Почетна » македонски јазик » Согласување меѓу подметот и прирокот

Согласување меѓу подметот и прирокот

Согласување е приспособување меѓу зборовите во реченицата. Подметот и прирокот се согласуваат по род, број и лице.
  1. Согласување по лице.
Прирокот се јавува во она лице што му одговара на лицето на подметот.
Пр.: Седам на час.
  1. Согласување по род има кога прирокот содржи л-форма.
Пр.: Седел на час. (тој)
Проблем со согласувањето по род има кај именките како: директор, министер, амбасадор, адвокат и сл. Ако лицето е од женски пол, неправилно ќе биде согласувањето на подметот со прирокот ако кажеме: Директорот дала таква наредба. Затоа е подобро да се користат именките како: учителка, професорка: Директорката дала…. (што е и се почесто во практиката).
  1. Согласување по број има секогаш. Ако подметот е во еднина и прирокот е во еднина, а ако е во множина и прирокот е во множина.
Отстапка за ова има:
         кога се обраќаме од почит со формата Вие – ако прирокот е глаголски – тогаш е во множина: Вие го сакате нашиот град?; а кога прирокот е глаголско-именски: Вие сте добар човек. – тогаш прирокот е во еднина.
         Колективните именки – кои означуваат множество, но се во еднинска форма – добиваат прирок во еднина:
Пр.: Народот ќе одлучи. (а не: Народот ќе одлучат.)
Цело село излезе да го види. (а не: Цело село излегоа…)
Scroll to Top