Почетна » литература » Габриел Гарсија Маркес

Габриел Гарсија Маркес


Габриел Гарсија Маркес

Габриел Гарсија Маркес е роден на 6 март 1928 година во Аракатака, град во Северна Колумбија, каде го одгледале баба му и дедо му од мајчина страна.

Во куќата живееле безброј тетки со безброј приказни.
За да го разбереме Маркес мора да знаеме нешто за историјата на Колумбија, како и за необичното минато на неговото семејство.
.

Од историјата на Колумбија.

.
Колумбија ја добила својата независност од Шпанија 1810 година и е една од најстарите демократии во Латинска Америка, но вистинска демократија таму, за жал, никогаш не постоела..
На почетокот од колонизацијата таму живееле Шпанци и Индијанци кои се мразеле меѓу себе. Шпанците ја пустошеле земјата барајќи злато, религиозно ги преобратувале Индијанците и ја покажувале својата политичка моќ. И Англичаните ја одиграле својата улога расправајќи се за своите безбројни колонии во наредните векови.
Прогласувајќи се за независни во моментот кога Наполеон го расчинил шпанскиот крал (1810), новата земја ја почувствувала својата кратка слобода до 1815 година, кога на власт доаѓа генералот Мурило. Слободата била прекината од мечот на Мурило, време познато како „патријархатот на Боби“.
Во 1820 година Симон Боливар повтроно ја ослободил земјата  и станал нејзин прв претседател.
.
Либерали и конзервативци
.
.
Во 1849 година земјата се разделува на две фракции, две политички партии: либерали и конзервативци кои егзистираат до денес. Оваа политичка рамка е неопхадна да се сфати за да се разберат делата на Маркес, но и животот во Колумбија воопшто.
Овие две партии повеќе личат на воени фракции или кланови отколку на вистински политички партии со своја програма и идеологија. Двете биле репресивни, корумпирани и ја искористувале власта кога ќе дошле до неа и низ целата тажна историја на Колумбија тие војувале меѓу себе. Ако не си член на некоја од двете партии, тогаш си роден во една од нив, па секако спаѓаш во кланот. Тие дури и територијално се поделиле на: костењос (либералите) – крајбрежните и качакос (конзервативците) – централно-планинските предели. Овие термини се користат како погрдни од противниците.
Костењосите (либералите) биле од различни националности, користеле повеќе дијалекти и биле суеверни. Тие биле како пиратите и криумчарите измешани со црните робови – луѓе танцувачи, авантуристи, со свој став и стил.
Качакосите (конзервативците), пак, од друга страна биле поформални, аристократи, од чиста раса, кои се гордееле со нивните напредни градови како Богота, како и со чистиот шпански јазик кој го говореле.
Традиционално, тропскиот карибски брег бил либерален столб, а студените високи планини местото на конзервативците. Маркес себеси се сметал за костењос.
.
Војните во Колумбија
.

Низ 19. век, Колумбија била уништена од бунтови, граѓански војни и неколку државни удари. Кулминација на крвопролевањата е достигната во 1899 година кога почнала Војната од илјада денови – најдеструктивната граѓанска војна која траела до 1902 година со пораз на либералите.

Војната одзела преку 100 000 животи, главно селани и нивните синови. Дедо му на Маркес се борел во таа војна и многу ветерани ќе станат бесмртни како ликови во неговите дела.

 

Друг елемент кој ќе влијае врз творештвото на Маркес е „Масакрот на банана штрајкувачите“ во 1928 година. Иако е општо познато дека кафето е најважниот производ во Колумбија за извоз, во првите децении на 20. век и бананите биле од клучна важност за економијата.
Американската „Овошна обединета компанија“ држела монопол врз индустријата со банани која била главен извор на пари во костењос местата, вклучувајќи ја и Аракатака. Ова е еден од многуте примери на западниот империјализам, за една компанија која е корумпирана, неморална и која ужасно ги експлоатирала колумбиските работници.
Тогаш, преку 32 000 работници решиле да штрајкуваат изнесувајќи ги ужасните услови за работа, немањето медицинска помош, како и неплаќањето. Работодавците ја негирале нивната работа и нивното работно место, биле наречени „неработници“ и исклучени од колумбиските закони за работа и безбедносни регулативи.
Американците ги игнорирале нивните барања и кратко по почетокот на штрајкот колумбиската власт ја окупирала „банана зоната“ и ја вработила војската како штрајкбрејкери. Една вечер во декември огромна толпа се собрала на демонстрации. Владата на конзервативците испратила трупи кои пукале врз невооружените работници и стотици од нив загинале. Следните месеци многу луѓе едноставно исчезнувале, и на крај целиот инцидент бил негиран и избришан од историјата на Колумбија.
.
Но, не е избришан од меморијата на луѓето, па Маркес ќе го опише во романот „Сто години самотија“ и ќе го зачува за наредните генерации.
.
Насилство
.
Следна значајна случка што ќе влијае директно врз работата на Маркес која и самиот ќе ја доживее е ужасната епизода на колумбиската историја наречена „насилство“.
Корените на „насилство“ биле во „банана масакрот“.
Во тоа време единствениот политичар кој имал смелост да застане против корумпираната власт бил младиот либерал Jorge Gaitan кој сакал да го преиспита инцидентот. Тој почнал да се издигнува во очите на селаните и сиромашните, зашто сакал да го обелодени настанот, но моќниците од двете партии  биле згрозени и исплашени. Го користел радиото како свој медиум, го менувал јавното мислење, барал промени и воведување вистинска демократија. До 1946 тој станал доволно моќен за да предизвика раздор во неговата партија која функционирала од 1930 година.
Раздорот предизвикал конзервативците повторно да дојдат на власт. Конзервативците организирале парамилитарни групи кои ќе ги тероризираат либералните гласачи и убиле илјадници до крајот на годината.
Во 1947 г. ја добиле контролата во конгресот и го ставиле Гајтан за лидер на партијата. Спротивно од очекувањата на конзервативците, гласачите биле против нив во огромен број. Тензијата растела и во април 1948 г. Гајтан бил убиен во Богота.
Градот се тресел од огнена бучава три дена, период наречен ел Боготацо и биле убиени 2500 луѓе.
„Насилство“ тогаш влегла во уште посмртоносна фаза. Армии од герилци биле организирани од двете партии и теророт настапил во целата земја. Градови и села биле палени, илјадници биле брутално убиени, а преку 1 000 000 бегалци емигрирале во Венецуела.
Во 1949 година конзервативците убивале дури и политичари – либерали додека ги држеле своите говори. На крај, конзевативците го срушиле Конгресот, наредиле земјата да биде под опсада и либералите, сега наречени комунисти, биле прогонувани, осудувани и убивани. Земјата била уништена, а до 1950 година биле убиени над 150 000 луѓе.
.

Семејството на Маркес

.

Детството

 

Најважни роднини на Маркес биле секако неговите баба и дедо од мајчина страна.

Неговиот дедо бил Полковникот Николас Рикардо Маркес Меја, либерал, ветеран од Војната од 1000 дена. Живеел во Аракатака, банана град крај Карибите, место кое тој помогнал да се основа. Тој им бил нешто како херој на костењосите особено зашто не сакал да молчи за „банана масакрот“, праќајќи разни докази за убиства во Конгресот 1929 г.

Полковникот бил многу интересен и комплексен човек кој раскажувал многу убаво, водел интригантен живот кога бил млад – тогаш убил човек во двобој и се раскажувало дека имал над 16 вонбрачни деца. Раскажувал за своите воени преживувања речиси како да се пријатни доживувања, како младешки авантури со пиштоли.

Кога бил стар, Полковникот го учел малиот Гарсија нови зборови, правилна дикција, го носел во циркус секоја година и го запознал со мразот – чудото што било пронајдено од американската овошна компанија.

Исто така, му кажал дека не постои поголем товар отколку да се убие човек – мисла која подоцна Маркес ќе ја стави во устата на неговите ликови од романите.

Неговата баба Транкулина Котес, немала помало влијание врз внукот. Таа била преполна со суеверија и народни верувања како и нејзините безбројни сестри, па тие секогаш раскажувале приказни со духови, со разни кобни и зли наговестувања; а тие приказни Полковникот ги отфрлал и му велел на внукот да не ги слуша, дека се тоа само женски верувања. Но, тој ја слушал и го впивал нејзиниот стил на раскажување. Без разлика колку фантастични и невозможни биле нејзините ставови на крај секогаш испаѓале како непобитни вистини. Овој стил по 30 години ќе го усвои нејзиниот внук во пишувањето на своите дела.
.

Родителите

.
Во овој период од животот родителите на Габриел му биле странци, а причините за тоа се доста интересни. Неговата мајка, Лујза Сантјага Маркес Игуаран била едно од двете деца на Полковникот и жена му. Била девојка со душа, но за несреќа се вљубила во Габриел Елегио Гарсија. Тој потекнувал од конзервативно семејство и затоа бил „забрането овошје“. Освен тоа, имал репутација на заводник и бил татко на четири непризнаени деца. Тој не бил човекот што го замислувал Полковникот како иден зет, но тој сепак успеал да го освои срцето на Лујза со серенади, љубовни поеми, неброени писма и телеграфски пораки. Старите се обиделе на сите можни начини да се ослободат од него, но Лујза се вљубила и на крајот тие се сложиле.
Габриел Хозе Гарсија Маркес е роден на 6 март 1928 г. Во Аракатака. Бидејќи неговите родители биле многу сиромашни баба му и дедо му прифатиле да го израснат. 1928 година била крававата година на банана бунтот – лош почеток на новиот живот. Малиот Габито израснал во мирно и срамежливо момче, покрај приказните од дедо му и суеверијата на баба му.
Освен дедо му и тој, сите во куќата биле жени и во таа куќа е коренот на неговите дела – приказните за цивилната војна, банана масакрот, додворувањето на неговите родители, за женските суеверија итн.
Дедо му починал кога тој имал 8 години, а баба му речиси слепа не можела повеќе да се грижи за него. Тој отишол да живее кај своите родители во Сукре каде татко му работел како фармацевт. Тогаш започнува и неговото формално образование. Бил испратен во интернат  каде го сметале за срамежливо момче што пишува хумористични песни и црта стрипчиња. Бил толку сериозен и неатлетски граден што го викале „старец“.
.

Младоста

.
Кога имал 12 години добил стипендија за средно образование за надарени ученици. Тогаш бил во Богота, која не му се допаднала, му изгледала мрачна и депресивна. Овој впечаток му помогнал да се пронајде себеси како костењос (либерал).
Во училиштето бил стимулиран од учењето и читал книги во спалната. Пишувал, но не нешто значајно. Зaради читањето, пишувањето и цртањето стрипови се здобил со репутација на млад писател. Сепак, по желба на родителите се запишал на право наместо на новинарство.
Во тоа време се запознава со својата идна жена Мерцедес Барка Пардо. Темна и тивка, со египетско потекло, таа за него била најинтересната личност што ја сретнал. Пред да матурира, на еден излет со родителите, тој ја запросил, но венчавањето било одложено до завршувањето на школувањето. Се венчале по 14 години.
Сфатил дека студиите не го интересираат, почнал да не ги посетува часовите, да чита поезија наместо право. Јадел по евтини кафеани, пушел и се дружел со сомнителни личности – прегладнети артисти, отфрлени новинари итн.
Како и да, еден ден животот му се сменил, и тоа само заради една книга „Метаморфоза“ од Кафка. Тогаш сфатил дека не мора да се пишува класично, нарацијата да биде хронолошка и традиционална. Почувствувал ослободување и почнал да пишува. Неговите приказни биле објавувани во весниците.
Живеел бедно, а 1954 година во Богота почнал да работи како новинар. Напишал еден новинарски напис каде го опишал настанот на еден преживеан морнар од колумбиски разурнувач кој потонал од негрижа. Владата сакала да го прикрие тој настан, па затоа животот на Маркес бил во опасност. Тој морал да ја напушти татковината. Патувал по Европа, Венецуела и се вратил за да се ожени со Мерцедес, ризикувајќи си го животот.
Во тоа време престојувал и во Хавана каде се спријателил со Фидел Кастро. Тоа пријателство траело до крајот на животот, а предизвикало многубројни негативни политички реакции. Му помогнал на Кастро во Богота и Њу Јорк да отвори известувачки агенции и заради ова до 1971 година му бил забранет влез во САД.
.

Книжевни успеси

.
Најголеми книжевни успеси Маркес доживува додека живее со семејството (сопругата и двата сина) во Мексико Сити од 1959 година.
Прва успешна книга му е „На полковникот нема кој да му пишува“, објавена 1961 година, но сепак за нејгов најголем успех се смета романот „Сто години самотија“. Преведен е на многу јазици и продаден во над 10 милиони примероци.
Самиот раскажува како му се случило да го напише. Еднаш кога се приближувал кон Акапулко доживеал „откровение“ и ни самиот не знаел зошто – но морал да ја напише таа книга. Доживувањето било целосно – на тоа место, во тој момент можел да ја издиктира целата прва глава од збор до збор.
Кога се вратил дома, се затворил во соба и почнал да пишува секојдневно 18 месеци. Пушел по 6 кутии цигари на ден, го продал автомобилот и речиси сите електрични апарати од дома за да го прехрани семејството и да купи хартија за пишување. Ги заложил преосанатите работи од дома за да го даде ракописот на издавачот. И вредело – зашто неговиот роман е еден од најчитаните светски романи. Во него се прикажани 100 години историја на измисленото колумбиско гратче Макондо и го следи семејството Буендија во седум генерации. Генијалноста во романот е всушност прикажувањето на неверојатните, магични работи како нешто најнормално, а на обичните појави им дава натприродно значење. Истата техника ја применува и за прикажување на историските настани. Масакрот на неоколонистите е прикажан како нешто таинствено, матно, а епидемијата на несоница е прифатена како природна појава.
Во 1982 година Маркес ја добил Нобеловата награда за литература.
Почина на 17 април 2014 година во Мексико.
Scroll to Top