Сложената реченица е синтаксичка единица која содржи најмалку два прирока. Одделните реченици во рамките на сложената реченица се викаат дел-реченици.
Дел-речениците можат да бидат во независен однос или едната да зависи од другата, па затоа разликуваме: независносложени и зависносложени реченици.
Сложените реченици најлесно се распознаваат според сврзниците и сврзувачките зборови.
A. НЕЗАВИСНОСЛОЖЕНИ РЕЧЕНИЦИ
1. Составни реченици
Сврзници: И; НИ; НИТУ; ПА; ТА; НЕ САМО ШТО – ТУКУ И
Составните реченици најчесто соопштуваат напоредни дејствија, онакви што се одвиваат во исто време, а дел-речениците се одделуваат со запирка и сврзникот И :
Пр.: Седам, слушам и го запишувам најважното.
Дејствијата во речениците може да се одвиваат и едно по друго, да произлегуваат едно од друго, да имаат спротивен однос, но ако се сврзани со наведените сврзници – тие се составни:
Пр.:
Ќе поседам малку, па ќе си одам.
Не бев на забавата и (затоа) не знам што се случило.
Не ми се одеше на забавата и (пак) отидов.
Не само што ќе одам на забавата туку и ќе останам до сабајле.
* Според правописот, составните реченици со сврзниците и, ни, ниту, и со составот не само што – туку и, не се одделуваат со запирка. Исклучок е кога сврзникот и воведува заклучок (Не знаев ништо, и професорот ми стави единица.).
Пред сврзниците па и та обично се пишува запирка.
2. Спротивни реченици
Сврзници: А, НО, АМА, ТУКУ, АМИ, МЕЃУТОА
Спротивните реченици изразуваат спротивни односи на дејствата.
Пр.: Тој зборува, а таа ништо не го слуша.
Денес го преспав денот, но (ама) утре ќе учам.
3. Разделни реченици
Сврзници: ИЛИ, ИЛИ-ИЛИ, БИЛО-БИЛО, ДЕ-ДЕ, И-И, ЕМ-ЕМ, ЧАС-ЧАС, НИ-НИ
Пр.: Молчете или одете си. (Одете си или молчете.)
Децата или си играат или спијат. (Децата или спијат или си играат.)
Со разделните реченици се искажуваат дејства еднакви по важност, па затоа е исто кое дејство ќе биде прво.
* Разделните реченици со сврзникот или не се одделуваат со запирка, исто така и речениците со двојни сврзници, освен во некои случаи кога е особено истакната втората реченица, кога речениците се многу долги и ако има повеќе од две дел-реченици.
4. Исклучни реченици
Сврзници: САМО, САМО ШТО, ОСВЕН ШТО, ЕДИНСТВЕНО
Пр.: Те слушам, само не те разбирам.
Сите отидоа, единствено тој остана.
Кај исклучните реченици со едната дел-реченица се исклучува нешто искажано со другата.
* Кај исклучните реченици редовно се пишува запирка.
5. Заклучни реченици
Сврзници: ЗНАЧИ, ВЕРОЈАТНО, СИГУРНО
Пр.: Тој многу учеше, сигурно знае.
Тој молчи, значи виновен е.
Дејството кај едната дел-реченица доаѓа како заклучок на другата.
* Заклучните реченици обично се одделуваат со запирка.
Вежби:
1. Состави по една реченица со секој од сврзниците.
2. Од зададените две прости реченици обиди се да направиш што повеќе независносложени реченици употребувајќи различни сврзници. Откако ќе ја составиш сложената реченица – напиши каква е (составна независносложена…).
Болен сум. Цела недела не одам в училиште.
Вчера учев. Ќе ја поправам оценката.