Почетна » македонски јазик » Прашања и вежби за прилошки определби, атрибут и апозиција

Прашања и вежби за прилошки определби, атрибут и апозиција

  1. Што определуваат прилошките определби (додатоците на прирокот)?
  2. Наброј неколку прилошки определби!
  3. Какви реченични членови се атрибутот и апозицијата?
  4. Што е атрибут?
  5. Што е апозиција?
  6. Што се реченични еквиваленти (соодветници)?
  7. Направи синтаксичка анализа на следниве реченици:
         Легната на креветот жената продолжуваше да мисли на мртовецот.
         Во ковчегот изнајде еден огромен стар чадор.
         Коските од неговите раце беа обвиткани со светла оптегната кожа со црвени дамки.
         На плоштадот повторно зароси.
         Се обиде да се потпре со рацете.
         Со кого зборуваш?
         Воздухот беше сув.
         Прилегаш на клукајдрвец.
         Не грижи се!
         Не е без опасности.
         Тие проклети петли му ја скинаа главата.
         Еден од нив му понуди стол.
         На полковникот му се матеа мислите.
Одговори:
  1. Прилошките определби ги определуваат околностите под кои се врши дејството.
  2. Прилошки определби за: место, време, начин, количество, причина, цел, услов, допуштање.
  3. Атрибутот и апозицијата се второстепени реченични членови зашто не доведуваат до промена на структурата на реченицата ниту до промена на информацијата.
  4. Атрибутот е обично придавка или именка која определува некоја особина на именката до која стои.
  5. Апозицијата со други зборови го кажува истото што и именката до која стои (секогаш се одвојува со запирки).
  6. Реченични еквиваленти се всушност безглаголски реченици – синтаксички единици без прирок кои стојат самостојно во текстот (но нивното значење се подразбира од контекстот).
  7.  
         Легната на креветот (прилошка определба за место) жената (подмет) продолжуваше да мисли (сложен глаголски прирок) на мртовецот.(предлошки предмет со на)
         Во ковчегот (прилошка определба за место) изнајде (глаголски прирок) еден огромен стар (атрибути на предметот) чадор (директен предмет).
         Коските од неговите раце (подмет) беа обвиткани (глаголско-именски прирок) со светла оптегната кожа со црвени дамки.(предлошки предмет со со)
         На плоштадот (прилошка определба за место) повторно зароси.(глаголски прирок) – безлична реченица
         Се обиде да се потпре (сложен глаголско-именски прирок) со рацете.(предлошки предмет со со)
         Со кого (предлошки предмет со со)зборуваш (глаголски прирок)? – прашална реченица
         Воздухот (подмет) беше сув.(глаголско-именски прирок)
         Прилегаш (глаголски прирок) на клукајдрвец.(предлошки предмет со на)
         Не грижи се!(глаголски прирок – негиран)
         Не е без опасности. (глаголско-именски прирок – двојна негација)
         Тие проклети (атрибути на подметот) петли (подмет) му (индиректен предмет) ја скинаа (глаголски прирок) главата.(ја – главата – удвоен директен предмет)
         Еден од нив (подмет) му (индиректен предмет) понуди (глаголски прирок) стол.(директен предмет)
         На полковникот му (индиректен удвоен предмет)  се матеа (глаголски прирок) мислите.(подмет, трпител на дејството) – пасивна реченица
Scroll to Top