Лирско-епски видови

Лирско-епски видови не се посебен литературен род, туку меѓурод кој содржи слеани елементи и од лириката и од епиката. Во овие дела има фабула и ликови, но и многу чувства изразени преку ликовите. Најчесто се пишувани во стих.

Лирско-епски видови се:

балада;
романса;
поема;
роман во стих.

Балада е лирско-епска песна со фантастична содржина и тажен крај. Темите во баладите се црпат од народните легенди, преданија и суеверија, но може да бидат со реалистични мотиви.

Романса е лирско-епска песна најчесто со љубовна содржина и среќен крај. Во почетокот со романсата се прославувале подвизи на некои јунаци за да ја заштитат својата или честа на саканата.

Баладата и романсата ги среќаваме во народната литература, но ги има и во современата литература. Другите два лирско-епски вида се со понов датум. Нив ги нема во народното творештво, а се појавуваат во времето на романтизмот. Тоа се поемата и романот во стихови.

Поема е лирско-епско дело во стих каде поетот во епското раскажување вметнува лирски расположенија, чувства и размислувања. За време на романтизмот, англискиот поет Бајрон ја пишува својата поема „Странствувањето на Чајлд Харолд“, а во Македонија, можеби најубавата поема е „Сердарот“ од Прличев.

Роман во стих е големо лирско-епско дело каде е прикажан широк круг на случки и ликови напишано во стих. За време на романтизмот, рускиот поет А. С. Пушкин го напишал првиот роман во стихови „Евгениј Онегин“.

Имала мајка

Имала мајка, имала
до девет сина убави,
десетти грозен Ѓорѓија,
Ѓорѓија беше болничав.
Мајка на Ѓорѓи велеше
– Мани се Ѓорѓи од дома
оди по гори планини
да не ми ругаш синови,
да не ми глотиш дворови
и високите сараи.
Ѓорѓи на мајка збореше
и дробни солзи ронеше:
– Оф, леле, стара мајчице,
нели сум уште малечко
пусти патишта ќе згрешам
во гора ќе се изгубам
ѕверови ќе ме изедат
без мене мале ќ останеш.
Мајка на Ѓорѓи говори:
– Мани се, Ѓорѓи од дома,
мани се грозно глупаво,
мани се да те не гледам
више те мајка не сака.
Виде не виде Ѓорѓија
дека го мајка не сака,
па си ја мајка замоли:
– Дај ми ги мајко пљачките:
крпено и некрпено,
опрано и неопрано
татко ми што ми кроеше,
татко ми што ми шиеше,
за убав бел ден Велигден.
Мајка му пљачки исфрли
Ѓорѓија ми го избрка
од родна куќа убава.
Пред да си Ѓорѓи замине
луто ја мајка проколна:
-Оф, леле, стара мајчице
од родна куќа излагам
клетвава да те достаса:
црната чума да влезе,
сараи да ти побута,
дворои да ти запусти
синои да ти потепа,
сама ти мале д останеш
и за Ѓорѓија да кукаш.
Замина Ѓорѓи отиде
во тие пусти планини.
Стегнал си долу селата,
се главил Ѓорѓи овчарче,
овчарче мало чобанче.
Слугувал што ми слугувал,
слугувал девет години.
Печалил Ѓорѓи спечалил
до триста овци јагниња.
Станал си Ѓорѓи постанал,
постанал голем чорбаџи.
Еднаш се Ѓорѓи нажалил
за своја стара мајчица,
за девет браќа убави
и високите сараи.
Собрал ми Ѓорѓи овците
кинисал, па ми пристигнал
во својата куќа роѓена.
Кога ми дома пристигнал,
мајка пред порти седеше,
и за Ѓорѓија кукаше,
кукаше на глас плачеше.
Ѓорѓи на мајка велеше:
– Оф, леле, стара мајчице
имаш ли конак за мене
ноќеска да си преноќам,
а утре ќе си заминам.
Мајка го Ѓорѓи не позна
и жално нему говори:
– Оф, леле, синко делија
имав конаци високи
и големи дворој широки
и девет синој убави
десетти беше Ѓорѓија.
Ѓорѓи ми беше најгрдо .
Јас си на Бога погрешив,
Ѓорѓија си го испадив,
од своја куќа роѓена.
Кога го Ѓорѓи испадив,
луто ме мене проколна
пуста ме клетва достаса.
Каде е сега Ѓорѓија
да си го мајка прегрне,
да си го мајка целива.
Ѓорѓи на мајка велеше:
– Јас сум ти мајко, Ѓорѓија,
Ѓорѓија мајко, најгрозен,
најгрозен мајко, болничав.
Тогаш го мајка прегрна,
прегрна жално целивна,
цркна си мајка од жалост
падна на земја пред него.
(народна балада)

1 thought on “Лирско-епски видови”

  1. супер , а дали може да добиеме Народна Поманса ? :)

Comments are closed.

Scroll to Top