За Македонија е текст составен од стихови на Анте Поповски и Гане Тодоровски.
За Македонија
Мојата татковина, мојата Македонија, таа е секоја мисла, секој заглед, таа е занемената големина во песните на Гане Тодоровски и Анте Поповски. Во секој стих таа живее, во секоја мисла е победа на невремето, и ветување дека ќе го помниме нашето вчера, нашето минатото, ветување дека ќе се грижиме за иднината.
Македонијо – многузборлива немотијо! Знаеш ли дека покрај се, ние живееме, дека покрај се, нашински да си кажеме, колку сме – толку сме, токму сме!
Знаеш ли дека ни витосните векови, вековите невекувани, годините неизгодинети, деновите неразденети не не сотреа? Од тие векови силата ја црпиме, од тие години паметник градиме, од деновите – нашето сонце. Попусто не пребројуваат, попусто прекројуваат, малкуцка мислат лесно се сотруваат.
Ој Македонијо, истрајавме, се осмисливме и те помакедончивме. Ако сјуривме во градот, ако се прелажавме по весници, по струја, по телевизори, по убави станови – не заборавивме кои сме, ниту колку ќе чини тутунот годинава.
Ој Македонијо, и без селата Мијачки и без Помаците и Егејците, и без коските Мисирковите и Цепенковите и без Ѓорче Петровите… се помакедончивме.
Ние сме тука, во неа вкоренети, а таа е во нас, во срцето на сите вдлабена! Кога ќе ги стиснеме тревките, неа ќе ја исцедиме, кога ќе се потпреме врз каменот името ќе и го чуеме, дното на реките со неа ќе не почести, а ноќта за починка со неа ќе не покрие.
Мојата проста земја ги научи и ѕвездите да шептат на македонски иако никој не ја знае. Низ неа бели воѓе течат, брегови се прегрнуваат, мостови од камен од плеќести црни мажи се градат. Нашите дланки – корито се, од нас – планини ќе направиме, од копје па маж – брегови ќе сториме. Македонијо, твојот пат нагоре, а мојот кон тебе води! Твој сум, во твоите корени скриен – никојпат не ќе се разделиме!
И кога јас ќе заминам, кога на дабот името ќе ти го напишам, од грутката твоја внучињата да ми ги храниш. На овој рид ќе те оставам, за да те гледам ГОЛЕМА, моја Македонијо!
Текстот е составен од Билјана Богданоска