Почетна » македонски јазик » лексикологија » Лексиката според потеклото

Лексиката според потеклото

Лексиката според потеклото може да биде:

 

1. Домашна, изворна (своја) – зборови кои исконски постојат во нашиот јазик и потекнуваат од прасловенскиот, старословенскиот, црковнословенскиот, па преку народниот навлегле во литературниот јазик. Овие зборови ја сочинуваат основата на јазикот и се во најголем број.
На пр.: мајка, татко (други членови на семејството), еден, два (сите броеви), гора, планина, река, езеро (природата што не опкружува), рака, нога (делови од човековото тело) итн.

 

2. Странска (туѓа) – овие зборови навлегуваат или директно од странскиот јазик или посредно (преку трет јазик).

а) Интернационализми – зборови што се употребуваат во многу светски јазици, а по потекло се од латинскиот или старогрчкиот јазик. Овие зборови се приспособуваат кон соодветниот јазик и со тек на време не ги чувствуваме како туѓи (актуелен, квалитет, факултет, факт, литература). Овие зборови не треба да ги користиме прекумерно, туку само кога е неопходно потребно.

б) Турцизми – во нашиот јазик ги има над 3000. Некои од нив отпаднале, некои ги чувствуваме како архаизми, а некои се уште активно ги употребуваме (алва, баклава, кадаиф, ќебапче, кибрит, килим, шеќер, сарма, боза…). Дел од турцизмите ги употребуваме заради стилска обоеност на изразот: муабет, марифет, табиет, адет…

в) Варваризми – се употребуваат во уметничката литература заради оживување на месниот колорит и создавање посебна атмосфера (може да бидат и цели дијалози на друг јазик и да се пишуваат во оригинал).
Тука спаѓаат и зборови кои секојдневно се употребуваат иако нема вистинска потреба, бидејќи во нашиот јазик имаме соодветни зборови. Тие се имитација на туѓите зборови и по форма и по изговор : бејби, хај, јес, певаљка, рачуна.


Од темата ЛЕКСИКОЛОГИЈА прочитај ги следните написи:

  1. Лексички значења на зборовите
  2. Лексиката според потеклото
  3. Лексиката според процесот на обновата
  4. Лексиката според сферата на употреба
  5. Стилска вредност на зборовите
  6. Вежби лексикологија

Вежби за лексиката според потеклото:

 

1. За следните туѓи (интернационални) зборови пронајди соодветни синонимски замени со зборови од нашиот јазик:
аверзија, адекватно, активно, иницира, креира, преферира, пролонгира.
2. Пронајди ги турцизмите во следните реченици:
Шетајќи со мајка ми по чаршијата во еден излог здогледав кондури баш какви што барав. Нејзе ептен не и се бендисаа. Ми го расипа ќеифот и не ги купив.
3. Какви се туѓите зборови во следниот извадок од расказот „Селанката од Копачка“ од Владо Малески и со каква цел се употребени?
– Аванти, порка мизерија, комунисто! – завиваа двајца карабинери. А тој не сакаше да верува и затоа шепотеше: „Понезадутре!“

 

Одговори:

  1. аверзија – одвратност, одбивност, гнасење, нетрпеливост; адекватен – соодветен, сообразен, сразмерен, еднаков; активен – енергичен, вреден, трудољубив, работен; иницира – започнува, воведува, поттикнува; креира – создава, створи;  преферира – претпочита, дава предност; пролонгира – продолжува, одложува, одолговлекува.
  2. чаршија, кондури, баш, ептен, бендисаа, ќеифот.
  3. варваризми.
Scroll to Top