Северно наречје на север граничи со српската јазична територија, а јужната граница оди по линијата Тетово – Скопје – Свети Николе – Пробиштип.
А. Акцент
Во областите што граничат со западното наречје акцентот е на третиот слог од крајот на зборот (како во западното наречје), а во останатите области акцентот е слободен (како во источното наречје).
Б. Фонетско-фонолошки особености
1. Групата цъв преминала во ц’в (цăв).
На пр.: ц’вти.
2. Двата ера (ь и ъ ) преминале во (ă)
На пр.: д’н, с’н, д’ш (дăн, сăн, дăш).
3. Предлогот и префиксот в/во преминале во у.
На пр.: он иде у грат; улезе, унутра, унук.
4. Се чуваат старите меки лъ (љ) и нъ (њ).
На пр.: поље, постеља; њива, његово.
5. Наполно се изгубил гласот х.
На пр.: бе, сирома.
6. Старото вокално л преминало во у или лу.
На пр.: јабука, вуна, слуза.
7. Групата мн преминала во мл.
На пр.: млого, млозина.
а, групата мј во мњ: земња, ламња.
В. Морфолошки особености
1. Се употребува заменската форма: он, она, оно; они.
2. Се употребува множинската наставка -е, кај именките од женски род што завршуваат на -а.
На пр.: жена – мн. жене; њиве, јабуке.
3. Се употребува наставката -мо за 1л. мн. сегашно време.
На пр.: имамо, идемо.
4. Се употребува наставката -в во 3л. мн. сег.вр.
На пр.: тие имаат – они имав.
5. Наместо неа ја се употребува њума гу, а наместо него го – њега га.
6. Посвојната заменка за женски род гласи : њојзе, њојно.
7. Карактеристична е заменската форма: сваки, свакога, свакак’в.
8. Помошниот глагол сум во 3л.мн.сег.вр. е са.
На пр.: тие се – они са.
9. Предлогот со се удвојува: сос, с’с.
Г. Синтаксички особености
Во говорите што граничат со западното наречје, особеностите се како таму: га видо, он донел (кратката заменска форма пред глаголот и испуштање на помошниот глагол); а во североисточниот дел особеностите се како во источното наречје: видо га, он је донеа.