Почетна » македонски јазик » акцент » Акцентски целости

Акцентски целости

Акцентски целости и клитички изрази се една од основните одлики на македонскиот стандарден јазик во сферата на правоговорот.

Акцентски целости

Поимот акцентски целости се однесува на поврзување (синтагми) на два збора носители на акцентот изговорени со еден акцент, како во следните случаи:
а) лексикализирани изрази (означување на еден поим): кисел’а вода, кисел’о млеко, сув’о грозје, црв’ен пипер, ц’рн пипер.
б) Синтагми од атрибут + именка (вториот член на синтагмата е двосложна именка и затоа акцентот се пренесува врз придавката): зимн’о време, летн’о време, н’ов бунар, ст’ар човек, стар’и луѓе, топл’а вода.
в) Синтагми од атрибут + именка (вториот член на синтагмата е трисложна именка и затоа акцентот останува на именката): долга ‘улица, Нова г’одина, црна ш’амија.
г) Членуван атрибут (при што е редовно образувањето вакви целости): другат’а страна, леват’а рака, нашат’а нива, новат’а куќа, новот’о палто, старит’е луѓе.
д) Нечленувани синтагми со самостојно значење: прв’а вечер, Рус’а среда, трет’а вечер.
ѓ) Изрази со прилошко значење образувани од атрибут + именка: ц’ел ден, ц’ел живот, цел’а зима, цел’о време, цел’о лето.
е) Синтагми од именка + сопствени имиња: Поп ‘Андова, Хаџи Конст’антинов, цар С’амуил.
ж) Синтагми од прост број + именка (едносложна или двосложна): дв’а дена, двест’е грама, дес’ет дена, п’ет пари, ст’о евра.
з) Синтагми од заменски придавки + именка: ваш’и глави, м’ој човек, н’аш човек, наш’и луѓе, твој’а глава.
ѕ) Синтагми од показна заменка + именка (едносложна или двосложна): ов’а дете, ов’ој пат, ов’ој човек, та’а жена, ти’е луѓе, т’ој ден, т’ој час, т’ој човек.
и) Синтагми образувани од неопределените заменки еден и некој + именка (акцентот се префрла врз именката): еден ч’овек, една ж’ена, некој ч’овек, некоја ж’ена. Но акцентот останува кај заменската форма секој: с’екој ден, секој’а вечер, секо’е утро.
ј) Поздрави: до вид’ување, до гл’едање, д’обар ден, добр’о утро, добр’а вечер, д’обра ноќ, добр’е дојде, добре д’ојдовте, здрав’о-живо.
к) Mесни (географски) имиња: Газ’и Баба, Гол’о Брдо, Дем’ир Хисар, Кисел’а Вода, Мечк’ин Камен, Нов’о Село, Овч’е Поле, Црн’а Гора.

Клитички изрази

Клитичките изрази претставуваат една изговорена целина составена од клитика (неполнозначен збор) и акцентогена форма (полнозначен збор).
Клитика претставува збор кој нема свој акцент и може да се најде пред зборот носител на акцентот (проклитика) и по зборот носител на акцентот (енклитика).
Проклитики
Кај клитичките изрази разликуваме три случаи на поврзување: задолжително пренесување, можно (факултативно) пренесување и непренесување на акцентот врз првиот збор.
а) Задолжително пренесување на акцентот:
  • Во прилошки синтагми образувани од предлог + именка: (со просторно значење) в’о вода, д’о дома, д’о небо, з’ад врата, н’а гости, н’из поле, п’о пат, п’од земја, (со временско значење) д’о зори, з’а час, прек’у лето, ср’ед зима, (за начин) н’а сон(е), н’а нога, н’а рака, н’а смеа, н’а срце.
  • Во состави од предлог + долга заменска форма: б’ез нас, д’о мене, к’ај тебе, меѓ’у себе, пр’ед вас, с’о мене.
  • Во состави од негација + едносложни или двосложни глаголски форми: н’е бев, н’е гледам, н’е дојде, н’е одам, н’е пиј, н’е трчај, н’е чекам.
  • Во состави од прашален збор + глагол: к’ој рече? шт’о рече? ког’а дојде? шт’о виде? к’ај одиш? шт’о сакаш?
  • Во состави од сврзник + полнозначен збор: ‘и јас ‘и ти, ‘и ние ‘и вие, н’и ваму н’и таму.

 

б) Факултативно пренесување на акцентот:

 

  • Предлог + именка: без м’ака – б’ез мака, на В’ардар – н’а Вардар, на мл’адост – н’а младост, на тр’актор – н’а трактор, пред Б’ожик – пр’ед Божик, спроти ср’еда – спрот’и среда.

 

в) Отстапувања од третосложното акцентирање кај проклитичките изрази

 

Клитичките изрази со проклитика се акцентираат на вториот слог од крајот кога првиот збор е двосложен, а вториот (акцентогената форма) е едносложен заради симетрија со случаите кога акцентогената форма е двосложна. Тоа се прави во следниве случаи:

  • двосложен предлог + долга заменска форма: покр′ај нас, покр′ај вас, покр′ај нив (симетрија со: покр′ај мене, покр′ај тебе), меѓ′у нас, меѓ′у вас, меѓ′у нив, отк′ај нас, отк′ај вас, отк′ај нив, окол′у нас, окол′у вас, окол′у нив и др.
  • двосложен предлог + едносложна именка: покр′ај ѕиɡ, окол′у риɡ, прек′у пат. Забелешка: кај тросложните изрази акцентот може да падне и на третиот слог од крајот: прек′у пат и пр′еку пат, прек′у ѕид и пр′еку ѕид, но кај четирисложните изрази секогаш се акцентира на вториот слог од крајот: окол′у ѕид (не: ок′олу ѕид).
  • негација + две кратки заменски форми + едносложен глагол: не му г′о зел, не ми ј′а дал (симетрија со: не ми ј′а даде). Забелешка: изразите со една кратка заменска форма може да се акцентираат и на третиот и на вториот слог од крајот на изразот: н′е го зел и не г′о зел.
  • прашален збор + две кратки заменски форми + едносложен глагол: кој ми г′о зел, кој му ј′а дал.

 

Енклитики

 

Кај клитичките изрази со енклитика секогаш имаме задолжително пренесување на акцентот во составите од:

  • Именка + кратка заменска форма: бр’ат ми, брат’учед ми, братуч’етка ми, ж’ена му, м’ајка ми, т’атко ти, жен’ата му.
  • Показен збор + кратки заменски форми: ‘еве го, ‘еве ја, ‘еве ти, ‘ене ги, ‘ене го, ‘ете ги; ев’е ти ја, ен’е им го.
  • Заповеден начин + кратка заменска форма: вид’ете го, ‘види се, д’ајте ја, дон’еси ги, ‘оди си, ‘речи му.

 

Акцентски низи

 

Кај акцентските низи разликуваме два случаја на поврзување: задолжително пренесување и непренесување на акцентот врз клитиката.

а) Задолжително пренесување:

  • Проклитика + полнозначен збор + енклитика: не гл’едај ја, не д’авај ми, не ч’екај го, си му р’екол ли?
  • Проклитики (од кои негацијата е задолжителна) + полнозначен збор: не б’и дошол, не г’о виде, не м’у рече, не с’е смеат, не с’ум ɡошол, не ќ’е дојде.
  • Прашален збор + проклитика + полнозначен збор: кај ќ’е оди? кого г’о виде? кој м’у рече? кој ќ’е оди? кому м’у рече? што м’у рече? што с’и мислиш?
  • Полнозначен збор + клитика + полнозначен збор: годин’а и пол, педесет ‘и еден, тр’и и пол, триесет ‘и три.
  • Полнозначен збор + енклитики: заблагодарет’е му се, носет’е му го.

б) Непренесување на акцентот:

  • Проклитики + полнозначен збор: би го в’идел, ти ја пр’очитав, ќе си ‘одам, ќе ти го д’адам.

За темата АКЦЕНТ прочитај ги следните написи:

  1. Акцентот во македонскиот јазик
  2. Отстапување од третосложното акцентирање
  3. Акцентот кај зборовите од туѓо потекло
  4. Акцентски целости
  5. Акцент (матура) – кратко повторување на темата
Scroll to Top