на деветтиот круг. Во него се е замрзнато од студот и ветрот што го прават крилјата на Луцифер.

Чудовиштето Нимрод сам себе се глода и гази по главите на грешниците.
Во овој круг се сместени предавниците:

Каин кој ги симболизира предавници на својот род;
Антенор – ги симболизира предавниците на татковината;
Птоломеј – предавниците на пријателите (гостите) и
Јуда – предавниците на Христос.

На дното од јамата се наоѓа Луцифер, со крилја:

…Од лилјак…голи беа тие,
а мафташе со таква сила, што
три ветра прави кога ќе ги свие,

носејќи му на Коцит мраз и зло…
Шест очи плачат; в три бради се крие
од солзи поток крвав, лигав…Но,

во устите по еден грешник кине,
дробејќи го ко лен со забите
и в еден миг на тројца бол им чинел!

Тој бол им беше од послабите
во споредба со оној кога мине
со остар нокт по грбот, градите…

 

Стилски особености

 

Данте вистински мајсторски ја насликал атмосферата во пеколот. Атмосфера на страв, несреќа, болка, ужас, постигнувајќи го тоа со опишување на надворешни дразби.
Во пеколот се е или студено, замрзнато, влажно, дождливо, ветровито или жешко, песочно, суво, потпалено, огновито. Грешниците се голи за директно на сетилото на кожата да ги почувствуваат студот или жештината.

Боите во Пеколот се мрачни, темни, тоа е крај без светлост каде сивата боја е најсветла. Контрастни се силно црвените, аловите бои и нијанси кои се производ на крвта од раните или огнот. Вака и сетилото за вид е засегнато.

Исто така, и сетилото за мирис го дразнат непријатни миризби – смрад, тешка реа, кал, чад, мирис на гној, скапано, гнило итн.

Непријатни се и звуците – лелеците, плачот, воздишките, врисокот, чкрипотот, пукањето на мразот, гребењето на ноктите итн.

Освен атмосферата која ја постигнал со специјално употребени зборови, Данте користи и многу стилски фигури.

Симболот е особено изразен на почетокот, во воведната песна (пантер, лав, волчица), но и подоцна.

Споредбите и метафората се постојано присутни (ко облаци рој, ко кремен трат, облека од оган итн.), персонификација (огнов пасе), многу епитети (со негативна конотација – виор крилен, песок врела, мрачен кат, темен ад, магла густа), контрасти ( не зелен лист – а темен), метонимија употребена за семоќноста на Господ (оној кој се што сака, може се) итн.

Особено се впечатливи и две метаморфози (преобразувања) кои се прикажани многу сликовито и морничаво:

Ги гледавме. И одеднаш врз еден
шестонога се спушти змија грда,
се зачипчи, го грабна в преград леден.

Со нозете не му даде да мрда:
се обвитка преку гради со двете,
со средните — прегратката и тврда —

му врза раце, и го гризна, ете,
сред образи. Со задните го стегна
за нозете, а опашот го сплете

меѓу нив, па на крстот така легна.
Ни бршлени на дрво не се вијат
ко ѕверот страшен него што го стегна.

А потоа, ко восоци што вријат,
— се стопија, се смешаа по боја
и станаа — ни човек, ниту змија…

* Илустрациите се на познатиот француски илустратор (уметник) Густав Доре.

Scroll to Top