Црта или тире (—) е интерпункциски и правописен знак.
Цртата се разликува од цртичката, која е двојно помала и е само правописен знак.
Интерпункциски знак
Како интерпункциски знак, цртата се пишува пред почетокот или во средината на реченицата и од двете страни се остава белина (празен простор).
- при пренесување директен говор;
На пример: — Каде си тргнала? — праша Мирко.
- во средина на реченица за да се одделат делови од текстот — реченици, зборовни состави или зборови, вметнати како објаснување или дополнување во состав на реченицата;
На пример:
Ги наполни гајбите со плодови — домати, краставици, тиквички и пиперки — и тргна кон пазарот.
- пред збор, израз или цела реченица што сакаме посебно да ја истакнеме;
- пред прирокот што е оддалечен од подметот во реченицата;
На пример:
Најподготвениот ученик, што ги знаеше сите лекции и што ги применуваше своите знаења — не дојде на тестот.
- пред делот од сложената реченица во којшто се испушта прирокот што е еднаш посочен;
На пример:
Ги однесе гостите секаде — па дури и дома.
- во искази со именски прирок каде се испушта глаголот сум, обично во наслови;
На пример:
Големиот успех — дело на учениците
Правописен знак
Како правописен знак, цртата се пишува со и без белини од двете страни.
Со белини се пишува:
- меѓу броевите наместо предлогот до или односот од — до;
На пример: Тие работат од 10 до 12 (или: 10 — 12) часот.
Ако првиот дел од односот е означен со од, тогаш не се пишува црта туку предлогот до.
-
кога се означува растојанието меѓу две места или правецот на движењето од едното до другото место;
- кога се означува односот помеѓу или против меѓу два поима;
На пример: Натпреварот Вардар — Шкендија заврши нерешено.
- да се означи опозиција или сооднос;
На пример: Антоними се: црно — бело, горе — долу, многу — малку, итн.
- кога се набројуваат поими доколку стојат еден под друг;
- во математиката наместо зборот минус;
На пример: 25 — 3 = 22
Без белина, споено, се пишува:
- кога се поврзуваат две имиња тесно поврзани во еден поим;
На пример: Селимова—Желчевски е нашиот најпознат дует.
- кога завршетокот на некој период се очекува во иднина, зад првиот број се пишува само црта;
На пример: (1995—)