За животот на Матеја Матевски
Матеја Матевски е роден во Истанбул, 1929 година. Детството го поминал во Гостивар, а студирал во Белград и Скопје, каде завршил Филозофски факултет. Прво работел како наставник по македонски јазик, а потоа како новинар во Радио Скопје. Бил генерален директор на Радио-телевизија – Скопје.
Од 1956 година е член на Друштвото на писателите на Македонија и одреден период ја вршел функцијата негов претседател. Матевски е член на МАНУ каде бил претседател во периодот 2001 – 2004 година.
Во 2011, на јубилејните 50 Струшки вечери на поезијата нему му беше доделен Златниот венец.
Поетското творештво на Матеја Матевски
Творештвото на Матеја Матевски од првата стихозбирка „Дождови“, па до последната „Внатрешен предел“ е проткаена со немирот што го чусвтвува поетот заради оддалечувањето на човекот од природата, од неговиот искон.
Колку повеќе се оддалечуваме од природата, толку повеќе стануваме несвои, опфатени од злото, загубени. Можеби единствениот излез од неспокојот тој го наоѓа во враќање во минатото, во детството, во невиноста на младоста, во сеќавањата кога цивилизациското зло сè уште не го опфатило. Стремежот во неговата поезија е враќање кон природата, кон детството. Градот, асфалтот, висококатниците, тој сака да ги замени со зеленилото, мирот и спокојот што го нуди природата и човекот повторно да го поврзе со неа.
Ѕвона
Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети.
Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сѐ. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.
Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.
Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сѐ е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.
Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.
Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сѐ боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.
Дождови
1. Страв
Пристигаат троми пристигаат уморените коњи на просторот
тој далечен и наслутен шум на заборавениот говор
Тропаат беспрекин сами пред затворените прозорци
изгубено тропаат со нозете тапи без поткови
ти земјо по тебе лизгава и масна земјо мирна
тропаат темно измешани
Каде пред оваа маса пред овој памучен
хоризонт без линии
пред ова темно месо на земјата и ноќта
измешано длабоко месо и густо наеднаш
поплава на очите и на просторите смрт
Каде о каде ти јас ти море шумно и бескрајно
ти монотоно
поле хоризонтално уморено
желно за исправено ветровито разведрување
Каде о каде
ти тесто густо на дождот и земјата
човеку јас
камену во рацете и во очите кал
2. Песна
Од каде о каде доаѓаш ти позната незаборавна
песно ти дете безнадежно ти наивно
стрело од тревите и птицо на калта
сува и бескрајна врвицо низ дождот
врвицо сребрена игрива камењарко
каде ме водиш
Секогаш наслутена во водите и мракот
ти гриво блага гриво груба
нерамнодушно смела
секогаш жилаво месо на земјата и ноќта
гриво остра сабјо немирна на виделото
по сребрената врвица на просторот
како зрак и како светкавица
Па однеси ме па однеси ме велам ти детство
однеси ме ти песно старост вечна и незаборавна
ти најголема илузијо без метафора
прозору неспретно отворен грубо длабок
за сите бои на вечноста
Однеси ме низ овој дожд ти врвицо
за да ме вратиш блага во овој пристан мал
во ова нежно седало на сонот
3. Коњи
Пристигаат троми пристигаат уморените коњи на просторот
(дождови бледи беспатни и неми)
пред јаслите на моите дланови на прозорот
Храно велам хранете се испотени
и влажни од топлата пареа што се цеди
од колковите на ноќта
Игриво зањискајте да вриснеш
скокни ти птицо со заборавените крила
козјонога танчарко кобило преуморена
преку овој прозорец да скокнеме
заедно и во него пак
и секогаш без запирање
по сенестата ведрина на просторот
Тешко е себеси да се сфатиме како дел од бескрајниот универзум, тешко е да си ја определиме задачата на своето раѓање, тешко е да ги постигнеме сите недостижни цели, пребрзото минување на времето, да се сооживееме со бесмисленоста на секојдневието, нервозата на бетонското постоење, труење и себеуништување.
Единствено звуците и боите на природата можат да му обезбедат на човекот мир и спокојство. Еден поглед кон зајдисонцето е доволен за да си ја сфатиме смислата на своето постоење, убавината на живеењето.
Залез
Румено. Румено. Румено.
Како занесена песна
во синото море
на горите
тоне
залезот.
Од тревите до кавалот
од стадото до облакот
сѐ е бујно
запалено.
Од градите до песната
од чекорот до чешмата
сѐ е чудно
разгалено.
Стадо в кавал заљубено
ѕвоно в песна изгубено
око в божур залудено
Румено. Румено. Румено.
Езеро
По години и сништа многу
повторно се вратив
на езерово
со слатки води
залутано во скутот на ридовите
Дијамантот на сонцето
уште длаби
Не камен на неговото дно
ни трева грло што си крие
под брановите
ни птица грабеж див што носи
Око сум само око на сонцето
што му ги ниша водите
стари
О оставете ме крај ова езеро
оставете ме крај езерово
крај горчливово
оставете ме мртов