Почетна » светска литература » теорија на литературата » Ритмички стапки и ритмички комбинации

Ритмички стапки и ритмички комбинации

Ритмички стапки се целини од нагласен и ненагласен слог.
Има двосложни и трисложни ритмички стапки.

Двосложни ритмички стапки

 

Јамб е двосложна стапка во која првиот слог е ненагласен (краток), а вториот е нагласен (долг).

Во нашиот јазик за да се постигне оваа стапка стихот мора да започне со сврзник, предлог, кратка заменска форма и сл. кои не се акцентираат, а вториот збор е полнозначен двосложен, акцентиран според правилата на првиот слог. На тој начин стихот започнува со ненагласен (неакцентиран) слог, па продолжува со нагласен, па ненегласен итн.

Се к’/ти ноќ/та цр/на! (ненагласен – нагласен – ненагласен – нагласен)
Се ру/ти кар/па — мрак!
И пет/ли в се/ло пе/ат…
(„Копачите“ – К. Рацин)

Трохеј е двосложна стапка во која првиот слог е нагласен, а вториот ненагласен (нашите двосложни зборови се трохеи). За постигнување на трохеј во стихот се употребуваат двосложни зборови. Трохејот е познат и како хореј.

Бол/ка бо/ли — бол/ка го/ри, (нагласен – ненагласен – нагласен – ненагласен)
бол/ка пе/че — ду/ша мо/ри,
(а болката) ко/га све/ти —
теш/ко, теш/ко, теш/ко кле/ти!
(„Елегии за тебе“ – К. Рацин)

Трисложни ритмички стапки

 

Дактил е трисложна стапка во која првиот слог е нагласен, а следните два се ненагласени (нашите трисложни зборови се дактили). За да се постигне дактилската стапка се употребуваат трисложни зборови или комбинација на двосложен и четирисложен збор.Мо/ја/та цр/ни/на тво/ја пре/гр/ни/на, (нагласен – ненагласен – ненагласен)
тво/ја/та тем/ни/на мо/ја под/зем/ни/на.
Зем/јо о/ле/ли/о, зем/јо пус/те/ли/о…
(„Тажачка од онаа страна на животот“ – А. Шопов)Амфибрахот е трисложна стапка која започнува со ненагласен слог, па следува нагласениот, а потоа два ненагласени. Таа се постигнува слично како јамбот, односно стихот започнува со неполнозначен збор кој не се акцентира, а продолжува со трисложен или двосложен збор кој е акцентиран на првиот слог.

О теш/ко/то! Зур/ли штом ди/во ќе пис/нат, (ненагласен – нагласен – ненагласен)
штом та/пан ќе грм/не со под/зе/мен е/кот
во гра/ди/ве зош/то жал лу/та ме стис/ка,
во о/чи/ве зош/то ми на/ви/ра ре/ка…
(„Тешкото“ – Б. Конески)

Анапест е ритмичка стапка која тешко се постигнува во нашиот јазик заради природата на нашиот акцент. Кај анапестот првите два слога се ненагласени, а третиот е нагласен. За да се употреби треба да се одбираат петсложни зборови или стихот да започне со двосложен предлог, прашален збор итн.

Зошто толку те љубам и сакам? (ненагласен – ненагласен – нагласен)
(„Од дневникот“ – Г.Тодоровски)

Ритмички комбинации

 

Често песните содржат ритмички комбинации. Може да се комбинираат сите ритмички стапки.

Учи ме, мајко, карај ме, (дактил – трохеј – дактил)
Како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов трендафил.
(народна песна)
.

Scroll to Top