Едгар Алан По (1809-1849) е роден во Бостон, САД.
Откако таткото ги напуштил, мајка му починала кога тој имал две години, па бил неофицијално посвоен од богатиот трговец Џон Алан.
Пет години живееле во Англија и таму го започнал своето школување. Кога студирал во Вирџинија дошол во конфликт со потаткото и ја изгубил неговата материјална поткрепа.
Оттогаш се обидувал да се осамостои, почнал да пишува и објавува стихозбирки.
Две години бил во американската армија, за потоа целосно да ѝ се посвети на литературата. Работел како публицист и уредник на повеќе списанија, но цел живот бил сиромашен и гладен. По смртта на неговата млада сопруга тој ќе се растрои и ќе му се оддаде на алкохолот и дрогата. Живеел во агонија, работел многу, претчувствувајќи ја блиската смрт.
По е автор на поетските книги:
„Тамерлан и други песни“, „Аларааф Тамерлан и помали песни“,„Песни“, „Гарванот и други песни“;
книгите куса проза:
„Раскази, гротески и арабески“, „Раскази“;
новелата:
„Доживувањето на Артур Гордон Пим“;
а во последниот период од животот ги напишал песните:
„Ѕвона“, „Анабел Ли“, „За Ани“.
Популарноста прво ја стекнал во Европа, преведуван од Шарл Бодлер, а потоа и во целиот свет.
Гарванот
Еднаш среде полноќ една, покрај стари книги седнат,
дури водев в соба бледна со тајната ука спор,
дури дремлив тонев в скука, зачув некој тропнеж тука,
зачув некој како чука на портата однадвор.
„Некој гостин” – реков, – чука однадвор!”
Тоа сал и ниту збор.
Ах, си спомнам, многу јасно: в декемвриска вечер касна,
жарта в пепелта што згасна го засени мојот взор.
Жедно утрото го пекав; од книгите штуро чекав
спас од болот што ме штрека, бол по еден редок збор,
збор Ленора, свидна мома, тој ангелски убав створ,
Таа вечна неизгор.
А завесата од свила, в пурпур сета што се слила,
грозен шун во себе скрила. На ужас се чиниш створ!
Па срцето дури бие, јас го молам да се свие:
„Некој гост е што се крие пред портата однадвор –
доцен гост е што се крие пред портата однадвор” –
Тоа сал и ниту збор!
Веднаш срдито се вденав, мигум својот глас го кренав:
„Човек ли сте или жена, простете е мојот збор;
врз клепкиве дремка стежна, а пак вие в ноќва мрежна
тропнавте со усет нежна на вратата однадвор” –
тоа реков, порти ширум отворив и пратив взор –
Надвор мрак и ниту збор!
Длабоко во мракот страшен долго стоев втренчен, вџашен,
сонувајќи сон незнаен ни на еден смртен створ;
Спокој секаде се свлече, мирнотија в ноќта тече,
збор единствен што се рече беше тажен, шепнат збор,
збор, Ленора, што низ ехо се врати одговор.
Тоа сал и ниту збор.
В собата штом дојдов назад, сетив: морници ме лазат,
зачув некој како чука пак со удар тап и спор.
Па си реков: „дај, ќе идам до прозорецот, да видам,
треба сигурен да бидам таен ли е некој створ!-
Да се смирам сал за малку од тропнежот однадвор”-
Вон сал ветер развигор.
Панѕурите штом ги турнав, прекумене нешто јурна,
низ прозорецот се втурна Гарван горд до темен взор.
Ни да климне глава само, ни да запре в таа штама,
но со лик на лорд ил’ дама к’о што дојде однадвор,
врз бистата на Палада, над вратата, овој створ
претна, седна и ни збор!
И со таа птица света, што пред малку тука слета
одважна и строга сета, почнав чуден разговор:
„Бувка немаш да се реси, сепак плашлива ти не си,
грозно, страшно сениште си, Брегот ноќен ти е двор –
речи, какво име носиш в Плутоновиот ти хор?”
Тој сал гракна: „Nevermore!”
Станав плен на почудица, кога таа грда птица
ја чув како зборна в мракот сосем јасен одговор!
Никој смртен жив створ вака, среде глува ноќна мрака,
не чул птица да му грака и да му праќа огнен взор –
птица или друга лишка да му праќа огнен взор
со збор еден: „Nevermore!”
Гавранот, штом седна таму, еден збор тој гракна само
в душа божем тој збор може сам да начне разговор.
Друго појќе нид а каже, ни да пафне пердув влажен,
дур не сронив мрмор тажен: „Осамен сум долго створ.
И ти како мојта Надеж исчезнат ќе бидеш створ!”
Тој сал гракна: „Nevermore!”
Изненаден, мигнум трепнав, од одветот негов сепнат,
„Сомневање нема”, шепнав, „Се` е тоа празен збор”.
Од несреќен стопан сметен, кого пропаст го сплете
и го следи уште, ете, до песните преумор,
тажачките песни, припев на Надежта непрегор
од вечното: „Nevermore!”
Но Гавранот грак што срони, макар тажен, в смев ме гони,
па на столот седнав сонлив со втренчен во него взор;
Врз кадифе глава веднам, но ми тежи мисла една,
мисла тажна, мисла бледна: кој е овој зловест створ?
Овој кобен страшен хишник каков ли е судботвор
со своето: „Nevermore!”
В плен на такви мисли седев, птицата со глед ја следев,
без да речам ниту еден, дури ниту еден збор;
В плен на такви мисли вивнат, понабргу потем стивнав
и врз кадифе да здивнам, се отпуштив нем и спор,
врз кадифето кај Она нема веќе к’о жив створ
Пак да седне, „Nevermore!”
Одненадеж, ми се чини, мирис воздухот да прими
божем крилни серафими кадат тамјан беспрекор;
„Страдалнику”, реков тогај, „Ова дар ти е од бога;
по ангели тој ти прати мир и непент којшто мати.
Испи го и тогај мора да ja заборавиш Ленора!”
грак се слушна: „Nevermore!”
„Пророку!”, му реков право, „птица ли си или ѓавол!
Сеедно е кој те пратил! Сотона ли, друг ли створ!
Полн со очај, смел ил’ злобен, дојден ваму в крајов кобен,
в дом кај што цари ужас гробен, дај ми искрен одговор:
речи, дали Гилеада има цер за тој што страда?”
Тој сал гракна: „Nevermore!”
„Пророку!”, му реков право, „птица ли си или ѓавол!
Те колнам во тој што в светот владее над секој створ„
Речи и` на мој’ва душа, која јадови ја гушат,
дали повторно ќе ја гушка Ленора со љубен вор?
Дали пак во далек Еден ќе прегрне свиден створ?”
Тој сал гракна: „Nevermore!”
Нека биде тој збор сега збор разделбен, а не шега,
птицо или враже, бегај в Плутоновиот ти двор!
Не оставај пердув траги, спомени од твојте лаги,
остави ме в мисли драги, престани со твојот збор!
Од срцево извади го клунот свој, тој клун на нор!
Грак се слушна: „Nevermore!”
А Гавранот ни да претне, ниту пак замиг да летне
oд бистата на Палада, туку како кобник створ
над вратата бдее, молчи, со поспани демон-очи,
И врз подот сенка дрочи, без да гракне ниту збор;
и врз таа сенка – темна, душава, знам, веќе нема,
да се крене. „Nevermore!”
Напишано од: Билјана Богданоска
Користена литература:„Избор песни“ од Едгар Алан По
„За матуранти“ од Билјана Богданоска
„Македонски јазик и литература“ за III година за реформирано гимназиско образование; Стојка Бојковска, Лилјана Минова – Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски, Гане Тодоровски, Наташа Аврамовска.