Драма

Еден од трите литературни рода е драма.
Како литературен род, драмата понатаму се дели на драмски видови.

Драмата е претставувачка уметност. Претставувањето на ликовите и настаните е преку дијалошка форма.

Драмите можат да бидат во проза, во стих и комбинирани во проза и стих.


Театарот е тесно поврзан со драмата, бидејќи таа е предвидена да се изведува пред публика. Драмскиот текст, може да го читаме, но може и да го гледаме изведен на сцената.
Драмата е поблиска до епиката, бидејќи има настани (фабула), може да ја раскажеме, има ликови, тема, идеја, мотиви итн.
Во драмата има и наратор кој е невидлив. Особено е невидлив во сценските изведби, додека при читањето може да го забележиме на почетокот, кога ни се претставени ликовите и нивните особини во афишата или во дидаскалиите (забелешките напишани во заградите). Сепак, драмата се разликува од епиката, особено по дијалошката форма, но и другите специфики што ги носи.

 

Белези на драмата

 

Дијалогот е основниот белег на драмата.
Дијалогот е разговор меѓу два или повеќе лика во текот на драмското дејство.

Драмското дејство, пак, е клучниот елемент во драмата под кој ги подразбираме постапките на ликовите.

Ликовите може да зборуваат сами со себе, или да и се обраќаат на публиката.
Ваквиот говор на еден лик се нарекува монолог. Постојот и цели драми со еден единствен лик, кој е носител на драмското дејство и претставувач на настаните. Тие драми се викаат монодрами.

Специфичности на драмата се просторот и времето.

Кажавме дека драмата може да се чита, но може и да се гледа изведена на сцена. Еден конкретен простор и време се претставени во самата драма.
На пример, во драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски е претставено Куманово на почетокот од дваесеттиот век. Тоа се просторот и времето на самата драма.

Но, кога се изведува на сцена, на пример во Драмскиот театар во Скопје, во дваесет и првиот век, имаме поинакво време и простор. Односно тогаш, времето на драмата, претставена со костумите и други елементи, се испреплетува со времето на случувањето на претставата – сега. Гледачот е свесен и за сегашниот момент, но и за времето претставено во драмата. Додека ја гледа претставата тој има впечаток дека драмското дејство се случува сега (иако тоа дејство може да биде од најдалечното минато или од иднината). Според ова, разликуваме простор и време кои се прикажани со драмското дејство и простор и време на театарската претстава.

 

Други специфични елементи од драмата, кои може, а и не мора да ги содржи се:

 

Афиша (театарска листа) се наоѓа на почетокот од драмата и во неа се даваат неопходните податоци за ликовите (возраста, семејните релации, изгледот, облеката итн.), за времето и местото на случување (слично на прологот); но може да има информации и за: режисерот, актерите, сценографот, костимографот и сл.

Прологот се јавува на почетокот од драмата и ја информира публиката (читателите) за времето и просторот каде ќе се одвива драмското дејство.

Драмата е составена од чинови. Во минатото имало строги правила за чиновите, односно драмата морала да има пет чина, што за современата драма не важи. Денес, среќаваме драми од само еден чин (едночинки) или без чинови (само со слики).

Чинот е заокружена целина на драмата. Тој се дели на:

Слика, која е краток временски дел каде се заокружува едно дејство на ликовите, и

Сцена, која е заокружена целина, дел од сликата, и која завршува со влегување на нови ликови во драмското дејство.

Дидаскалии (ремарки, забелешки) се упатства кои ги дава нараторот во загради, а се наменети за читателите, актерите и режисерот. Во нив има податоци за времето, сцената, местото, костумите, движењето итн.

Епилогот се јавува на крајот од драмата и во него се кажува што се случува натаму со ликовите или се искажува пораката на авторот.

 

Композиција на драмата

 

Композицијата на драмата е сложена структура. Драмското дејство се одвива во пет основни композициски етапи (обично во пет чина):

1. Експозицијата е вовед во драмското дејство и запознавање со ликовите. Тука се дава почетното дејство кое има цел да го заинтересира читателот (гледачот).
2. Заплетот е развивање на судирот, конфликтот меѓу ликовите.
3. Кулминацијата е врвот на конфликтот и оттука започнува неговото разрешување.
4. Перипетијата е првиот чекор кон разјаснувањето и разрешувањето на конфликтот. Тука се случува пресврт на настаните, односно се случува нешто непредвидено за да се разјасни конфликтот.
5. Расплетот е последната етапа на драмското дејство. Тука се разрешува конфликтот.
Конфликтот, како што кажува самиот збор, претставува судир. Судирот во драмата најчесто се случува меѓу два лика кои имаат различни ставови, кои потекнуваат од различни социјални средини, политички партии итн. Но, конфликтот може да биде и во внатрешноста на еден лик.

Scroll to Top