Согласките во непосреден допир

 

Ако согласките што се нашле во непосреден допир се наоѓаат меѓу две самогласки, се удвојуваат, а ако не се меѓу две самогласки, не се удвојуваат.

  • Согласките меѓу две самогласки се удвојуваат: нај+јак = најјак, раз+зелени = раззелени; од+далечи = оддалечи.
  • Истите согласки кога не се меѓу две самогласки, не се удвојуваат: без+звучен = безвучен, без+смртен (кај без- согласката з се едначи по звучност и добиваме бес-) = бесмртен

 

Исклучок од ова правило се префиксите:

  • ис- (исели, исвири), и
  • рас- (расели, раскока),

кои никогаш не се удвојуваат, без разлика дали се или не се меѓу две самогласки, како и

  • префиксот против-, кој секогаш се удвојува: противвредност, противвладин.

 

Пишување удвоени согласки

 

Во многу случаи поради јасната граница меѓу деловите од зборот или за да се разликуваат по своето значење не дошло до слевање на согласките, односно ги пишуваме со две согласки:
а) удвоени согласки се пишуваат кај согласките з, с, во префиксираните зборови со без-, из-, раз-:
  • со две самогласки меѓу двете исти согласки: беззабен, беззаконие, беззаштитен, иззаборави, иззавитка, иззакачи, иззалепи, иззимува, раззаби, раззелени, разземе, раззори,
  • НЕ се удвојува кога нема две самогласки: безвучен, безначаен, безлобен;
  • по едначењето по звучност, меѓу две самогласки: бессемен, бессилен, бессовесен, бессодржаен, бессолен, бессолзен, бессоница, бессочен, обессилен,
  • НЕ се удвојуваат по едначењето по звучност кога не се меѓу две самогласки: бесмртен, бесмислен, бесрамен, бестрашен, бестрастен.
б) Согласките д, т, се пишуваат удвоено во сложените зборови со префиксите: од-, над-, под-, пред-.
  • оддава, оддалеку, оддалечи, оддел, одделение, оддесно, оддивне, оддипли, оддиши, оддолжи,
  • наддава, наддаде, наддели,
  • поддава, поддаде, поддржи, поддувне,
  • оттаму, оттогаш, оттука, оттури, оттурне,
  • поттекст, поттик, потточка, поттура,
  • наттрча
в) Удвоено т се пишува и во членската форма на именките од женски род што завршуваат на -т:
  • животта, потта, пролетта, смртта;
исто така, и кај челуваната форма на броевите:
  • петте, деветте, десетте, единаестте, дваесетте; петти(от), деветти(от).
г) Двојно ј се пишува во суперлативната форма кај придавките кои започнуваат со ј-:
  • најјак, најјасен, најјадар, најјужен;

и кај именките: најјунак.

д) Удвоено м се пишува кај бројните форми:
  • седуммина, осуммина.
ѓ) Удвоено л се пишува во неколку зборови:
јамболлија (покрај: јамболија), каллив, бакаллак.
.
Слејување удвоени согласки

.
Кога меѓу две исти согласки, во составот од два дела на зборот (претставка или наставка) нема две самогласки, тогаш тие се слејуваат во една. Како и кај исклучоците со префиксите: ис- и рас-.
Такви примери се: 
а) Со претставки (префикси)
  • бестрастен, иседи, исекне, исече, исели, иситни, исуче, расади, расее, раседла, расече.
б) Со наставки (суфикси)
  • руски, воена, камена, пламена, опозициона, ротациона.
в) Кај именките на -ст во членуваната форма:
  • болест – болеста, жалоста, радоста,
  • и бројот шест — шесте.