Романтизам

Романтизам е правец кој се јавува како реакција на просветителската и псевдокласичарската (класицистичка) литература. 

Како директна спротивност на рационалистичкото величање на разумот и објективното гледање на светот, како и рамките и ограничувањата на класицизмот во творечка смисла; авторите во романтизмот прокламирале целосна слобода во литературното творење и крајно субјективен став кон животот и стварноста.

Општествени прилики

Појавата на европскиот романтизам е условен од општествените прилики на преминот од 18 во 19 век.  Политичката превласт на буржоазијата која во Англија извојувала победа во 17 век, а во Франција при крајот на 18 век, со Француската револуција во 1789 година, незадржливо се приближувала кон победа и во другите европски земји.

Претходните движења, хуманизмот и ренесансата, како и рационализмот и просветителството, всушност претставувале своевидни етапи во рушењето на фаудалното  и создавањето ново, граѓанско општество. При својата борба, буржоазијата се потпирала врз поддршката на широките народни маси од градското и селското население, кое секако и за себе ги очекувало плодовите на слободата. Но, во создавањето на новото, капиталистичко општество, тие народни маси останале потчинети работејќи во фабриките и установите, додека буржоазијата ги собирала плодовите и силно класно се раздвојувала.

На тој начин, идеалите на Големата француска револуција брзо биле изневерени. Збогатените капиталисти, за да се спротивстават на довчерашниот сојузник, се свртеле кон своите револуционерни непријатели, па монархијата и натаму останала државно уредување кое во минатото ги имала сите инструменти за потчинување на народот. Така, на почетокот од 19 век, се создал реакционен политички сојуз на големите сили, кои се здружиле за да го задушат секое демократско и револуционерно движење.

Човекот во новото општество

 

Граѓанската класа создадена во новото капиталистичко општество, која се борела за слободен општествен и духовен напредок, увидела дека е изневерена и изиграна. Ова општество не ѝ овозможило слободно да дејствува, што довело до длабоко разочарување, без вера во иднината и без перспектива.

Затоа и уметноста создавана во овој период создала човек кој е со загубена доверба, човек кој се издвојува од општеството и бега во свој субјективен свет. Писателите се нурнале во својата длабока интима, изразувајќи ги своите желби и доживувања.

Особини на романтичарската литература
Романтизмот се јавува како реакција на просветителската и псевдокласичарската (класицизмот) литература.  Како директна спротивност на рационалистичкото величање на разумот и објективното гледање на светот, како и рамките и ограничувањата на класицизмот во творечка смисла; авторите во романтизмот прокламирале целосна слобода во литературното творење и крајно субјективен став кон животот и стварноста.
Затоа, како прва одлика на романтизмот може да ја издвоиме субјективноста, односно ставањето на индивидуалниот став на централно место. Вака, романтичарите преку своите чувства и мечти можеле да ја преобликуваат реалноста според личните расположенија и впечатоци.
На индивидуализмот се надоврзуваат и другите одлики на романизмот кои произлегуваат од субјективната психичка стварност, а тоа се: чувството на осаменост, чувството на светската тага и новиот поетски принцип на оригиналноста.

Романтизмот по дефиниција претставува бегство од реалноста. Па така, втората одлика на романтичарите е незадоволство од сегашноста и копнеж по нешто далечно и непознато. Во своите творби тие го изразувале својот стремеж за бегање во далечни краишта, во минатото, кон нешто непроживеано, нешто што само се насетува. Дел од авторите се обиделе и практично да побараат мир во далечни егзотични земји на исток, создавајќи така поетски патописи, но не наоѓајќи го мирот.

 

Слободата во творењето е третата карактеристика на романтичарите која довела до создавање нови литературни видови, како што се: историскиот роман, романот во стихови, поемата. Тие ги ослободиле стегите на драмата, а најмногу придонеле кон збогатување на книжевниот израз, внесувајќи во јазикот зборови од секојдневниот живот, обогатувајќи го ритамот и музикалноста на лирскиот израз, а и  на прозните форми му дале поуметнички карактер.

Напоредно со погледите кон минатото и истакнувањето на индивидуалноста се создавало зголеменото национално чувство што придонело да порасне интересот за традицијата и народното творештво.

Романтичарите, пред сè, го отфрлиле мислењето дека е убаво само она што е создавано според принципите на претходните движења и школи, особено според старокласичната уметност. Тие ја пронаоѓале убавината и во поезијата на селанството, па настојувале да се собере и проучи поезијата на необразованите слоеви од народот, отпечатувајќи ја во посебни книги. Писателите во ова време почнале да го преземаат стилот на народните песни, да ги проучуваат народните приказни, да ги оживуваат народните бајки и верувања, збогатувајќи ја литературата со секакви вонземни суштества, вили, чудовишта и магии.

Посебно место во романтичарската литература зазела жената, која е опишана како прекрасна убавица, благородно, возвишено суштество кое дарува среќа и го осмислува животот. Во овој период за првпат по античката литература („Антигона“), се појавуваат главни женски ликови.

Противречностите на романтизмот
Противречностите на романтизмот произлегле од неговата економско-општествена и политичка основа. Тој се појавил речиси истовремено во неколку европски земји: Германија, Франција, Англија, потоа и во Русија, Полска,  итн.,  каде си имал свои обележја и задачи.
Еден дел од романтичарите, потомци на собореното племство се кренале против новата буржоазија, го величале минатото, средниот век, феудализмот и мистицизмот. Другиот дел, пак, кои потекнувале од граѓанството гледале во иднината и стремежот да се создаде нешто подобро.
Општо гледано, сите принципи на романтизмот: меланхолијата, светската тага, индивидуализмот, бегањето од реалноста и сегашноста, не можеле долго да се одржат, особено кај народите кои сè уште не биле изживеани.
Па така, во Русија, Пушкин го гради ликот на Евгениј Онегин според типичниот Бајронов романтичен лик – Чајлд Харолд, но тој во руската средина не можел да го издигне во херој и затоа бил победен од една обична руска девојка. А и самиот роман „Евгениј Онегин“ не е типично романтичарски, туку во основа е реалистичен, прикажувајќи го руското општество и критикувајќи го.
Претставници на романтизмот
Во Германија, предромантичарското движење се појавува со името „Бура и натисок“ според истоимената драма на Максимилијан Клингер, а дефинирано од страна на филозофската мисла на Хердер. Според него, литературата треба да биде индивидуална и оригинална, во спрега со народниот дух. Тој силно влијаел врз младите поети на неговото време – Јохан Волфганг Гете и Фридрих Шилер. Покрај нив, претставници на романтизмот од Германија се и браќата Грим, чии собрани народни бајки и ден денес се популарни во цел свет. Сè уште популарен меѓу младите е и романот „Необичната приказна на Петар Шлемил“ од Адалберт Шамисо, каде е опишан човек кој ја продал својата сенка за паричник што никогаш не се празни.

Сепак, најзначаен претставник на германскиот романтизам е Гете, со младешкиот роман „Страдањата на младиот Вертер“, како и подоцнежните дела, стихозбирките: „Римски елегии“, „Венецијански епиграми“; граѓанскиот еп: „Херман и Доротеја“; романот: „Години на наукувањето на Вилхелм Мајстер“; автобиографијата: „Од мојот живот“; но за најзначајно негово дело се смета драмата „Фауст“.

Во Англија, основоположници на романтизмот се поетите Вилијам Вордсворд и Семјуел Тејлор Колриџ, претставници на т.н. „езерска школа“, бидејќи двајцата се дружеле, живееле и твореле во Езерската Област во Англија, чија природа ќе биде основен мотив на нивната поезија. Валтер Скот, пак, се смета за зачетник на историскиот роман. Напишал 27 историски романи и многубројни раскази. Сепак, најтипичен претставник на англискиот романтизам е Џорџ Гордон Бајрон, со својот нескротлив, слободарски дух.

Зачетник на францускиот романтизам е Жан Жак Русо, но вистинските романтичарски идеи ќе ги втемели Франсоа Рене де Шатобријан. Тој е првиот поет што ќе ја опее „светската тага“, првиот што ќе мечтае по далечни егзотични светови недопрени од цивилизацијата. Манифестот на романтизмот ќе го напише нескротливата, слободоумна и космополитски расположена Мадам де Стал, според кого ќе се раководи најпознатиот и најпризнатиот писател од ова време, Виктор Иго. Неговото творештво е обемно и разновидно, а најпознати му се романите во кои многу контрастно го слика општеството: „Клетници“, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, „Човекот што се смее“ итн.

Во овој период, во САД, литературата добива свој правец со појавата на Едгар Алан По, поет, раскажувач, публицист, критичар, кој е предвесник на новата литература – симболизмот. Тој се надоврзува на романтизмот со своето творештво, пишувајќи за мистичните и недофатливи привиденија, патувања во чудни и фантастични светови, проколнатата љубов и смртта. Автор е на поетските книги: „Тамерлан и други песни“, „Гарванот и други песни“; прозата: „Раскази, гротески и арабески“ и „Раскази“, новелата „Доживувањето на Артур Гордон Пим“, а пред крајот на животот ги пишува песните „Ѕвона“, „Анабел Ли“ и „За Ани“.

Кај словенските народи, романтизмот, освен кај понапредните, се развива во услови на поробеност, на осамостојување и национално осознавање. Тука, романтизмот не се развива како реакција на класицизмот, бидејќи кај нив класицизам и не постоел, туку најчесто во него се вткаени сите претходни литературни искуства.
Во Русија, како најнапредна и најголема словенска земја, романтизмот се разви најсилно, особено со појавата на Александар Сергеевич Пушкин, кој го втемели рускиот литературен јазик и ја збогати руската литература со своето обемно и разнолико творештво. Пишува песни, поеми, но најзначаен и најпознат е неговиот роман во стихови „Евгениј Онегин“.

Кај јужнословенските народи, пак, романтизмот се појавува во услови на долгогодишна, вековна поробеност под две империи: Австрија и Турција. Во таа литература нема континуитет, ги нема ренесансата, романтизмот, реализмот, итн. Таа литертура ќе се крене од традицијата на народното творештво барајќи ги на тој начин корените и врските со минатото.

Во Србија, романтизмот и националното осознавање започнува со Вук Караџиќ и поетот и сликар Ѓура Јакшиќ, во Црна Гора со црногорскиот владика и владетел Петар Патровиќ Његош (поема „Горски венец“), во Хрватска со Иван Мажураниќ (поемата „Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“) , во Бугарија со Георги Раковски (епска творба „Горски патник“); во Словенија со Франце Прешерн („Сонетен венец“), а во Македонија со браќата Миладиновци, Григор Прличев („Сердарот“), Рајко Жинзифов и др.
Запомни
Романтизмот се појавува по рушењето на феудалното општество и создавањето ново, граѓанско, капиталистичко општество, време во кое обичниот човек се соочува со разочарувањето од неостварените идеали за слобода. Поради тоа, во овој период се создал човек кој е со загубена доверба, човек кој се издвојува од општеството и бега во свој субјективен свет. Оттука произлегуваат и обележјата на романтизмот: субјективноста (индивидуалноста), меланхолијата и светската тага, копнежот по нешто далечно и недостижно, патувањето во далечни земји, враќањето во минатото, свртувањето кон традицијата и народното творештво, создавањето на националното чувство и целосната творечка слобода.
Но, ваквите идеали не можеле долго да траат, па набрзо романтизмот во разни земји имал разни реакции кои придонеле да се вметнуваат реалистични елементи во творештвото.
Главните претставници на романтизмот, во Германија се: Јохан Волфганг Гете, Фридрих Шилер, браќата Грим; во Англија: Џорџ Гордон Бајрон, Валтер Скот, Вилијам Вордсворд, Семјуел Тејлор Колриџ; во Франција: Жан Жак Русо, Франсоа Рене де Шатобријан, Мадам де Стал, Виктор Иго; во САД: Едгар Алан По; во Русија: Александар Сергеевич Пушкин, итн.

Scroll to Top