Кирил Пејчиновиќ – Тетоец

Кирил Пејчиновиќ
(1771-1845)

Биографски податоци за Пејчиновиќ дознаваме од „Епитафот“ кој го составил за својот надгробен споменик 10 години пред смртта (1835 г.).

 

Епитаф на Кириловиот гроб

Теарце му негово рождение,
Пречиста и Хиландар посрижение,
Лешок му е негоо воспитание,
Под плочава негоо почивание —
От негово свое отшествие
До Христово второ пришествие.
Молит вас, браќа негои љубимија,
Хотјашчија прочитати сија.
Да речете: Бог да би го простил,
Заре у гроб црвите ги гостил
Кирил.
Овде лежи
Кирилово
тело,
У манастир
и у Лешок
село –
Да бог за
доброе
дело.

 

Роден е во село Теарце, Тетовско, а учел црковно училиште во манастирот Св. Пречиста Кичевска и Хиландар на Света Гора. Целото семејство било верски настроено, па татко му и чичко му го продале имотот во Теарце и заедно со Кирил отишле во Хиландар каде се закалуѓериле. Тие останале таму, а Кирил се вратил и работел во Марковиот манастир, близу Скопје. Тука го обновил оштетениот манастир и собирал стари текстови со што ја збогатил манастирската библиотека.
Во Марковиот манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години. Отворил манастирско училиште и се истакнал како активен проповедник и просветител на населението. Тука ја напишал својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим 1816 година.
Во 1818 година дошол во родниот крај, во селото Лешок и го обновил манастирот Св. Атанасија. Во манастирските конаци отворил училиште, каде поучувал и млади и стари. И тука ја збогатил и уредил библиотеката.
Во слободните часови пишувал. Освен „Огледало“, тој ги напишал и делата: „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и „Епитафот“ кој е врежан на неговата надгробна плоча.
Починал 1845 година и е погребан во дворот на Лешочкиот манастир (Св. Атанасија).
Творештвото на Пејчиновиќ
  • „Огледало“ е требник, прирачна книга за свештениците која ја користеле при вршењето на црковните обреди. Содржи неколку молитви и прозни текстови за различни обреди и една голома проповед – „Слово за празниците“. Молитвите и црковните текстови се напишани на црковнословенски јазик, а „Словото“ на народен јазик – тетовски говор.
  • „Утешение грешним“ – содржински е продолжение на „Огледало“. Немал средства да ја отпечати, но на крај своите заштедени пари ги дал за обнова на печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун, каде 1840 година е отпечатена книгата , а Синаитски напишал пригоден „Предговор“.
  • „Житие кнеза Лазара“ е книшка за животот на кнезот Лазар, кој го сметал за оснивач на Лешочкиот манастир.
  • „Епитаф“ – е последно негово дело, но и прв обид да се изрази во стихови. „Епитафот“ нема уметничка вредност, но тоа е првата песничка напишана на македонски народен јазик.

 

(Прочитај извадоци од „Слово за празниците“ на следнава ВРСКА.)

Слово за празниците“ е оригинален текст на Кирил Пејчиновиќ напишан на народен јазик, тетовски говор.
Темата е празнувањето на христијанските празници, а идејата – како да се поправат грешките при празнувањето.

За текстот прочитај повеќе на следната ВРСКА.


Прочитај и за другите македонски просветители:

Јоаким Крчовски

Теодосиј Синаитски;

и за Првите македонски печатници

Scroll to Top