Почетна » македонска литература » Григор Прличев – „Сердарот“

Григор Прличев – „Сердарот“

За животот на Прличев

 

Григор Прличев е роден на 18 јануари 1830/31 година во Охрид, а починал на 6 февруари 1893 година. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му.

Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал.

 

На студии во Атина
Во 1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина што никогаш не го завршил, но тогаш за првпат дознал за конкурсот за поема. По 10 години се вратил во Атина, да ги продолжи студиите, а всушност да се пријави на конкурсот.
Со поемата „Сердарот“ („О Арматолос“) тој го освоил првото место, ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од сè словенско во него — и тој ја одбил.
Следната година повторно се пријавил на конкурсот со поемата „Скендер-бег“, но таа година по некоја случајност, конкурсот не се одржал.
Кога дознал за смртта на браќата Миладиновци, Прличев ја напуштил Атина и се вратил во татковината за да се бори со владиката Мелетија (виновникот за затворањето на Димитрија).
Од тогаш, па сè до крајот на својот живот, Прличев се борел со носителите на туѓото влијание во неговата татковина. Тоа ќе биде причината тој да биде прогонуван, па и затворан (во дебарскиот затвор).
Во 1871 година го објавил препевот на „Илијадата“, но бил жестоко искритикуван, па дури и исмеан од бугарската критика. Причината била тоа што тој пишувал на општословенски, а не на бугарски литературен јазик (кој не го знаел добро).
Тој се занесувал со идејата да направи општословенски јазик — комбинација од словенските јазици, кој ќе го користат сите Словени (словенски есперанто). За жал, таа идеја не била прифатена и реално била неизводлива. Разочаран, се повлекол во Солун каде ја напишал „Автобиографијата“. Во нашата литература ова е прво дело од ваков тип, напишано во проза.

Последните години од својот живот ги поминал во родниот град, речиси сосема осамен и разочаран.

 

Сердарот

Прочитај ја целата поема „Сердарот“

„Сердарот“ е историско-јуначка поема.

Темата е борбата на Македонците против насилствата на Гегите, или поопшто, борбата за слобода.
Идејата — да го прикаже макотрпното минато на својот народ и стремежот за слобода.
Поемата е напишана на грчки јазик (бидејќи се пријавил на конкурсот за поема во Атина).
Мотивот, Прличев го зел од народната песна за Кузман Капидан, а бил инспириран од тешкиот живот на Македонците од западните делови на Македонија кои биле изложени на терор од страна на Гегите. Па дури и турската власт за да го заштити населението од грабежи, за да може после да им земе даноци, морала да организира заштитнички единици. Кузман Капидан бил водач, сердар на една таква единица.

Поемата е сочинета од 228 строфи со по четири стиха (катрени), од кои првиот и третиот стих се петнаесетерци, а вториот и четвртиот осмерци. Во неа мотивот и версификацијата (градбата на стиховите) се под влијание на народната македонска поезија, додека стилските особености — сложените епитети, мотивите и ликовите од грчката митологија, опширната епска нарација, описот на оружјето, на двобоите и градењето на ликовите се под влијание на Хомер.

 

Содржина

 

„Сердарот“ започнува со потресна слика за положбата на македонското население во Галичник и Река, каде е лоцирано дејствието на поемата.

Пискотници се слушаат од Галичник во Река,
Што тешка несреќа ги збра
и мажите, и жените, та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?

Дал’ град полињата житородни ги беше фатил?
ил’ рој од скакулци се вдал?
Дал’ султанот арачлии пред време беше пратил
да збира арач лут без жал?

Ни град полињата житородни ги беше фатил,
ни рој од скакулци се вдал,
ни султанот арачлии предвреме беше пратил
да збира арач лут без жал!

Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,
тој сердар прочут падна в бој,
и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,
и да ги брани нема кој…

Со познатата словенска антитеза, карактеристична за нашето народно творештво (но и за Хомер, види го извадокот за разделбата на Хектор и Андромаха — употребена е истата стилска фигура), Прличев нè воведува во понатамошниот тек на поемата.

Гласот за смртта на јунакот се шири со голема брзина и тој предизвикува болка и страв кај населението, зашто ќе нема кој да го заштитува.

Од тој ужас и немир што се шири меѓу селаните, Прличев се префрла на тивкиот и мирен дом во кој мајката на Кузман, Неда, е осамена и во исчекување да се врати синот. Таа претчувствува нешто страшно, бидејќи сонувала како се руши куќата и потпорната греда (Кузман) не издржува. Со смирен тон и многу сликовито, Прличев ја опишува мајката:

На средна е доба; и јадра, сосема здрава,
кршна и херојски силна.
Извајана е амазонската нејзина става:
Вистинска личота милна.

Годините не ја намалиле нејзината убост;
на лице свежест се гледа,
младешката сочност не ја беше сменила грубост.
Таа е кутрата Неда!

Таа е последна која дознава за смртта на синот, сите се плашат да ѝ ја кажат кобната вест, но кога таа сепак допира до неа, Прличев го повишува тонот и ги градира чувствата:

Да, како лавица што дрско ловците ја гонат
и плодот и го крадат прв…
А тогаш и најтврдиот од очи солзи срона:
го стигна жалта својот врв.

Мајката жали, испушта крици како лавица, ја фрла шамијата од главата, ги кубе косите, но многу брзо се созема и им се обраќа на селаните возвишено и гордо:

Доста му се ридањата, пискотите мои ледни
за награда во овој час.
Над ваш’те невести и ќерки плачете, о бедни
бидејќи за нив нема спас.

Но, Неда не е само мајка на загинат јунак, туку и борец, закрилник на народот што ќе го земе мечот во својата рака за да го одмазди синот и ќе ја продолжи неговата борба:

Но и други борци ќе воскресне Река и водач
нивни ќе излезам в гора.
По вашата трага ќе тргнам и по вас ќе одам…
Јас да ве уништам морам,

Ил, мртва ќе паднам. Зошто ми е животот кога
син ми неодмазден ќе е?
Во бојот ќе побарам смрт. Но, по желба на бога
може и триуф да грее!

Гегите (Албанците) се непријателите кои го пљачкосуваат и тероризираат населението, но Прличев ги слика како поклоници на јунаштвото и чесноста. Тие за да му оддадат почест на големиот јунак, сами на раце го носат Кузмановото тело во домот на мајката, на тој начин искажувајќи ја почитта и кон неа и нејзиното херојско и гордо однесување. Стариот Албанец ќе каже:

И везден ти да плачеш, имаш зошто. Биди силна!
Ти загуби, о мајко, џин!
Народните ќе пеат колена со уста милна
за делата на твојот син…

Тој ќе ја опише борбата и невидената храброст и сила на Кузман кој убил многу Албанци и двобојот меѓу Махмуд и Кузман во кој загинал. Ја опишува Кузмановата смрт како најхеројска и достоинствена:

Од крвта ненаситен се уште водеше битка,
лутина гневна дишејќи;
од раните бликаше крвта, но се уште бритка
мавташе сабја, беснејќи.

Непријателот е воодушевен од јунаштвото и сака да ја утеши мајката:

…јас не сретнав појунак човек,
жено, од сина ти сакан.
И блажени нека се твоите гради се довек
што го отхраниле така.

Од голема почит, тој ќе вети дека Гегите никогаш нема да ја нападнат и навредат мајката на јунакот, дека таа секогаш ќе биде заштитена. Но, храбрата Неда не прифаќа да ја заштитат само неа, таа сака заштита за сите Македонци.

Прличев потоа го опишува ритуалот на капењето на мртовецот, тажачката на Неда, како и историјата на семејството, дека и Кузмановиот татко исто така се борел и храбро загинал.

На крајот од поемата, сосема кратко, но многу сугестивно е прикажана Марија, свршеницата на Кузман, која од силна љубов знае само за верност до гроб. Таа го презира својот убав лик, ги распушта косите и фрла пепел врз нив, сосема се отуѓува од животот и убавините што може да и ги донесе, па затоа се закалуѓерува.

…Румената лика од болката свенала многу;
лицето — восок и стана…
И почна од луѓето да се отуѓува; веднаш
в мисли да потоне знае…
Си шепотеше сама…И сите ја сметаа, бедна,
за поулавена да е…

Гробот на Кузман е секогаш осветлен со кандило и на него цвеќе има, бидејќи таа не го заборава, а не треба да го заборавиме ни ние.

Ликови

Со особено мајсторство и во хомеровски дух, Прличев ги насликал ликовите во неговата поема. Сите ликови се длабоко сугестивни, силно впечатливи, носители на возвишени, но и реални особини.

Неда е централен лик во поемата. Таа е мајка на јунакот, но и самата јунак. Таа е храбра — гордо ја поднесува смртта на синот, бестрашно им се спротивставува на непријателите, подготвена е и самата да се бори и да ја поведе борбата, да стане водач. Јасно е изразена нејзината решителност и чесност.
Но, освен овие возвишени атрибути, таа е сепак мајка, чувствителна, која безмерно го љуби своето единствено дете. Нејзиниот крик и плач е мајчин, зашто нема ништо пострашно од смртта на детето. Но, и во таа болка Неда не мисли само на себе, туку и на целиот нејзин народ кој останал незаштитен и кој треба да преземе дел од таа болка.

Во ликот на Неда, Прличев го насликал и ликот на својата мајка кон која чувствувал голема љубов и почит.

Кузман е загинат уште на почотокот од поемата, затоа за него дознаваме преку раскажувањата на другите ликови, ретроспективно (преку навраќања). Тој е олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Силен и храбар во борбите со него. Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. И кај него се гледаат обичните човечки особини како — љубовта и почитта кон мајката, како и љубовта кон девојката Марија со која сакал да го минува животот и да создаде семејство.

Гегите во поемата не се негативни ликови. Тие се непријатели — пљачкаши, немилосрдни, убијци, но и тие ги носат возвишените атрибути на чесност — носејќи го со сите почести мртвото тело на Кузман во домот на Неда, ризикувајќи да бидат убиени од гневното и желно за одмазда население. Тие и самите борци, имаат почит кон борецот, така ја покажуваат својата човечност. Особено се истакнува стариот Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка, величајќи го неговиот смртен непријател.

Марија, свршеницата на Кузман, иако е опишана сосема кратко, е исто така впечатлив лик. Таа е достојна на љубовта на големиот јунак, верна до гроб, бескрајно вљубена, тивка и искрена. По смртта на својот љубен, таа нема повеќе за што да се радува, се повлекува во калуѓерство, посветувајќи му се целосно на споменот на таа љубов.

„Сердарот“ има врвни уметнички квалитети. Поемата е симбиоза (обединување) на фолклорот, Хомеровиот стил и сопствената силна уметничка дарба на Прличев. Богатството на јазикот, стилските изразни средства, силината на претставувањето на ликовите, фабуларниот тек (со ретроспективни навраќања) ја ставаат оваа творба на највисоко место во периодот на романтизмот, но и денеска.

Scroll to Top