Во Правописот на македонскиот јазик не постои посебно поглавје за правопис на броевите.
Овде се издвоени неколку правила каде учениците најчесто грешат.
- Бројот 6 и броевите составени со него се пишуваат вака:
6 — шест;
16 — шеснаесет;
60 — шеесет;
600 — шестотини;
6 000 — шест илјади.
- Кај десетките кои се образуваат со спојување на единицата и десет, гласот д од десет кај некои од нив се загубило:
два+десет — дваесет; три+десет — триесет; четириесет (Ова се случува кај оние чија единица завршува на самогласка.);
50 — педесет (пет+десет, заради поудобен изговор т од пет се загубило),
70 — седумдесет;
80 — осумдесет;
90 — деведесет.
Посебен случај имаме кај бројот 60 — шеесет (шест+десет) каде се добиле две е по губењето на трите согласки ст+д.
- стотките различно се изговараат и пишуваат:
100 — сто, 200 — двесте, 300 — триста,
потоа сите стотки ја имаат наставката: -стотини;
400 — четиристотини, 500 — петстотини, 600 — шестотини (не се повторува двапати групата ст, едната се загубила), 700 — седумстотини, 800 — осумстотини, 900 — деветстотини.
- се пишува: илјада (1000); но: милион, милијарда, билион.
- сложените броеви што се поврзуваат со сврзникот и се пишуваат одвоено.
- кај бројноста за лица имаме: двајца, тројца, четворица; па потоа: петмина, шестмина, седуммина, осуммина, деветмина, десетмина, единасетмина итн.
Членување
- броевите може да се членуваат и тоа: двата (двете), трите, петте, шесте (нема две т), деветте;
- кај стотките е различно: стоте, двестето или двестете, тристата, четиристотините, петстотините, шестотините итн.
- кај бројноста за лица: двајцата, тројцата, четворицата, петтемина, шестемина, седумтемина, итн.