Почетна » македонски јазик » Редот на дел-речениците во сложената реченица

Редот на дел-речениците во сложената реченица

Редот на дел-речениците кај зависносложените реченици може да биде:
1. Нормален
Под нормален ред подразбираме кога прво стои главната, па зависната реченица.
Такви се: причинските, последичните, целните, начинските, односните и исказните.
На пр.: Не напишав домашна бидејќи заборавив. (причинска);
            Тој дење работи толку многу што навечер веднаш заспива. (последична);
            Тој дојде да ме види. (целна);
            Трчаше кон него како да очекуваше подарок. (начинска);
            Жената што влезе во собата беше мајка ми. (односна -вметната);
            Тој рече дека ќе се врати. (исказна).
2. Слободен
Слободен редослед на речениците е кога може да стои прво главната, па зависната реченица и обратно. Односно, со менување на нивниот ред не се менува значењето на реченицата.
Со ваков редослед се допусните (и причинските) реченици.
            На пр.: Дојде в училиште иако беше болен.
            Иако беше болен, дојде в училиште. (допусна);
            Не дојде в училиште бидејќи беше болен.
            Бидејќи беше болен, не дојде в училиште. (причинска).
3. Инверзија
Под инверзија подразбираме кога прво стои зависната, па главната реченица.
Со ваков редослед се временските и условните реченици.
            На пр.: Кога почна да врне, си отидов дома. (враменска);
            Ако дојдеш порано, ќе одиме во кино. (условна).
            Кај овие реченици повообичаен е ваквиот ред, но може да ги употребиме и во обичен (нормален) ред.
            На пр.: Си отидов дома кога почна да врне.
            Ќе одиме во кино, ако дојдеш порано.
Scroll to Top