Почетна » светска литература » теорија на литературата » Литературно-научни видови и публицистика

Литературно-научни видови и публицистика

 

Освен познатите литературни видови, постојат и такви кои имаат белези на уметничка литература, но имаат и белези што ги доближуваат до научната литература или публицистиката.

Литературно-научни видови се оние што содржат испреплетени белези на научниот и уметничкиот стил. Иако имаат научни аргументи овие текстови содржат многу индивидуални и емоционално обоени делови. Во литературно-научни видови спаѓаат: есејот, статијата, расправата, студијата, полемиката, биографијата и автобиографијата.


Под публицистика се подразбираат текстови што се печатат во весниците, списанијата и одделни книги (публикации), а може да имаат различна содржина. Во публицистички видови спаѓаат: новинарската (журналистичката) статија, фељтонот, репортажата и патописот.
 

 

Литературно-научни видови


Есејот е литературно-критичка статија во која на оригинален начин се објаснува некое литературно, културно, филозофско или општествено прашање. Тој може да обработува најразлични теми од сите области на човековото живеење. Есејот содржи уметнички, научни и публицистички елементи. Има оригинална композиција, сликовит стил, оригинални и духовити размислувања и заклучоци кои имаат научен белег.


Статијата е напис во кој се изнесуваат размислувања за прашања поврзани со политиката, науката, културата и уметноста. Тоа се кратки текстови во завршен облик, најчесто наменети за весници и списанија (новинарски статии).


Расправата е студиозен напис посветен на одредено прашање од некоја научна област. Научните тврдења се поткрепени со аргументи, изворите од кои се црпени информациите се наведени во фусноти, што значи дека расправата се одликува со: објективност, студиозност и документираност. Во неа јасно се издвојуваат воведниот дел, каде се поставуваат тезите, разработката, каде аргументирано се докажуваат и заклучокот, каде во кратки црти се потенцираат изведените заклучоци. Докторските дисертации се еден вид расправи. Трактатот и студијата се другите називи на расправата.


Полемиката е напис во кој се расправа за нечии сфаќања, се оспорува нечија теза, односно со аргументи се побива туѓото мислење. Таа претставува остар судир на две мислења. Ставовите се одбрануваат со аргументи, но зависи и од јазичната способност на авторот. Се случува во полемиката да се нападне и личноста, а не само идејата, што не е многу чесен начин на полемизирање. Силата на аргументите во комбинацијата со силата на јазикот се најсилните елементи во полемиката, а успешноста зависи од судот на оние кои ја читаат, слушаат или гледаат, значи од поширокиот аудиториум. Публиката го донесува последниот суд, па затоа треба да се внимава со ниските удари на личноста, зашто тоа е несимпатично и на крајот секогаш осудено.


Биографијата е животопис на една личност. Биографии се пишуваат за познати и значајни личности од сите области и од антиката до денес. Таа има научни елементи бидејќи се служи со историографија (архивски податоци и сведоштва на современици). Биографија има секој човек. Тоа се најважните податоци од животот: место и дата на раѓање, школувањето, другите успеси итн. Ваква биографија во последно време е потребна кога се конкурира за работно место, за некоја стипендија и сл. и се вика професионална биографија (или curiculum vitae, CV).

Романсираните биографии прават спој од реалните податоци за животот на личноста и уметничките елементи (фиктивни, измислени) служејќи се со пластично и уверливо раскажување.

Автобиографијата е животопис напишан од самиот писател или научник. Таа се заснова врз лични спомени, лично воден дневник итн. и затоа е многу субјективна. Поради силната субјективна страна се поставува прашањето за веродостојноста и објективноста на овој вид литература.
Слично како романсираните биографии, постојат и романи-автобиографии, напишани со јас-исказ, а кои содржат реални и фиктивни елементи.

 

Публицистика

 

Фељтонот е краток текст со секојдневна тема: научно-популарна, општествено-политичка или забавна. Обично се печати како додаток во дневните и неделните весници, понекогаш во продолженија. Фељтонот претставува литературно-публицистички жанр и има карактер на лесна забава, напишан со шеговит тон, со тенденција на сензационалност и навлегување во интимата на познатите личности.
Освен новинарскиот, фељтонот може да биде и литературен кога претставува извадок од роман или роман во продолженија.

Репортажата е новинарски напис во кој на сликовит начин се раскажува за настан на денот без да се прави подлабока анализа. Субјективните коментари и стилот на авторот внесуваат уметнички елементи во репортажата.


Патописот е посебен публицистичко-литературен вид во кој се опишува тоа што е видено и доживеано во друга земја. Патописот не е објективен опис, туку авторот внесува свое видување, свои доживувања, свои претходни знаења и идеи.
Од минатото, најпознати се патописите на Евлија Челебија, кој двапати бил во Македонија и на свој начин ги опишува градовите и луѓето од седумнаесеттиот век. Во Скопје бил 1660 година и со воодушевување ја опишува скопската чаршија и убавите жени со бело округло лице чија убавина, според него се должи на чистата вода која ја пијат.

 

Scroll to Top