Почетна » македонски јазик » фонетика » Поделба на гласовите (самогласки и согласки)

Поделба на гласовите (самогласки и согласки)

Според фонетиката, основна поделба на гласовите е на:
самогласки (вокали) и согласки (консонанти).

Самогласки

Самогласките се изговараат без пречки, широко, со слободно поминување на воздушната струја во усната шуплина и имаат поголема звучност. Во македонскиот јазик самогласки се: а, е, и, о, у.
Самогласките имаат слоготворна функција. Тие ги оформуваат слоговите, односно претставуваат јадрото на слогот. Покрај нив во слогот може да има повеќе согласки, но тие може и самостојно да градат слог.
На пример:
збо – ро – ви
мост
пе – е
Освен самогласките, во нашиот јазик и гласот р може да има слоготворна функција.
На пример:
прст
кр – вав
пр – вак
Поделба на самогласките

 

Самогласките се делат:

  • според височината (поставеноста) на јазикот се делат на: високи(и, у); средни (е, о), и ниски (а);
  • според движењето на јазикот напред-назад на: предни (и, е), средни (а) и задни (у, о);
  • според положбата на усните на:
  • заокружени (о,у) и незаокружени (а, е, и).

 

Согласки

 

Согласките (консонантите) се помалку звучни од самогласките, односно при нивниот изговор воздушната струја не поминува непречено. Во македонскиот јазик има 26 согласки кои ги делиме според разни критериуми.

  • Според местото на образување во усната шуплина согласките се делат на:— уснени: п, б, м, ф, в
    — забновенечни: т, д, н, л, ц, ѕ, с, з
    — венечни: љ, ч, џ, ш, ж, р
    — меконепчени: к, г, х
  • Според начинот на образувањето согласките се делат на:— преградни: п, б, м, т, д, н, њ, к, г
    — теснински: ф, в, с, з, ј, ш, ж, х, л, љ, р
    — преградно-теснински: ц, ѕ, ч, џ, ќ, ѓ
  • Третата поделба на согласките е според нивната звучност:

звучни     Б  В Г Д Ѓ З Ж  Ѕ Џ /

безвучни П Ф К Т Ќ С Ш Ц Ч Х

сонанти: Ј, Р, Л, Љ, М, Н, Њ

Звучните и безвучните согласки во македонскиот јазик се во парови (секоја звучна си има безвучен парник), освен Х кое е безвучно. Сонантите се позвучни од звучните согласки и им се доближуваат на самогласките.
Поделбата на звучни и безвучни согласки е важна за гласовните промени. Тие се случуваат кога ќе се најдат една до друга согласки со различна звучност (едначење по звучност).


Од темата ФОНЕТИКА, прочитај и за:
  1. Фонетика – наука за гласовите
  2. Фонологија – наука за фонемите
  3. Поделба на гласовите (самогласки и согласки)
  4. Говорни органи
  5. Гласовни промени
  6. Едначење по звучност
  7. Обезвучување на крајот од зборот
  8. Замена (редување) на гласовите
  9. Испуштање (елизија) на гласовите

 

Scroll to Top