Запирка (,)

            А. Запирка во проширената реченица

            1. Со запирка се одделуваат еднаквите делови во реченицата (подмети, предмети, атрибути), како набројување.
            На пр.: Доматите, пиперките, морковите и компирите беа скапи оваа година.
            2. Апозицијата се одделува со запирка.
            На пр.: Тони, мојот сосед, има убаво куче.
            3. Извиците се одделуваат со запирка.
            На пр.: Оф, нешто ме боцна!
            4. Вметнатите зборови и изрази се одделуваат со запирка.
            На пр.: Вие, се разбира, сте во право.
            5. Зборовите за обраќање се одделуваат со запирка.
            На пр.: Мамо, јас ќе си легнам.
            6. Запирка се става и пред зборовите: то ест, односно, и тоа, како и; а исто така и пред спротивните сврзници: а, ама, но, туку.
            На пр.: Тој нема да дојде, т.е. не може да дојде.
       Јас го направив тоа, а не ти.
            7. Потврдната честица да и одречната не, се одделиваат со запирка кога стојат на почетокот од реченицата.
            На пр.: Да, ќе дојдам.
                         Не, не доаѓам.
            Б. Запирка во независносложената реченица
            1. Составните реченици се одделуваат со запирка, освен кога се поврзани со сврзникот и. Пред сврзникот и никогаш не се пишува запирка.
            На пр.: Тој дојде, седна и почна да чита.
            2. Спротивните реченици редовно се одделуваат со запирка.
            На пр.: Не зборувај, туку слушај.
            3. Разделните реченици не се одвојуваат со запирка, освен ако втората е особено истакната или реченицата е премногу долга.
            На пр.: Или дојди кај мене или да дојдам кај тебе.
            Или слушај ме, или ќе те истепам!
            4. Исклучните и заклучните реченици се одвојуваат со запирка.
            На пр.: Сите дојдоа, само тој не дојде.
            Тој дојде, значи ме сака.
            В. Запирка во зависносложената реченица
            1. Сите зависни реченици кога се во инверзија или се вметнати се одделуваат со запирка.
            На пр.: Кога ќе дојдеш, ќе учиме заедно.
            2. Кога се во обичен ред може, но не мора да се одвојат со запирка. Тоа зависи од потесната или полабавата врска помеѓу нив.
            3. Исказните и целните реченици никогаш не се одделуваат со запирка.
            На пр.: Тој рече дека ќе дојде.
            Тој застана да купи леб.
            Останав дома за да учам математика.
Scroll to Top