Почетна » македонски јазик » историски развој на македонскиот јазик » Неколку зборови за македонскиот литературен јазик

Неколку зборови за македонскиот литературен јазик

„Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ е петтата статија од книгата на Крсте Петков Мисирков, „За македонцките работи“.

(Во оригинал статијата е: „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“.)

 

Книгата „За македонцките работи“ од Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ. Таа претставува предлог-програма за македонското народноослободително движење.

Во неа се разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.

Својата книга „За македонцките работи“, Мисирков ја подготвил во Петроград, по Илинденското востание. Потоа отишол во Софија да ја отпечати. Додека чекал книгата да биде отпечатена го придружувал Војдан Чернодрински со неговата театарска група во Србија.

Кога се вратил во Софија да си ја подигне отпечатената книга, на 25 декември 1903 година, таа веќе била откупена од тамошните власти и изгорена. Од изданието се спасиле и зачувале само мал број примероци.

Неколку зборови за македонскиот литературен јазик

Петтата статија „ Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик “ е всушност продолжување (и остварување) на идејата за одделен македонски литературен јазик, иницирана од Ѓорѓија Пулевски.

Таа претставува прво нормирање на јазикот и основа за созадавање на македонскиот литературен јазик.

Во статијата, Мисирков тргнува од карактеристиките на македонскиот јазик. Односно, од неговиот развој како јазик во семејството на словенските јазици и неговата функција во националното осознавање на македонскиот народ. Понатаму, тој укажува на неопходноста од забрзан развој на македонскиот литературен јазик и на неговото издвојување како посебен јазик меѓу јужнословенските јазици.

Мисирков се определил за брз, антитрадиционален модел за решавање на македонското јазично прашање. Тој ги оформил своите ставови за македонскиот литературен јазик.

На крајот од статијата тој резимира:

„Но iас ке си дозвол’ам да повторам. Она iет: прво, Македониiа да се неутралисат за Бугариiа и Србиiа и да се оддалечит iеднакво од двете држаи и друго, она требит да се обiединит на iазична осноа. Тиiе принципи ке ракоодат изработуаiн’ето на литературниiот наш iазик; они ке ракоодат и праописот. На тиiе два принципа одгоарат: 1, Прилепцко-Битол’цкото наречиiе за литературен iазик, као iеднакво далеко и от србцкиiот и бугарцкиiот iазици, и централно во Македониiа. 2, фонетичниiот праопис со употребените во таiа книга писмени знакои и со мали отстапки на етимологиiата и 3, речничниiот материiал да iет собраiн’е от сите македонцки наречиiа.“

Односно, во петтата статија, „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“, Мисирков ги предлага и во книгата практично ги применува следниве три норми:
1. за основа на литературниот јазик да се земат централните македонски говори;
2. користење фонетски правопис (со мали отстапки);
3. речникот да се збогатува со зборови од сите македонски наречја.


  1. Почетоци на словенската писменост
  2. Македонскиот јазик во семејството на јужнословенските јазици
  3. Погледите за македонскиот јазик на Пејчиновиќ, Синаитски, Крчовски, Пулевски и Џинот (избор текстови) – прва половина на 19 век
  4. Македонскиот јазик во средината на 19 век (Учебникарската дејност)
  5. Македонскиот јазик во втората половина на 19 век
  6. Лозарите – претходници на Мисирков
  7. Погледите на К. П. Мисирков за македонскиот јазик — „За македонцките работи“ (почеток на 20 век)
  8. Македонскиот јазик меѓу двете светски војни
  9. Македонскиот јазик за време на НОБ
  10. Улогата на Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик
  11. Развој на македонскиот гласовен систем
  12. Развој на македонскиот граматички систем
Scroll to Top