Видови комуникација

Видови комуникација се:

1. Симболичка и сигнална комуникација;

2. Гласовна и негласовна комуникација;

3. Посредна и непосредна комуникација;

4. Еднонасочна и заемна комуникација;

5. Вербална и невербална комуникација.

 

Јазикот е систем од знаци, а комуникацијата претставува размена на знаци. Иако може упростено да се комуницира и без употреба на јазик, сепак некакви знаци мораме да размениме.

Комуникација (општење) е размена на знаци; меѓусебно дејствување со знаци.

Видови комуникација

Во зависност од тоа дали се употребуваат симболи или сигнали, дали се употребува говорот или други знаци, дали директно се обраќаме или користиме технички помагала при општењето итн. разликуваме:

1. Симболичка и сигнална комуникација

Кога восприемаме знаци кои не се упатени кон нас, станува збор за сигнална комуникација. Кога, пак, знаците ни се упатени нам, таа комуникација се вика симболичка. Најсложен и најсовршен систем од симболи е човековиот јазик.

2. Гласовна и негласовна комуникација
И луѓето и животните комуницираат со испуштање гласови. Кога употребуваме други знаци, гестови, мимики, како и писмо (напишан текст), тогаш комуникацијата е негласовна.
3. Посредна и непосредна комуникација
Човекот многу често употребува технички помагала при комуникацијата. Значи, освен директно (непосредно), луѓето комуницираат со посредство на телефон, компјутер, пошта итн.
Вистинска непосредна комуникација се остварува кога си зборуваме самите со себе, односно кога размислуваме или си правиме планови. На пример, размислуваме за тоа што треба да направиме во блиска иднина (денес треба да учам, да напишам домашна, па ако имам време ќе одам со пријателите на кафе).
4. Еднонасочна и заемна комуникација
Претходниот пример претставува еднонасочна комуникација (самите кон себе), но таква комуникација може да се случи и кога има повеќе учесници. На пример, кога професорот ја предава лекцијата комуникацијата е еднонасочна, но кога ќе ги вклучи учениците во активна дискусија за темата, тогаш комуникацијата станува заемна.
Еднонасочни се и средствата за јавно информирање (медиумите), телевизијата, радиото, печатените медиуми, како и писмата без одговор.
5. Вербална и невербална комуникација
Неколкупати кажавме дека јазикот е најсовршено средство за комуникација. Кога го употребуваме јазикот ние вербално комуницираме. Со помош на зборовите најпрецизно ги искажуваме нашите мисли.
Невербалната комуникација подразбира употреба на гестови, мимики, паузи итн., односно кога не се употребува говор (зборови).
Scroll to Top