Кочо Рацин (1908 – 1943)
Коста Апостолов Солев е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во семејството на сиромашниот грнчар Апостол Солев.
Имал гладно и сиромашно детство во кое многу работел и учел. Рано го сфатил ропскиот живот на македонскиот народ и затоа уште во детството кај него се јавила омраза кон експлоататорите.
Поради сиромаштија го прекинал школувањето во II клас нижа гимназија и му се посветил на татковиот, грнчарскиот занает. Но, секој слободен момент го користел за читање, повлекувајќи се на таванот и учејќи на свеќа. Ги читал делата на најистакнатите марксисти, социолози, писатели и мислители.
Меѓу двете светски војни станал член на Комунистичката партија на Југославија.
Во 1939 година, во Самобор, до Загреб, била отпечатена на македонски јазик стихозбирката „Бели мугри“. Книгата била забранета, но сепак брзо се раширила меѓу македонското население.
Во 1941 година Рацин работел во Софија, но по смртта на Коле Неделковски, бил гонет од софиската полиција, па избегал во Скопје.
Тука работел во Народната библиотека, а живеел илегално. Малку подоцна се вклучил во партизанските одреди. Го издавал весникот „Илинденски пат“. Работел во партизанската печатница и подготвувал нова книга за печатење.
Загинал несреќно (?) на 13.6.1943 година, на планината Лопушник.
Поетско творештво
Кај Рацин јасно се издвојуваат две фази во неговото творештво.
Првата фаза опфаќа песни напишани на српски (и бугарски) јазик, а втората, на македонски.
Прва фаза
Првата фаза ги опфаќа песните посветени на невозвратената љубов што тој ја чувствувал кон Рахилка Фирфова-Раца. Тој ѝ пишувал картички со љубовни изливи, а некои од нив ги напишал со сопствена крв.
Овие песни, вкупно 24 (19 на српски и 5 на бугарски јазик) како и 31 картичка го сочинуваат поетскиот ракопис „Антологија на болката“.
Во картичката од 6.10.1928 година, тој ќе напише:
„Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе. Антологија на болката… и мое портре ако побараш… Капка крв од моето тело и душа — ја имаш веќе… Моето идно име — ме врзува засекогаш со тебе….
… Прости ми или проколнувај — сеедно.
А јас сè љубам, сè проштевам, и сè заборавам…
Едно само жалам: што не ја чув Смислата преку звукот на твоите зборови… или барем нивната трага со мастило…
Таа никогаш не му одговорила на неговите љубовни изливи.
Освен овие песни, во првата фаза спаѓа и обидот да напише роман „Афион“ или „Опиум“, на српски јазик, кој не го довршил, а ракописот бил запален при неговото апсење во 1934 година.
Во 1932 година, добива награда од хрватското списание „Литература“ за новелата „Во каменоломот“.
Тој ги напишал и расказите: „Резултат“, „Златен занает“, „Татко“, „Тутуноберачи“, „Пладне“, „Еден живот“, „Радоста е голема“, „Јулус“, „Новак“.
Втора фаза
Во втората фаза, Рацин ќе биде преокупиран со животот и експлоатацијата на македонскиот народ и ќе пишува на македонски јазик.
Ќе ја напише и објави стихозбирката „Бели мугри“, како и неколку есеи, критики и историски осврти.
Прочитај ја целата стихозбирка „Бели мугри“.
Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, од кои 2 се циклуси (со по 6 и 7 песни) напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Односно, според лирскиот вид, сите песни во збирката се социјални, а мотивите се: аргатски, печалбарски, за пропаднатите занаети, елегични и револуционерни.
Насловот на стихозбирката е симболичен — пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви.
„Бели мугри“ е создадена под влијание на народната поезија, на „Зборникот“ на Браќата Миладиновци.
Со аргатски мотив се песните: „Денови“, „Селска мака“, „Тутуноберачите“, „Печал“.
Во стихозбирката „Бели мугри“ елегија е: „Ленка“, можеби најпознатата, антологиската песна на Рацин и балада: „Балада за непознатиот“.
Останатите песни на Рацин се со: печалбарски мотив, песната „Проштавање“; патриотски мотив, „Елегии за тебе“ и „Утрото над нас“ и исповедно-патриотска е песната „Татунчо“.