Почетна » светска литература » „Чекајќи го Годо“ – Бекет

„Чекајќи го Годо“ – Бекет

Семјел Бекет ги напишал романите: Марфи“, Молоа“, Малон умира“, Неименливото“; драмите: Чекајќи го Годо“, Крај на игра“, Среќни денови“, Игра“; и апстрактни, многу кратки драмски акти: Појди – дојди“ (со 121 збор) и Чин без зборови“ (нема зборови).

Добитник е на Нобеловата награда за литература во 1969 година.

Карактеристики на драмата „Чекајќи го Годо“

Чекајќи го Годо“ е антидрама (театар на апсурдот), која претставува празнина, чекање како празно дејство. Во неа има низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо – само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.
Ако животот на Мерсо од „Странецот“ на Ками е бесмислен и апсурден, тогаш животот и ликовите во оваа драма се супербесмислени и суперапсурдни.
Прочитај повеќе за Семјуел Бекет.

 

Темата на драмата е содржана во насловот, чекањето на двата главни лика (Естрагон и Владимир) на Годо, кој им ветува работа и подобар живот.

Идејата е во бесмислата на животот која сепак е поткрепена со надеж за подобра иднина и пронаоѓање на смислата. Надеж, дека утре ќе биде подобро, дека утре можеби ќе дојде Годо.
Во оваа драма сè е релативно. Времето, местото, па и ликовите. Времето е денес, утре и вчера, а можеби и не е. Самите ликови не знаат дали чекале вчера или некогаш порано, а и утре можеби ќе чекаат, ако стигнат на време. Местото е покрај некое дрво, кое можеби е грмушка. Апсурдот на релативизирањето оди до таму што не е сигурно дали е тоа вистинското место каде што се договориле да се чекаат и дали и вчера биле тука или првпат доаѓаат.
Драмата е трагикомедија во два чина, во кои дејството речиси се повторува.

Содржина на драмата „Чекајќи го Годо“

На селски пат, покрај едно дрво, навечер, Естрагон седи на една тумба и се обидува да го собуе чевелот. Веќе изморен од напорот што го вложува, кога доаѓа Владимир, тој вели:

Естрагон:       Не сака, па Господ!

Во оригиналниот текст, репликата е: Nothing to be done, што содржи повеќе значења: не може да го собуе чевелот, но и: нема што да се прави, не може ништо да се направи (измени), како и: здодевно е. Оваа реплика се повторува и неколкупати подоцна во текстот како лајтмотив.

Владимир одговара сфаќајќи го ова на повисоко ниво, а не конкретно на чевелот:


Владимир:      Почнувам да го сфаќам тоа гледиште. Целиот живот се обидував да се ослободам од него, велејќи си: Владимир, биди разумен, уште немаш испробано сè. И ја продолжував борбата.


Разговорот продолжува, мило им е што повторно се гледаат, Естрагон кажува дека преноќил во ров, дека повторно го малтретирале и сака Владимир да му помогне да го собуе чевелот. Тој му вели дека треба секој ден да ги собува чевлите за да не го болат нозете. Нивниот разговор е обичен, скокаат од тема на тема и да се раскажува сето она што го зборуваат е бесмислено.
Всушност, содржината на драмата е следната: двајца скитници, Естрагон и Владимир, го скратуваат времето со разговор додека го чекаат Годо. По патот поминуваат Поцо и Среќко (Лаки), малку се задржуваат со нив, па продолжуваат понатаму. На крајот доаѓа Момчето, гласникот на Годо, кој им кажува дека тој сигурно ќе дојде утре.
Во вториот чин, Естрагон и Владимир повторно се наоѓаат на истото место, повторно си го скратуваат времето со разговори, повторно доаѓаат Поцо и Среќко (во малку поинакво издание) и на крајот повторно доаѓа Момчето со истата порака. Соджински, тоа е сè.

Во драмата комични се ликовите, кои личат на кловнови, носат шапки – полуцилиндри и понекогаш со нив играат, меѓу себе се викаат Диди и Гого, комични се и некои дијалози кои граничат со бесмислата, но на крајот сепак се добива трагичен впечаток. Тие го чекаат Годо од кого нешто очекуваат, а не знаат ни што е тоа, ни дали ќе се случи. Всушност Естрагон ништо не знае за него, ниту за некаков договор со него, а Владимир не само што не е сигурен дека името му е Годо, туку не го ни познава, бидејќи кога доаѓа Поцо, дури откако ќе си го каже името тој сфаќа дека тоа не е Годо. Тие не се сигурни дека треба да го чекаат токму денес, токму на тоа место, ниту дека Годо навистина ќе дојде.

Во бесмисленоста на своето постоење ваквиот дијалог меѓу нив е вообичаен:

Естрагон:       Ајде веднаш да се обесиме.
Владимир:      За некоја гранка? (Се доближуваат до дрвото). Ништо не му верувам.
Естрагон:       А што ќе нè чини ако пробаме?
Владимир:      Ајде.
Естрагон:       По тебе.
Владимир:      Не, не — прво ти.
Естрагон:       Зошто прво јас?
Владимир:      Ти си полесен од мене.
Естрагон:       Па токму поради тоа!
Владимир:      Не разбирам!
Естрагон:       Употреби ја својата интелигенција. Дали можеш?
Владимир ја употребува својата интелигенција.
Владимир:      (најпосле): Уште ништо не ми е јасно.
Естрагон:       Еве како изгледа тоа… (Размислува). Гранката… Гранката… (налутено). Ма, размисли малку со своја глава! Зарем не можеш?
Владимир:      Ти си мојата единствена надеж.
Естрагон (со напор): Гого — лесен!… Гранката — не се крши!… Гого — мртов. Диди — тежок!… Гранката — крши… Диди — сам. Додека, меѓутоа —
Владимир:      Види, на тоа воопшто и не помислив!
Естрагон:       Ако успееш ти да се обесиш на неа, ќе успеам и јас.
Владимир:      Зарем јас сум потежок од тебе?
Естрагон:       Тоа ти го рече. Јас не знам. Шансите изгледа се подеднакви. Или барем приближни.
Владимир:      Па тогаш што да правиме?
Естрагон:       Да не правиме ништо. Тоа е најсигурно.
Владимир:      Да причекаме додека да видиме што ќе ни каже тој.
Естрагон:       Кој?
Владимир:      Годо…
Естрагон:       Добра идеја.
Владимир:      Да причекаме додека да видиме точно на што сме.
Естрагон:       А, повторно, можеби подобро би било да го коваме железото додека не се изладило?
Владимир:      Многу сум љубопитен што ќе ни понуди тој. А ние тогаш или ќе прифатиме, или ќе го бакнеме, па ќе го оставиме.
Естрагон:       А што всушност, бараме ние од него?
Владимир:      Зар ти не беше присутен?
Естрагон:       Изгледа дека не слушав.
Владимир:      Па, така… ништо конкретно.
Естрагон:       Некоја лесна работа?
Владимир:      Точно.
Естрагон:       Понизна молба.
Владимир:      Тоа.
Естрагон:       А што одговори тој?
Владимир:      Дека ќе види.
Естрагон:       Дека не може ништо да вети.
Владимир:      Дека би морал да размисли за тоа.
Естрагон:       Во мирот и тишината на својот дом.
Владимир:      Да се посоветува со своето семејство.
Естрагон:       Со своите пријатели.
Владимир:      Со своите застапници.
Естрагон:       Со своите претставници.
Владимир:      Со своите трговски книги.
Естрагон:       Со својата сметка во банката.
Владимир:      Пред да донесе некоја одлука.
Естрагон:       Тоа е нормална работа.
Владимир:      Мислиш дека е?
Естрагон:       Мислам.
Владимир:      И јас така мислам. (Тишина).

Што дознаваме од овој дијалог? Времето го минуваат во разговор за бесењето, како што претходно го поминуваа во разговор за чевлите на Естрагон – ништо поразлично. И кого го чекаат и зошто? Не дознаваме ништо за Годо, ни кој е тој, ни што работи, ни што ветил, ни што поседува. Сè е тука можеби.
Можеби е, исто така, Естрагон полесен од Владимир, а можеби и не е. Можеби имаат 60, 70 години или како што вели Естрагон за Владимир, би му дал 11 години. Сè е релативно.
Чевлите што едвај ги собува Естрагон на почетокот од драмата и ги остава на патот за некој како него да ги пронајде и да се усреќи, во вториот чин тој самиот ги наоѓа и повторно ги обува, за на крајот пак да сака да ги собуе.
Релативно е и времето, бидејќи утредента кога се сретнуваат, веројатно на истото место, дрвото од црно станало разлистено и зелено. Времето е толку релативно што во еден миг, Поцо ќе извикне:

Поцо:  До кога мислите да ме давите со тоа ваше проклето време? Тоа е одвратно! Кога! Кога! Еден ден, зарем тоа не ви е доволно? Еден ден, како што се сите други, тој онеме; еден ден јас ослепев; еден ден оглувевме; еден ден сме родени, еден ден ќе умреме, истиот ден и истиот час – зарем тоа не ви е доволно!?

Односот на минувачите, Поцо и Среќко е уште порелативен. Во првиот чин претставуваат бизарна слика на господар – Поцо, со камшик и долго јаже врзано околу вратот со кое го тера својот потчинет роб – Среќко. Поцо постојано го навредува со зборовите: свињо“, мрзо“, ѓубре“ итн., а освен тоа, Среќко е натоварен со многу глупости кои не ги испушта од рацете: една тешка торба, стол на расклопување, излетничка корпа за храна и капут префрлен на раката. По наредба на својот господар, тој игра и мисли“ и тоа само ако шапката му е на глава. Во сцената со неговото мислење“, тој толку се занесува и не престанува со своите филозофски размислувања кои останатите не можат да ги поднесат, па за да го прекинат, мора да го кутнат на земја и да му ја тргнат и уништат шапката.

Во вториот чин, пак, тие се јавуваат во поинаква улога и во уште побизарна сцена. Поцо е слеп, а Среќко нем. Среќко е натоварен со сите предмети, но јажето е пократко за да не се загуби Поцо. Поради таа ситуација тие постојано паѓаат и не можат да станат. Ако не им помогнат други луѓе, тие ќе останат паднати, како што вели Поцо додека не станат“.

На крајот, повторно доаѓа Момчето, кое не се сеќава дека било тука и вчера, ниту ги препознава Естрагон и Владимир, а ја носи истата порака – утре!
Тие се свесни за својот безизлез:

Естрагон:       Каде ќе одиме?
Владимир:      Нема да одиме далеку.
Естрагон:       О, да, ќе одиме! Ќе одиме далеку оттука.
Владимир:      Не можеме!
Естрагон:       Зошто?
Владимир:      Мораме утре да се вратиме тука.
Естрагон:       Зошто?
Владимир:      Да го чекаме Годо.
 ………………………………..
 Естрагон:       Зошто да не се обесиме?
 Владимир:      Со што?
 Естрагон:       Немаш малку јаже?
 Владимир:      Немам.
 Естрагон:       Тогаш не можеме.
 …………………………………
 Естрагон:       Диди.
 Владимир:      Да?
 Естрагон:       Јас не можам веќе вака.
 Владимир:      Така велиш?
 Естрагон:       А ако се разделиме? Можеби тогаш ќе биде подобро.
 Владимир:      Утре ќе се обесиме. (Пауза). Ако Годо не дојде.
 Естрагон:       А ако дојде?
 Владимир:      Ќе бидеме спасени.

Ликови

Карактеристично за драмското творештво на Бекет е што ликовите се јавуваат во двојки. Едната двојка се Естрагон и Владимир, скитници и неразделни другари, а втората Поцо и Среќко кои се во однос надреден и потчинет.
Ликовите се надополнуваат еден со друг и во своите карактери не се сосема издифиренцирани. Тие се тажни кловнови, чиј живот е сосема бесмислен, бесцелен, исполнет само со празнина и чекање. Чекање на излезот и на спасот.
Естрагон и Владимир речиси не се разликуваат. Естрагон е малку поемотивен, а Владимир поразумен и порационален, Естрагон повеќе заборава, а Владимир малку помалку, на Владимир му смрди здивот, на Естрагон нозете. Тие не можат еден без друг, си помагаат, се чуваат. Неразделни се, иако за време на ноќта се разделуваат, но веќе следниот ден тие повторно се наоѓаат привлекувајќи се како магнет. Кога Естрагон ќе го слушне Владимир дека пее додека е сам, тој љубоморно ќе заклучи дека е среќен без него. Всушност, двајцата биле задоволни што ноќта ја минале сами, но потоа некоја сила ги влече повторно да се доближат. Тие иако се двајца, се чувствуваат како еден и се чувствуваат осамено. Затоа кога ќе се појават Поцо и Среќко, Владимир е среќен што побрзо ќе им помине времето и вели:

 Владимир:      Сега повеќе не сме сами, чекајќи ја ноќта, чекајќи го Годо, чекајќи …чекајќи. Цела вечер се боревме, без ничија помош. Сега со тоа е готово. Веќе е утре.(…) Времето веќе истекува. Сонцето ќе зајде, месечината ќе изгрее, а ние ќе заминеме … оттука.

Кај другите два лика имаме сосема различна варијанта. Тие се спротивни. Нивниот однос е однос на надреден и подреден; на господар и роб, па според тоа, тие би требале да се одбиваат. Но, и тие се во неразделна врска. Господарот Поцо и покрај сето изживување врз Среќко не може да го оттурне од себе. Среќко прави сè за да му се допадне на господарот и да остане во негова служба. Не го испушта багажот (во кој има песок за да тежи), игра, пее, мисли, врзан е со јаже за вратот на кој му се направиле рани, го трпи камшикот. Нивната спротивност се зголемува кога Поцо ослепува, а Среќко онемува, но тие пак се заедно.

Во современото општество во кое е карактеристично отуѓувањето на луѓето, ликовите насликани во драмата се типични. Неразделните врски се такви поради навиката и неиницијативноста. Често се дружиме со истите луѓе, ги чуваме старите пријатели, зашто ни е тешко да наоѓаме нови, одново да ги запознаваме и да се зближуваме. Тешко е да се направи чекор напред. Посигурно ни е да седиме и да чекаме, отколку да го направиме чекорот кон неизвесното и новото. Дали навистина не постои излез? Изборот што го правиме е слободен, никој не нè ограничува, освен самите ние – заради стравот од непознатото.

Во вториот случај, иако изборот на претпоставените не го правиме, не значи дека мора безусловно да го трпиме јаремот што ни го наметнуваат, а со тоа целосно да го изгубиме нашето достоинство. Во модерното општество сите ние сме на некој начин Среќко, а малкумина се Поцо.

Scroll to Top