Старогрчката митологија е богата со приказни за обични луѓе (освен богови, полубогови и суштества), во кои секогаш има поука. Тие ликови станале симболи за некои човекови особини, а во современата литература многу често се споменуваат и употребуваат во таква смисла.
Меѓу најпознатите митови во оваа митологија се:
Дедал и Икар
Дедал бил еден од најголемите уметници, скулптори и архитекти во Атина. Тој имал еден внук од сестра, кој бил особено надарен, речиси со уште поголеми способности од него. Плашејќи се да не биде надминат од внукот, љубоморен и заслепен од завист, кога немало никој во близина тој го фрлил момчето од атинската тврдина. Сепак, бил фатен на дело и затоа бил прогонет на островот Крит каде му служел на кралот Минос.
По некое време му здодеало и сакал да избега. Освен да лета, друг начин да избега од островот немало. Затоа, заедно со син му Икар, почнале да собираат пердуви кои ги ределе и лепеле со восок, а во средината ги врзале со ленена врвка. Кога ги направиле големите крилја, ги ставиле, но не смееле да летаат премногу ниско за да не се наводенат од морето, ниту премногу високо, блиску до сонцето за да не се стопи восокот.
Но, Икар толку уживал во летот што се занел и летнал многу високо каде топлината на сончевите зраци го истопила восокот, крилјата се распаднале, а тој паднал во морето и се удавил. Тоа била казната на Дедал за убиството што го извршил.
Тантал
Тантал бил горд крал кој немал доверба во боговите, во нивната семоќност и затоа бил казнет од Зевс. Тој го фрлил во царството на Ад каде го ставиле да стои во едно бистро езерце.
Водата му допирала до брадата, но колку и да го измачувала жед, тој не можел да се напие. Над него имало дрво со плодови, но ако посегнел да скине, тоа се оддалечувало. Вака, покрај вода и храна тој бил измачуван со жед и глад (танталови маки).
Сизиф
Сизиф бил најитар човек во древните времиња, но во една прилика го предал Зевс, па затоа бил казнет со смрт.
Сизиф сакал да се спаси со итрина, па и рекол на жена си да не го погребува и да не дава задушница. Потоа, божем да види зошто таа така постапила, тој излегол од Адот. Кога излегол, многу се забавувал и уживал во својот дворец. Тоа многу го разгневило Ад, го вратил во своето царство и го казнил Сизиф постојано да турка еден огромен камен од рамнината до врвот на ридот. Кога ќе го искачел ридот, каменот одеднаш му се испуштал од рацете и се сткалувал долу, назад во рамнината. Тој морал одново да се искачува со својот камен, но никогаш не можел да стигне до целта.
Затоа, по примерот на тој бесмислен напор на Сизиф, секој претежок и невозможен труд кој нема цел се вика сизифов камен или сизифов труд (работа).
Орфеј и Евридика
По аргонаутскиот поход, Орфеј се вљубил и се оженил за убавата нимфа Евридика. Но, таа бегајќи од несаканото внимание на Аристеј (богот на пчелите и пчеларството) згазнала на змија и умрела.
Орфеј го замолил Зевс да го пушти во Адот и да се обиде да ги наговори Ад и Персефона да му ја вратат Евридика. Тие воодушевени од неговата музика, од херојството и пожртвуваноста како љубовник и маж, се сложиле да ја пуштат, но под услов тој да не се сврти и да не види како таа оди по него. Орфеј се сложил, но на крајот од долгиот пат, раскинуван од страв, нетрпение, сомнеж и љубов се завртел да види дали таа навистина оди зад него. Тогаш таа вриснала и исчезнала засекогаш во Адот.
Кога се вратил во горниот свет, Орфеј живеел без никаква желба за живот, без храна и вода, не грижејќи се за тоа што ќе се случи со него.
Ахил
Ахил е син на Пелеј (крал на Мирмидонците) и Тетида (морска божица). Мајка му се обидувала да го направи бесмртен, па затоа ноќе го печела на оган.
Еднаш наишол Пелеј и таа за да го скрие го брцнала во реката Стиг, но заборавила на петицата за која го држела. Така таа останала негово ранливо место. (Ахилова петица означува нечија слаба точка).
Одисеј
Одисеј учествувал во Тројанската војна и го смислил тројанскиот коњ.
По десет години исцрпувачка војна, Одисеј смислил начин како Данајските племиња да влезат во силно утврдената Троја. Данајците се преправиле дека се поразени и како знак на примирје им подариле на Тројанците огромен дрвен коњ. Но, во неговиот шуплив стомак се скриле најхрабрите данајски војници. Ноќта, кога по големата веселба и пијанчење Тројанците заспале, Данајците излегле од коњот, ги отвориле портите од градот, ги нападнале неподготвените Тројанци и го запалиле и целосно го уништиле градот.
Затоа, денес изреката „тројански коњ“ симболизира измама.
Патешествијата на Одисеј не завршуваат со завршувањето на Тројанската војна. Тој уште десет години талка барајќи го својот дом – Итака и доживува најразлични случки. По 20 години отсуство го дочекуваат неговата верна жена Пенелопа и синот Телемах.
Едип
Едип е еден од најтрагичните ликови во древнобалканската митологија.
Тој бил син на кралот на Теба, Лај. Аполон го предупредил Лај дека ќе биде убиен од сопствениот син, па тој за да се заштити себеси, кога се родил Едип наредил да му ги прободат стапалата со шајка, да го однесат во шумата и таму да го остават. (Едип значи – натечени стапала.) Но, детето го пронашол некој овчар кој го однел кај својот господар, кралот на Коринт. Бидејќи тој со жена му немале деца, одлучиле да го задржат и одгледаат.
Кога пораснал, Едип отишол во пророчиштето Делфи каде му било кажано дека му е судено да го убие татка си и да се ожени со мајка си. Кога слушнал каква страшна судбина го чека и сакајќи да ја избегне, тој засекогаш го напуштил Коринт.
Наместо да побегне од судбината тој налетал на неа. Не знаејќи дека му е вистински татко, тој го убил Лај, отишол во Теба, ја решил загатката на сфингата и ја добил како награда кралицата за жена.
Тоа била неговата мајка Јокаста. Тие имале четири деца: Етиокле, Полинеик, Антигона и Исмена.
Подоцна, кога ја откриле вистината, Јокаста се обесила, а Едип си ги извадил очите со игли. Слеп и осакатен отишол во прогонство.
Митот за златното јаболко
На свадбата на Пелеј (крал на Мирмидонците и татко на Ахил) и Тетида (морската божица), божицата Ерида (на кавгата) фрлила златно јаболко со натпис „за најубавата“ пред Зевс кој требал да избере меѓу: Хера, Атина и Афродита. Тој не сакајќи да се замерува и да направи раздор, решил обврската да ја префрли на Парис кој тогаш живеел на планината Ида и не знаел дека е син на тројанскиот крал Пријам.
Неговиот татко, кога се родил Парис, по сугестија на пророците наредил да се убие бебето. Пророците рекле дека Парис ќе биде причината за уривањето на Троја. Но, мајка му го потплатила убиецот, па така Парис останал жив, пасел овци и не знаел дека е принц.
Значи, Зевс го избрал него да одлучи која од трите божици е најубава.
Богот Хермес (гласникот на Зевс) и трите божици дошле кај Парис носејќи го златното јаболко. Парис се зачудил како може еден прост овчар да одлучува за божествената убавина и решил да го подели јаболкото на три дела. Но, Хермес му ги прочитал мислите и му рекол дека мора да се одлучи за една.
Тогаш, секоја од божиците му понудила по нешто: Хера дека ќе го направи господар на Азија и најбогат човек на светот; Атина дека ќе го направи победник во сите битки, најубав и најпаметен човек на светот; а Афродита му ја понудила Елена, најубавата жена на светот (која тогаш му била жена на Менелај, брат на Агамемнон). Афродита со помош на нејзиниот син Амор направила Елена „смртно“ да се вљуби во Парис и да го напушти својот маж. Парис ѝ го доделил јаболкото на Афродита, а со тоа добил две непријателки кои ветиле дека ќе ја уништат Троја, бидејќи знаеле дека Парис е тројански принц.
Афродита го исполнила своето ветување, му ја „подарила“ Елена на Парис, но тоа ќе биде повод за десетгодишната Тројанска војна.