Вежби :
1. Следните реченици подели ги на дел-речници, определи го видот според употребените сврзници:
а) Денес ќе одам кај неа, а утре ќе дојдам кај тебе.
б) Кога заврна, на улиците немаше веќе луѓе.
в) Тој има толку чевли што нови не му се потребни.
г) Ако останеш, ќе направиме вечера.
д) Часот што не го одржавме ќе го одржиме утре.
ѓ) Бевме кај Зоки и јадевме компирчиња.
е) Застани да ти кажам нешто.
ж) Му кажав дека ми е лошо, но тој продолжи да пуши во собата.
            2. Издвој ги временските зависносложени дел-реченици и временските сврзници:
            Утре ќе биде сончево. Кога ќе станеме, ќе ги земеме велосипедите и ќе одиме на излет. Штом ќе дојдат сите, ќе тргнеме. Дури да стигнеме ќе фати пладне.
            3. Издвој ги исказните зависносложени дел-реченици и сврзниците кои се употребени:
            Рекоа дека утре ќе биде сончево. Сите се радуваме што ќе одиме на излет. Се договоривме да одиме со велосипеди. Се надеваме дека ќе си поминеме убаво.
            4. Определи го видот на следните реченици:
            а) Излегов да купам чевли.
            б) Да имав пари, ќе си купев чевли.
            в) Треба да купам чевли.
            5. Од следните две прости реченици состави што повеќе сложени употребувајќи различни сврзници (со негирање на едното дејство состави уште сложени реченици). Кажи го видот на реченицата што си ја составил употребувајќи соодветен сврзник.
            Убава е. Ќе се оженам со неа.
Одговори:
а) Денес ќе одам кај неа, а утре ќе дојдам кај тебе.
            ќе одам, ќе дојдам – прироци, значи има две реченици;
            а – сврзник за спротивни реченици = спротивна независносложена реченица;
б) Кога заврна , на улиците немаше веќе луѓе.
            заврна, немаше – прироци (реченицата се дели кај запирката бидејќи сврзникот се наоѓа на почетокот);
            кога – временски сврзник = временска зависносложена реч.
в) Тој има толку чевли што нови не му се потребни.
            има, не се потребни – прироци;
            толку…што – последичен сврз. = последична зависносложена реч.;
г) Ако останеш, ќе направиме вечера.
            останеш, ќе направиме – прироци;
            реченицата се дели кај запирката бидејќи сврзникот е на почетокот (реченицата е во инверзија)
            ако – условен = условна зависносложена реченица;
д) Часот што не го одржавме ќе го одржиме утре.
            не одржавме, ќе одржиме – прироци;
            што не го одржавме се однесува на часот, значи што е односен сврз. = односна зависносложена реч.;
ѓ) Бевме кај Зоки и јадевме компирчиња.
            бевме, јадевме – прироци
            и – составен сврзник = составна независнослож. реч.
е) Застани да ти кажам нешто.
            застани, кажам – прироци;
            да – (за да) – целна зависносл.реч.
ж) Му кажав дека ми е лошо, но тој продолжи да пуши во собата.
кажав, е лошо, продолжи да пуши – прироци (3 реченици)
но – спротивен сврзник = спротивна независносложена реченица;
дека – исказен (декларативен) сврзник = исказна зависносложена реченица.
2. Кога ќе станеме… Штом ќе дојдат сите… Дури да стигнеме…
3. дека утре ќе биде сончево… што ќе одиме на излет… да одиме со велосипеди…дека ќе си поминеме убаво.
4. а) на сврзникот да можеме да му го додадеме предлогот за : Излегов за да купам чевли. – целна реченица;
б) сврзникот да можеме да го замениме со ако: Ако имав пари, ќе си купев чевли. – условна реченица;
в) да не можеме да го замениме – исказна (декларативна) реченица.
5. Убава е и ќе се оженам со неа. (составна)
Убава е, значи ќе се оженам со неа. (заклучна)
Ако е убава, ќе се оженам со неа. (условна)
Бидејќи е убава, ќе се оженам со неа. (причинска)
Штом е убава, ќе се оженам со неа.(временска)
Убава е така што ќе се оженам со неа.(последична)
Со негирање на едното дејство:
Убава е, ама не се женам со неа. (спротивна)
Иако е убава, не се женам со неа. (допусна).