Македонскиот јазик меѓу двете светски војни
По Балканските војни Македонија била поделена меѓу соседните држави. Во секој од деловите започнала силна асимилаторска политика што подразбира наметнување на тамошниот јазик.
Во Вардарска Македонија која ѝ припаднала на Србија, официјален бил српскиот јазик; во Пиринска Македонија која ѝ припаднала на Бугарија се наметнал бугарскиот јазик, а во Егејска Македонија – грчкиот.
.
Егејска Македонија
.
Во грчкиот дел политиката била најостра и македонскиот јазик се забранувал за употреба дури и дома, а за непочитување на тоа се применувале строги казнени мерки.
Оваа агресивна грчка политика била поставена и пред Друштвото на народите, под чиј притисок грчката влада дозволила да се состави буквар по македонски јазик – Абецедар (1925 г.)
Тој бил напишан на латиница, на лерински говор и содржел кратки текстови наменети за учење на азбуката. Но, грчките власти никогаш не дозволиле тој практично да се употребува и затоа не стигнал до училиштата. Иако со отпечатувањето на Абецедарот грчките власти сакале само да си ги избегнат непријатностите – сепак, тој е официјално признание дека македонски јазик и македонски народ постоел и постои!
.
Вардарска Македонија
.
Во Кралството СХС, подоцна Југославија, официјален јазик – на администрацијата, образованието и јавната комуникација бил српскиот, а македонскиот јазик бил сведен на дијалетна форма за домашна употреба.
Во овој период се појавуваат неколкумина драмски автори кои пишуваат на македонски јазик и со тоа го креваат на едно повисоко ниво – јазик на регионална употреба.
Оваа активност започнува 1928 година со драмата „Ленче Кумановче“ („Бегалка“) од Васил Иљоски, напишана на кумановски говор, но многу позначајна е појавата на драмата „Печалбари“ од Антон Панов кој не ја напишал на својот струмички говор, туку на западномакедонско наречје. Со ова, тој ја продолжил (К. П. Мисирков) и одново ја воспоставил практиката за пишување литературни дела на западномакедонско наречје.
По него и Ристо Крле ја пишува „Парите се отепувачка“ на струшки, западномакедонски говор.
Особено значајна е појавата на збирката песни „Бели мугри“ од Кочо Рацин со што се зацврстила улогата на централните македонски говори како основа за македонскиот литературен јазик.
.
Пиринска Македонија
.
Во Бугарија и натаму продолжил да опстојува Македонскиот литературен кружок, и иако бугарската политика била асимилаторска и негаторска, сепак, во тој период Коле Неделковски ги објавува своите две збирки песни во Софија („М`скавици“ и „Пеш по светот“).
Бугарите, се разбира, и ден-денес го оспоруваат идентитетот на поетот, но ние не мора да докажуваме ништо, самиот Коле си кажал во својата поезија кој е и како се чувствува:
.
Глас од Македонија
О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба –
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.
Та ете веќе векови цели
писка и стенка од волци гости –
за брата вијат кој да го дели
за да му глода сувите коски.
Па нека сега сам да си реши
со своја волја судба и сева,
в животот еднаш сам да се теши,
д’издигне славно свој род без врева.
Та Шар и Пирин дружно да викнат
родната песна в небеса темни
и бурниот Егеј – на век да плиска
тешкиот глас на новите химни.
- Почетоци на словенската писменост
- Македонскиот јазик во семејството на јужнословенските јазици
- Погледите за македонскиот јазик на Пејчиновиќ, Синаитски, Крчовски, Пулевски и Џинот (избор текстови) – прва половина на 19 век
- Македонскиот јазик во средината на 19 век (Учебникарската дејност)
- Македонскиот јазик во втората половина на 19 век
- Лозарите – претходници на Мисирков
- Погледите на К. П. Мисирков за македонскиот јазик — „За македонцките работи“ (почеток на 20 век)
- Македонскиот јазик меѓу двете светски војни
- Македонскиот јазик за време на НОБ
- Улогата на Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик
- Развој на македонскиот гласовен систем
- Развој на македонскиот граматички систем