Почетна » македонски јазик » наука за јазикот » Знак (симболи и сигнали)

Знак (симболи и сигнали)

Знак е нешто што укажува на нешто друго.
Симболи се знаци што се испраќаат со намера.
Сигналите се знаци што се испраќаат без намера нешто да нè информираат.

Знак

Човекот е опкружен со безброј различни знаци.
Уште кога ќе се роди, бебето дава знаци. Кога тоа плаче значи дека не е задоволно, односно дека е гладно, водено, му се спие итн. Мајката ги разбира знаците и му помага на своето чедо. Во овој пример плачењето е нешто што укажува на нешто друго.
Научникот Пјер Гиро знакот го дефинира како сетилен поттик чијашто ментална слика се врзува за друг сетилен поттик кој треба да оживее во општењето (комуникацијата). Или, кажано на поедноставен начин:

Знак е нешто што укажува на нешто друго.

Со текот на времето човекот учи, восприема многу информации и несвесно ги прима знаците што го опкружуваат.

Знаците се восприемаат со сите сетила: со вид, со допир, со мирис, со слух.

На пример, жолтата боја на лисјата се знак дека е есен; со допир може да почувствуваме нешто студено или жешко, мазно или рапаво; кога ќе почувствуваме мирис на храна знаеме дека сме во близина на некоја сендвичарница или ресторан; кога ќе го слушнеме училишното ѕвонче тоа е знак дека часот завршил или почнал.

Некои од овие знаци ни се испратени нам, но некои ги восприемаме без да бидат испратени со намера нешто да нè информираат. Според ова, знаците се делат на: симболи и сигнали.

 

Симболи

 

Симболи се знаци што се испраќаат со намера.

Училишното ѕвонче е симбол бидејќи е знак што треба да нè информира дека часот завршил (или почнал) и тој знак е упатен кон нас.

 

Сигнали

 

Сигналите се знаци што се испраќаат без намера нешто да нè информираат.

Ако сме некаде во природа и слушнеме ѕвонеж, ние добиваме информација дека во близина има стадо крави (или овци, или кози). Ѕвонежот е знак за стадото, но таа информација не е упатена кон нас и затоа тоа ѕвонење е сигнал.

 

Наука за знаците

 

Симболите можат да бидат најразлични.

Заедничко на сите симболи е тоа што тие имаат две страни: надворешна (сетилен поттик, нешто) и внатрешна (друг сетилен поттик, нешто друго). Надворешната страна е како нештото сме го обележале. На пример, ако нацртаме срце, тоа е надворешната страна на она што сакаме да го означиме. Внатрешната страна на нацртаното срце е неговата содржина, односно да го прикажеме чувството љубов.

Сетилниот знак (оној што го гледаме, слушаме, допираме или мирисаме) се вика означувач (срце – надворешна страна) или форма на знакот, а нештото што го означува се вика означено (љубов – внатрешната, значенската страна) или содржина на знакот.

Науката што ги проучува знаците се вика семиологија (семиотика).
Науката, пак, што го проучува јазикот се вика лингвистика.

Неа ја сочинуваат повеќе дисциплини (фонетика – наука за создавањето, артикулацијата и звучното примање на гласовите; фонологија – наука за гласовите како смислоразликувачки единици; морфологија – наука за зборовите и нивните форми; синтакса – наука за речениците и именските групи; лексикологија – наука за зборовниот состав на јазикот; лексикографија – наука за составување на речници и лексикони; фразеологија – наука за зацврстените зборовни состави со преносно значење – фразеологизми; зборообразување – наука за начините на образување на зборовите; стилистика – наука за различните стилови на изразување; дијалектологија – наука за различните дијалекти на еден јазик итн.).
Всушност, сите дисциплини (науки) кои се занимаваат со проучување на јазикот од кој било аспект ја сочинуваат лингвистиката.

Граматика е дел од лингвистиката која ги опфаќа само:
– фонетиката (и фонологијата),
– морфологијата и
– синтаксата.

Scroll to Top