Безлични се оние реченици кај кои прирокот не отвара место за подмет.
Дејствата или состојбите во овие реченици се без некаков вршител затоа што:
- не сме во состојба да го именуваме вршителот (Грми.);
- може да го именуваме, но не сакаме; се апстрахираме од вршителот давајќи му предност на дејството (Тука се работи деноноќно.);
- вршителот е сигнализиран со кратка заменска форма (Му се спие.);
- со безличниот глагол има, во неговото значење постои (Тука има многу непријатели.).
Во овие реченици глаголот (прирокот) може да се поврзува со другите реченични членови, на пример со предметот, но не и со подметот.
Видови
1. Безлични реченици со глаголски прирок.
На пример:
Грми. Студи. Врне.
а) Кај некои од овие реченици дејството може да се поврзе со лице, па тогаш употребуваме и кратка заменска форма.
На пример:
Ми студи.
б) Безлични реченици може да се образуваат и со глаголи кои може да се менуваат по лица.
На пример:
Тука се јаде добро.
На таа тема не се зборува.
в) Глаголите може да ги поврземе и со кратка заменска форма.
на пример:
Ми се јаде.
Не ми се зборува.
г) Безлични реченици, уште наречени и егзистенцијални, се образуваат и со глаголот има/нема.
На пример:
Има вечера за сите.
Нема правда!
2. Безлични реченици со глаголско-именски прирок.
Ништо не ми е!
Беше ноќ.
Сосема е разденето.
Така требало да биде.