Сонет, сонетен венец

Песната со затврдена форма која има четири строфи, од кои првите две се со по четири стиха (катрени), а вторите две со по три стиха (терцини) се вика сонет.

Сонетниот венец е најсложен по својата лирска композиција.
Тој е составен од 15 сонети, од кои последниот е наречен магистрал.
Магистралот е последниот, петнаесеттиот сонет од сонетниот венец и ги содржи првите стихови на сите претходни четиринаесет сонети.
Тој може да содржи акростих, односно почетните букви на стиховите да го дадат името на оној кому му е посветен. На пример, сонетниот венец од Лазо Каровски, „Мајка Македонка“ во магистралот го содржи акростихот на насловот.

Магистрал

Мугровита штама налегнува в шир –
Анатема црна врз твојот поет.
Јадосано срце зар копка за мир
Каранфили диви штом развијат цвет?

Афионот цути во насмевка блага,
Маслините шепнат во притаен час,
А погледот скован во цветната далга,
Кукавици в пролет разиграле глас.

Елегии леат славеите в пој,
Дамарите бијат во незадржлив ритам –
Одекнува в мене вековниот вој.

На земјава ширна, та кај и да скитав,
Ко твојата љубов не осетив јас,
А без тебе в срце се распукал мраз…

Во сонетниот венец, сонетите се прелеваат еден во друг, така што последниот стих од првиот сонет е прв стих во вториот сонет, последниот стих од вториот сонет е прв стих во третиот сонет, итн.

 
Scroll to Top